Презвитера Киријаки Г. Цитуриду

Loading

Родена е во 1870 година а се омажи во 1890 за Ѓорѓи Цитуриди, којшто беше ракоположен за свештеник и служеше во нивното село Цопли или Дермиѕики во Понт. Имаа шест ќерки и еден син, кој се упокои уште како дете.

Презвитерата Киријаки беше едноставна, побожна и многу милосрдна. Страдаше и плачеше кога ја гледаше несреќата на луѓето. Вратата од нивниот дом секогаш беше отворена и сиромашните и гладните секогаш таму наоѓаа храна и топлина, и место за престој на туѓинците.

Во 1903 година поп Ѓорѓи со своето семејство се пресели и се насели во селото Атара или Азанда во областа Сохум во Грузија. Беше единствен свештеник во околината каде што живееја многу Грци бегалци. Богослужеше, крштеваше, венчаваше и читаше молитви за болните. Во неговата куќа доаѓаа секојдневно десетици бегалци кои немаа „каде глава да постлонат“. Добродушната презвитера неуморно месеше, готвеше и ги хранеше сите сиромашни кои прибегнуваа во нивната куќа. Ги сакаше и ги тешеше како свои деца. Бидејќи немаше место за да им укажат гостопримство на сите во нивната мала куќа, таа побара од поп Ѓорѓи да направи еден конак и така можеше да прибере и до сто души.

Побожната презвитера, иако прехрануваше толку гладни усти, сепак самата постеше до деветтиот час. До вечерната не јадеше и не пиеше ништо. Одеше во црква, земаше нафора и потоа јадеше. Месо и мрсна храна не јадеше, туку само зеленчук и овошје.

Поминувајќи еден ден со поп Ѓорѓи покрај гробиштата во Сохум побара од него, кога ќе умре, да ја закопа на тие гробишта. Попот се зачуди, зашто беше млада, имаше околу 40 години. По неколку дена се разболе и се упокои, и ја закопаа според нејзината желба на тие гробишта.

Седум години по нејзиното упокојување поп Ѓорѓи ја виде во сон како му вели: „Нели ти се здосади да ме чуваш седум години под земја? Да дојдеш и да ме извадиш“. Овој сон го виде неколку пати. Исто така и еден монах од манастирот Нова фон во Тријанда секоја вечер гледаше светлина како слегува врз нејзиниот гроб и слушаше глас како му вели: „Да дојдеш кај гробиштата и да ме извадиш“.

Навистина бидна ексхумацијата. Тогаш видоа дека нема земја врз нејзините коски и дека под неа имаше вода. Се ширеше благоухание и изненадени видоа дека нејзината десна рака и срцето ì се нераспаднати, додека другите коски ì се златно жолти.

Нејзините нетлена рака и срце ги зеде калуѓерот од Тријанда, додека останатите мошти и денес се чуваат во светиот град Санкт Петербург.

 

Превод од новогрчки јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Ασκητές μέσα στον κόσμο Α΄,

Άγιον Όρος, 2008

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *