Епископ Јегарски Порфириј (Периќ)
Осаменоста не е категорија на хоризонталата, и ние кога чувствуваме осаменост, тогаш чувствуваме себељубие, но себељубие како недостаток на љубов кон Бога. Зашто ако сме во заедница со Бога и знаеме дека Бог нè љуби, ние за дружба го имаме најнеопходниот, за пријател некого кој ни е најпотребен нам. Значи, ако Го имаме Бога за пријател, ако сме со Него во заедница, во тој случај никогаш не можеме да бидеме осамени, и ако се обидеме да возвратиме во таа заедница, секогаш ќе бидеме во заедница со сите оние кои се членови на евхаристиската заедница, но пак и пак, според мерката на нашиот подвиг и според мерката на нашата љубов.
Значи, секогаш кога се чувствуваме дека сме осамени, дека сме тажни, дека сме напуштени, дека никој не нè разбира, мораме да знаеме дека имаме проблем самите со себе, со својот егоизам и тоа е нашиот најголем непријател.

Мора да знаеме дека тогаш, во нашиот живот, се вклучила логиката, повеќе отколку што треба, на штета на љубовта. Логиката има потреба да го брани своето его, да ги брани своите права, па според тоа нема друг излез освен да појдеме по патот на крстот, да појдеме по патот на распнувањето, по патот на жртвата, но секогаш имајќи Го Христа во умот. Затоа што, ако сакаме да ги исполнуваме заповедите за љубовта Божја, заповедите за жртвата, а при тоа не се сеќаваме на Христа, тогаш тоа ќе ни причини товар и ќе видиме мака. Тоа е како кога имате конфликт некој, на пример, мажот со жената, и сега мажот знае, дека тој треба да истрпи бидејќи тоа го кажува Евангелието, а воопшто не се сеќава на Христа и не гледа во тоа можност за учествување при тоа во крстот Христов, тогаш тоа негово трпение ќе прерасне во подголтнување. Всушност кога трпењето е во Христа и заради Христа, тогаш тоа е трпение кое ослободува, кое афирмира и кое е пат во радоста, пат во животот.
Сè зависи од нашиот однос со Христос, нема тука многу мудрување, сè е толку едноставно. Сè е многу, многу едноставно.
Христос го сака секого од нас на неповторлив начин и засекогаш, и таков каков што е и Христос секого од нас веќе го воскреснал, бидејќи Он веќе ја победи смртта. Тогаш тука нема многу мудрување, туку само да ја препознаеме и да почнеме да живееме во согласност со таа љубов такви какви што сме, немоќни и сироти, искомплексирани и што ли уште не, но ќе одиме малку по малку напред.
Но ако сме пуританци, т.е. не пушиме, не пиеме, трпиме, се лишуваме од разните свои природни потреби, бидејќи сè она што ќе се искривоколчи во грев и страст, во основа и во потенцијал постои како од Бога даден природен потенцијал за љубов. Значи, ако на тој начин ние се лишуваме од сè она што го изискува нашата природа, а не го правиме тоа заради Христа, не се сеќаваме на Христа, тогаш во најмала рака ние ќе западнеме во психоза.
Значи, Христос е Центарот и Он е Вистината, Он е Патот, Он е Животот. Според тоа, постојано мора да се сеќаваме на Христа, да живееме во Него, да живееме за Него и тогаш на своето прашање ќе добиеме лесен и едноставен одговор и секогаш ќе бидеме радосни.
Превод од српски јазик:
Бобан Ѓорѓиевски, студент на Теологија
Наслов на изворникот:
Епископ Јегарски Порфирије (Перић),
Како издржати самоћу када човек није у браку?
Православна светлина бр.22