Рајот и пеколот

Loading

Др Александар Каломирос

Мислам дека до сега ја допревме главната поента, што навистина се вечниот пекол и вечниот рај, и кој всушност е одговорен за оваа разлика.

На иконата на Последниот Суд Го гледаме нашиот Господ Исус Христос седнат на престол. Од Неговата десна страна ги гледаме Неговите пријатели, благословените мажи и жени, кои живееја според Неговата љубов. Од Неговата лева страна ги гледаме Неговите непријатели, сите оние кои го поминаа својот живот мразејќи Го, дури и да изгледале како побожни и чесни. И таму, меѓу овие две, гледаме огнена река која извира од престолот Христов и тече кон нас. Која е оваа огнена река? Дали е тоа некаков инструмент за измачување? Дали е тоа некаква одмаздничка енергија, што излегува од Бога за да ги победи Неговите непријатели?

Не, ништо слично. Оваа огнена река е реката која „извира од Едем за да го наводнува рајот“ во старо време (1.Мојс. 2, 10). Тоа е река на Божјата благодат која ги наводнуваше Божјите светители уште од почетокот. Имено, тоа е излив на Божјата љубов врз Неговите созданија. Љубовта е оган. Секој кој љуби го знае тоа. Бог е љубов, па оттука, Бог е Оган. А огнот ги проголтува сите оние кои самите не се оган, а ги прави светли и сјајни сите оние кои самите се оган (Евр. 12, 29).

Бог многупати се појави како оган: На Авраама, на Мојсеја во капината која гореше, на Израилскиот народ покажувајќи им го патот во пустината како огнен столб ноќе и како светол облак дење, кога ја покри скинијата со Неговата слава (Изл. 40, 28, 34), и кога пушти огнен дожд на врвот од Гората Синај. Бог се откри како оган на Гората на Преображението, и рече дека Он дојде „да фрли оган на земјата“ (Лк. 12, 49), односно, љубов, зашто свети Јован Лествичник вели „Љубовта е извор на огнот“ (Скалило 30, 18).

Грчкиот писател, Фотиј Кондоглу на едно место кажа дека „Верата е оган и го стоплува срцето. Светиот Дух слезе врз главите од апостолите во вид на огнени јазици. Двајцата ученици, кога Бог им се откри, рекоа ,зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?ʻ (Лк. 24, 32). Христос ја споредува верата со ,запалена свеќаʻ. Свети Јован Претеча рече во неговите проповеди дека Христос ќе ги крштева луѓето ,со Светиот Дух и оганʻ. И навистина, Господ рече, ,Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорелʻ (Лк. 12, 49)? Значи, најопиплива карактеристика на верата е топлината; ете зошто тие зборуваа за ,топла вераʻ, или ,вера која предизвикува топлинаʻ. И ако топлината е карактеристичен белег на верата, тогаш студенилото е сигурен знак за неверие.

Сакаш ли да знаеш како да разбереш дали еден човек има вера или неверие? Ако чувствуваш топлина да излегува од него – од неговите очи, од неговите зборови, од неговите манири – биди сигурен дека тој има вера во неговото срце. Но ако чувствуваш студенило да излегува од целото негово битие, тоа значи дека тој нема вера, па што и да кажува. Може да коленичи, може понизно да ја држи главата, може да кажува секаков вид морални учења со понизен глас, но од сето ова ќе излегува ладен здив кој паѓа врз тебе за да те скамени со студенило“ . Свети Исаак Сириски вели дека „Рајот е љубовта Божја во која се содржи блаженството на сите блаженства“, и дека „дрвото на животот е љубовта Божја“ (Омилија 72).

„Не лажете се себеси“, вели свети Симеон Нов Богослов, „Бог е оган и кога Он дојде во светов, и стана човек, Он испрати оган на земјата, како што Он Самиот вели; овој оган превртува сè и се обидува да најде материјал – односно, расположение и добра намера – да се спушти внатре и да се запали; и кај оние во кои овој оган ќе се разгори, настанува голем пламен, кој стигнува до Небесата… овој пламен најпрво нè очистува од нечистотијата на страстите и тогаш станува во нас храна и питие, и светлина, и радост, и нас самите нè прави светлина, бидејќи учествуваме во Неговата светлина“ (Беседа 78).

Бог е љубовен оган, и Он е љубовен оган за сите: добри или лоши. Меѓутоа, има голема разлика во начинот на кој луѓето го примаат овој љубовен оган Божји. Свети Василиј вели дека „огнениот меч беше сместен на рајските врати за да го брани приближувањето кон дрвото на животот; тој беше страшен и огнен за неверните, но лесно достапен за верните, донесувајќи им ја светлината на денот“ . Истиот љубовен оган ги просветлува оние кои на љубовта одговараат со љубов, а ги гори оние кои на љубовта одговараат со омраза.

Рајот и пеколот се една и иста Река Божја, љубовен оган кој опфаќа и покрива сè со истата благотворна волја, без било каква разлика или дискриминација. Истата живототворна вода е вечен живот за верните, а вечна смрт за неверните; за првите таа е извор на животот, за другите е средство за нивно вечно гушење; за еден е рај, но за друг пекол. Нека не ве чуди ова. Синот кој си го сака својот татко ќе се чувствува среќен во рацете на татка си, но ако не го сака, љубовната татковска прегратка за него ќе биде измачување. Токму затоа кога го љубиме оној кој нè мрази, тоа е слично како да му ставаш усвитен јаглен и жар врз главата.

„Јас велам“, пишува свети Исаак Сириски, „дека оние кои страдаат во пеколот, страдаат бивајќи казнувани од љубовта… сосема неточно е да се мисли дека грешните во пеколот се лишени од Божјата љубов. Љубовта е рожба од познавањето на вистината, и им се дава општо на сите. Но силата на љубовта дејствува на два начина: ги мачи грешниците, додека, пак, истовремено ги просветлува оние кои живееле согласно со неа“ (Омилија 84).

Бог е љубов. Ако навистина веруваме во оваа вистина, знаеме дека Бог никогаш не мрази, никогаш не казнува, никогаш не се одмаздува. Како што вели авва Амон, „Љубовта никогаш никого не мрази, никогаш никого не укорува, никогаш никого не осудува, никогаш никого не нажалува, никогаш од никого не се згнасува; ниту верник, ни неверник, ни странец, ни грешник, ни блудник, ниту некој нечист, туку напротив, токму грешните, слабите и немарните души ги сака повеќе, и чувствува болка за нив и жали и ги оплакува, и сострадува за злобните и грешните, повеќе отколку за добрите, подражавајќи Го Христа, Кој ги повика грешните, и јадеше и пиеше со нив. Поради ова, покажувајќи што е вистинска љубов, Он нè научи велејќи, ,Бидете добри и милостиви како вашиот Отец Небесенʻ, и како што Он им дава дожд на лошите и добрите, и прави сонцето да грее врз праведните како и врз неправедните, па така, ист таков е и оној, кој има вистинска љубов, и има сострадание, и се моли за сите“ .

*

Сега доколку некој е збунет и не разбира како е можно Божјата љубов да трпи некој бедник и несреќник, па дури и да гори како да е пламен, нека го земе предвид постариот брат на блудниот син (види во Лука 15, 11-31). Не беше ли тој на имотот на татка си? Не му припаѓаше ли нему сето она што беше на имотот? Не ја имаше ли тој љубовта на татко му? Не дојде ли лично татко му да го моли и преколнува да дојде и да учествува во радосниот банкет? Што го направи да биде несреќен и да гори од внатрешна горчина и омраза? Кој му одбиваше нешто? Зошто не се израдува за враќањето на неговиот брат? Зошто немаше љубов ниту кон татко му, ниту кон брат му? Не беше ли тоа заради неговото лошо, внатрешно расположение? Не пребиваше ли во пеколот заради тоа? А каков беше овој пекол? Беше ли тоа некое посебно место? Имаше ли некакви средства за мачење? Не продолжи ли и тој да живее во куќата на татка си? Што беше она што го оддели од сите радосни луѓе во куќата, ако не неговата омраза и неговата горчина? Престанаа ли да го љубат неговиот татко или неговиот  брат? Не беше или токму оваа љубов која му го стврднуваше срцето сè повеќе и повеќе? Не беше ли тоа радоста која го направи тажен? Не гореше ли омраза во неговото срце, омраза кон неговиот татко и неговиот брат, омраза заради љубовта на неговиот татко кон неговиот брат и заради љубовта на неговиот брат кон неговиот татко? Ова е пеколот: негирање на љубовта; враќање со омраза на љубовта; горчина кога се гледа невина радост; да се биде опкружен од љубов, а да се има омраза во срцето. Ова е вечната состојба на сите проколнати. Сите овие се многу љубени. Сите се поканети на радосниот банкет. Сите живеат во Божјото Царство, во Новата Земја и Новите Небеса. Никој не ги гони. Дури и да сакаат да си заминат, тие не би можеле да побегнат од Божјото Ново Создание, ниту да се сокријат од Божјото нежно и љубовно секадеприсуство. Нивна единствена алтернатива, би била, можеби, да си заминат од нивните браќа и да побараат мачно одделување од нив, но тие никогаш не можат да се оддалечат од Бога и Неговата љубов. И што е уште пострашно е тоа што во овој вечен живот, во ова Ново Создание, Бог им е сè на Неговите созданија. Како што вели свети Григориј Ниски, „Во сегашниов живот многубројни се нештата со кои сме сврзани, на пример: време, воздух, место, храна и питие, облека, сончева светлина, светилки, и други нешта неопходни за живот, но ниту едно од сите овие, колку многу и да се, не е Бог; таа благословена состојба која се надеваме нема потреба од ниедно од овие нешта, туку Божественото Битие ќе стане сè, и ќе замени сè за нас, разделувајќи се Самиот Себеси рамномерно за секоја потреба на тоа постоење. Јасно е, исто така, од Светото Писмо дека Бог, за оние кои заслужуваат станува место, и дом, и облека, и храна, и питие, и светлина, и богатство, и царство, и сè што може да се помисли и именува, и го усреќува нашиот живот“ (За душата и Воскресението) .

Во новиот вечен живот, Бог ќе им биде сè на Неговите созданија, не само на добрите, туку и на лошите, не само на оние кои Го љубат, но исто така и на оние кои Го мразат. Но како ќе издржат оние кои Го мразат, да имаат сè од рацете на Оној, Когошто тие Го мразат? О, какво вечно мачење е ова, каков вечен оган, какво шкрипење со забите!

„Бегајте од Мене проклети, во вечниот внатрешен оган на омразата“ , вели Господ, зашто Јас бев жеден за вашата љубов, а вие не Ми ја дадовте, гладен бев за вашиот благослов, а вие не Ми го понудивте, Јас бев затворен во Мојата човечка природа, а вие не дојдовте да Ме посетите во Мојата Црква; слободни сте да одите каде што ќе посакаат вашите злобни похоти, подалеку од Мене, во измачувачката омраза на вашите срца, којашто е туѓа на моето љубовно срце, кое не познава омраза кон кого било. Бегајте слободно од љубовта, кон вечното мачење на омразата, непозната и туѓа за Мене и за оние кои се со Мене, но подготвена преку слободата за ѓаволот, од деновите кога Јас ги создадов Моите слободни, разумни созданија. Но каде и да одите во темнината на вашите срца полни со омраза, Мојата љубов ќе ве следи како огнена река, зашто без разлика што одбрале вашите срца, вие сте, и вечно ќе бидете, Мои деца. Амин.

Превод од англиски јазик: (свештеник) Јани Мулев

Извадок од книгата „Огнената река“, издание на Европската епархија

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *