Митрополит Антониј Сурошки
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Секој празник на Мајката Божја е чиста радост; тоа е радост не само за љубовта Божја кон нас, туку и радост за тоа што нашата земја – проста, родна, обична – може така да одговори на љубовта Господова. Во тоа нашата радост е посебна.
Кога од Бога добиваме милост – ликува нашето срце; но понекогаш станува тажно: со што, со што да му возвратам со љубовта заради љубовта, каде да ја најдам таа светост, таа нежност, таа способност да се повикуваме со сета природа на милоста Божја? И тогаш, иако знаеме, дека секој од нас е слаб и немоќен во љубовта, можеме да подразмислиме за Мајката Божја. Таа за сите нас одговорила со совршена вера, со надеж која никогаш не се колеба и љубов толку широка, што таа успеала со таа љубов да ги прегрне небото и земјата, да се отвори со љубовта, така што се воплоти Синот Божји, и така да се отвори со љубов кон луѓето, што сите, та и најгрешните, да можат да ѝ пристапат и да добијат милост. Таа е одговор на сета земја, таа е одговор на сета вселена кон љубовта Господова.
И ете, да се радуваме и да однесеме радост од овој храм – не само за еден миг, туку да ја чуваме од ден на ден, да се восхитуваме од таа радост, да ликуваме од таа радост и да почнеме да ја делиме со луѓето таа радост, та секое срце да ликува и да се утеши и да се просвети со таа радост, поради тоа што, земјата може да го смести небото, дека човекот може да Му одговори на Бога, така што Бог да стане човек.
И сега, од век до века, додека постои светот, Бог е среде нас, Истиот Христос, Самиот Он е среде нас, од ден во ден. И кога ќе биде пројавена, откриена славата на земјата и небото, Господ Исус Христос, вистинскиот Бог, но и вистински човек, ќе пребива меѓу нас преку Божјата Мајка, која Му дала плот преку својата љубов, вера, светост и побожност.
Да ја чуваме, пазиме, зголемуваме оваа радост и со неа да живееме во тажните денови, во мрачните денови, кога ни се чини дека не сме способни за ништо, дека земјата со ништо не може да одговори на Божјата љубов. Земјата одговорила и тој одговор стои вечно, со кренати раце, молејќи се за сите нас, за добрите и за лошите, никогаш не стоејќи спроти патот на спасението, простувајќи им на сите – а таа има што да прости: бидејќи луѓето Го убија Нејзиниот Син – и ние кон неа прибегнуваме. Затоа што, ако таа ни прости, тогаш никој нема да нѐ осуди… Со каква вера пристапуваме кон Мајката Божја, колку треба таа да е длабока, што секој од нас, кој со своите гревови и со своето недостоинство учествува во смртта на Господ, би можел да каже: Мајко, јас Го погубив Твојот Син, но ти прости ми. И ќе се застапува за нас, и ќе нѐ милува, и ќе нѐ спасува, и ќе нѐ израснува во сиот раст на љубовта Господова.
Слава на Бога за тоа, слава на Мајката Господова за таа нејзина љубов. Амин.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев