Преподобна мајка Таисија Леушенска

Loading

taisija leushinska

Преподобната Игуманија на

Светиот Манастир Леушени

Таисија Салопива

(1840-1915)

Кратко житие

Игуманијата Таисија, во свет Марија Салопива, потекнува од семејството на великиот руски поет Александар Пушкин (1799-1837).

Се роди во 1849 во Новгородската Губернија и студираше на Институтот Павловски во Петроград, Факултет за девојки од благородничко потекло.

Во 1862 година, една година после нејзиното дипломирање, го започна монашкиот живот во градот Тихвин, во Новгородската Губернија, во женскиот Манастир на Воведение на Пресвета Богородица.

Познато е дека во тихвинскиот машки Манастир, којшто се нарекува и „Голем Манастир“, се чува и познатата чудотворна икона на Богородица Тихвинска, чијшто празник се слави на 26 јуни.

Во првата година од нејзиното искушеништво во манастирот стана расофорна, а во 1870 доби Мала Схима и ново име – Аркадија. Во 1872 се пресели во манастирот на Богородица Страшна Застапничка во Сверин, а во 1878 во манастирот на Богородица Фанеромени во Свански, во Новгородската Губернија, каде што истата година стана Великосхимна Монахиња, добивајќи го името Таисија.

На 19.03.1881 Митрополитот Исидор ја постави за настојателка на новоформираното монашко сестринство на Светиот Јован Претеча во Леушени, во Губернијата Боровичи.

Ова сестринство тогаш се соочуваше со многу, тешки проблеми, но со активностите и поуките на Старицата Таисија, поранешната непозната и сиромашна монашка заедница во Леушени беше издигната, и во 1885 официјално признаена како Општежитие, од страна на Светиот Синод на Руската Црква, којашто понатаму се покажа како еден Манастир од прв ред, прочуен поради  неговата монашка дисциплина и примерна организираност.

Во манастирот Леушени, којшто со текот на времето прерасна во познат центар на црковното воспитување, но и образование, бидејќи во неговиот состав влегуваа и училишта, Мајка Таисија остана Игуманија сè до денот на нејзиното упокојување, 2 јануари 1915 година, денот на упокојувањето на Свети Серафим Саровски.

Нејзиното свештено тело беше погребано во соборниот манастирски храм, којшто денес е потопен од водите на браната на реката Волга. Така, благословените свети мошти на Мајка Таисија денес се наоѓаат во длабочината на ова вештачко езеро.

Харизматичната Игуманија Таисија беше духовна ќерка првин на Преподобниот Архимандрит Лаврентиј од манастирот Ивирон во Валдаи (1808-1876, + 2 јули) и подоцна на светиот Јован Кронштатски (+ 20.12.1908), на овој велик светилник на Руската Црква, когошто честопати го придружуваше на неговите поклонички патувања за со негов благослов да основа манастирски метоси.

Игуманијата Таисија и светиот и праведен Јован Кронштадски
Игуманијата Таисија и светиот и праведен Јован Кронштадски

Таа стана една од најпрочуените Монахињи, позната на цела Русија поради нејзината добродетел, образование и ретки дарови.

За сираците на Клириците основа едно манастирско училиште, коешто со текот на времето прерасна во Црковна гимназија за девојки, со цел Манастирот во Леушени да стане расадник на духовното образование и просветлување на северните области на Новгородската епископија.

Во текот на нејзиното триесетгодишно игуменствување имаше толку активно и значајно учество во основањето и организирањето на многу нови женски манастири во северна Русија, така што не постоеше буквално ниту еден новооснован Манастир, што не беше основан со активно учество на Игуманијата Таисија.

За нејзиниот Лушенски Манастир изгради три големи Метоси: во Черепович, во Петроград и во самата татковина на Свети Јован Кронштатски, на реката Сура во Архангелск.

Исто така го основа и укрепи Вороњежскиот Манастир во Псковската епископија, како и неговиот Метох во Петроград.

Исто така, заедно со Светиот Јован Кронштатски, беше една од основачите на Манастирот на Свети Јован Богослов на островот Карповка во Петроград, каде што денес постои чудотворниот гроб на Свети Јован Кронштатски.

Светиот Синод на Руската Црква (во 1889), како и Рускиот Цар (во 1892), ñ даруваа надграден крст и златен дијамантски крст, за нејзиниот голем придонес за монаштвото во Русија и општо во Руската Црква.

Во годините 1910, 1911 и 1913 прими разни дарови лично од Царот Николај II и Царицата Александра, подоцна Царските маченици (+4/17. 6. 1918 година).

Мајка Таисија исто така беше и одличен педагог и талентиран писател. Ова се нејзините издадени дела:

1. Канон на Благовештение

2. Акатист на Свети Симеон Богопримец.

3. Разговори со Светиот Јован Кронштатски.

4. Светиот Јован Кронштатски како Пастир.

5. Женската монашка заедница на Сура (песна).

6. Песни (три тома).

7. Автобиографија.

8. Животот на Христа ради Јуродивата Старица Евдокија Родионова.

9. Писма до една нова монахиња (1-14).

10. Поука за расофорноста на монахујуштите во Манастирот Сура во Архангелск.

За молитвата[1]

Од Преподобната Мајка наша Таисија

Игуманија на Леушени

…Светиот Јован Лествичник ја дели молитвата на три нивоа и вели:

„Почетокот на молитвата е во тоа, помислите кои доаѓаат веднаш да се одбијат со кратки зборови. Средината е во тоа, разумот да биде во изговарањето и смислата на молитвата. Крајот на молитвата е умот да се граба кон Господа[2]“.

На ова последно ниво стигнуваат по правило само оние кои се усовршиле во монашкиот живот, но Господ со неговата голема милост удостојува некои да ја вкусат оваа состојба, дури и ако немаат напреднато многу во молитвата, како награда за нивните вложени напори.

Ќе ти раскажам еден пример[3].

Бев уште нова, послушничка, и мојата старица, мајка Глафира, ме испрати кај една друга старица, монахињата Теоктиста. Беше тоа после вечерната, кога повеќето монахињи одат на трпеза.

Кога стигнав пред вратата на ќелијата, според типикот, ја кажав молитвата и ја отворив вратата без да чекам одговор. Го пречекорив прагот и ја видов следнава сцена.

Во крајниот агол на ќелијата и пред иконите клечеше старицата Теоктиста со рацете подигнати на молитва и нејзините очи приковани кон светителите.

Очигледно, таа не знаеше дека јас влегов, и покрај тоа што ја кажав гласно молитвата и вратата силно крцна. Беше потполно сама во нејзината ќелија.

Јас неподвижно стоев на прагот, не осмелувајќи се одам понатаму и не знаејќи што да правам. Ако останев во ќелијата се плашев дека ќе ја ставам старицата во незгодна положба, кога ќе се соземеше и ќе видеше дека има сведок на нејзината возвишена молитва, а и ако заминев вратата пак ќе крцнеше. А потоа и не сакав да си заминам.

Во ходникот почнаа да се слушаат радосните гласови на сестрите, кои веќе беа завршиле со вечерата и одеа во нивните ќелии и јас бев спремна да заминам пред да се вратат двете послушнички на старицата. Но тие не се вратија и тоа многу ме израдува.

Не знам колку време стоев така на прагот нерешителна и заслепена од она што го гледав. Можеби имаше цел еден час, а можеби и повеќе.

Старицата не ја смени положбата, воопшто не се помести, само ретките воздишки и тивките и нејасни шепотења сведочеа дека бдееше.

На крајот ги спушти рацете и ја наведна главата на подот. Остана во оваа положба неколку минути и потоа стана и си го исекна носот со марамчето.

Тогаш сфатив дека старицата се беше вратила од екстазата и потоа, бидејќи не сакав да разбере дека бев таму, за да не се загрижи, ја отворив вратата до половина и пак ја кажав гласно молитвата, преправајќи се дека штотуку влегувам.

„Амин“, ми одговори и брзо истрча и се скри зад една преграда на ќошот од нејзината ќелија. Потоа полека – полека излезе триејќи си ги очите и мрморејќи дека ги испратила некаде нејзините послушнички и дека малку задремала.

Јас ñ направив метанија едвај задржувајќи си ги солзите и ñ ја кажав причината поради која бев дошла, но таа изгледаше како да не ги слуша моите зборови и навистина не можеше да ги чуе, бидејќи со душата се наоѓаше на друго подобро место, кое не му припаѓа на овој свет.

Па така, ме погледна со чудење и на крајот ми рече: „Да не беше ти овде пред малку?“

Тогаш ја повторив мојата лага дека сум влегла тогаш кога ја кажав молитвата, односно, тогаш кога ја отворив вратата, но очигледно ме издаде мојот поглед, зашто моите солзи сакаа да потечат како река, додека го гледав спокојниот и ангелски израз, којшто беше запечатен на лицето на Старицата. Се обидував да останам доследна на мојата лага, бидејќи не сакав да ја вознемирам Монахињата.

Таа остана тивка, за сето време додека зборував, и изгледаше дека ту го слуша ту не она што ñ го зборував.

Во меѓувреме и јас размислував што да ñ кажам на мојата старица, којашто ме испрати, за да го оправдам моето задоцнување.

Мајка Теоктиста уште седеше безмолвно со погледот прикован право пред себе. Солзите непрекинато течеа од нејзините очи, а таа не се ни обидуваше да ги избрише. Очигледно беше дека веќе не внимаваше на нив бидејќи се наоѓаше во една неодредена состојба, натажена што излезе од таа екстаза.

Конечно ме праша: „Многу време ли си овде?“

Овој пат немав сила да кажам ништо, само ñ направив метанија до земја. Не знам и јас како најдов храброст да ја прашам: „Мајко, што ти се случи?“

Таа го сврте погледот со еден прашален израз и добро ме погледна; потоа благо ми рече: „Ништо не ми се случи, дете мое, ама ете, тоа беше како да летнав и да отидов некаде, како да видов нешто“, и пак почна да плаче.

Откако престана малку, пак продолжи: „Едно нешто сакам да кажам, „Слава Ти Господи“… и се прекрсти.

Потоа ме праша за лични работи и ме утеши велејќи да не се грижам за жалостите на монашкиот живот. На крајот ме испрати со зборовите: „Оди си сега со здравје и кажи ñ на твојата Старица дека јас те задржав“.

Старицата Теоктиста произлегуваше од редот на простите жители и беше малку писмена, можеби и потполно неписмена.

Долги години таа имаше тешко послушание да собира милостиња; значи, одеше по селата и градовите и собираше пари за манастирот.

Кога веќе остаре и ја напуштија силите, се ослободи од таа служба и одеше само на Богослужбите во Црква, како и сите други старици.

Нејзиниот живот во ќелијата, доколку судам по надворешните пројави, беше како и на сите други кои монахуваа, но внатрешното расположение на нејзината душа Му беше позната само на Оној „Кој ги испитува срцата“.

Сега ќе ти раскажам еден друг настан[4], повторно поврзан со молитвата која ги издигнува над земните работи, оние што напредуваат во неа.

Во нашиот манастир имаше една монахиња, релативно млада, но многу мила на Бога поради нејзиниот духовен напредок. Таа живееше заедно со две млади послушнички.

Ова што ќе ти го раскажам се случи една сабота од Великата Четириесетница.

Па така, тој ден, после повечерието двете послушнички заминаа некаде и монахињата посака да ја искористи осаменоста за да се моли.

И еве што таа детално ми раскажа:

„Се сеќавам дека почнав да го кажувам гласно акатистот на Преслаткиот Исус, Чиешто присуство уште го чувствував во моето срце, бидејќи во тој ден се причестив.

Кажав еден икос, потоа уште еден и почнав да чувствувам дека мојата душа постојано беше трогнувана и стоплувана од љубов кон Господ.

Потоа полека-полека почнав да треперам во душата и во телото и да плачам со обилни солзи.

Природните сили ме напуштија и за да не паднам, клекнав на колена и направив метанија пред светите икони, додека во себе продолжив да го кажувам акатистот. Изгледа дека го кажав до половина, бидејќи не се сеќавам дека сум продолжила.

Сè што имав во мојата ќелија, подот на којшто клечев и сите предмети како да исчезнаа; пред мене се појави една друга сцена и некаде далеку го гледав престолот Божји и Самиот наш Исус Којшто седеше таму.

Беше опкружен од мноштво суштества кои не помнам дали беа луѓе или ангели и кои заедно пееја на еден извонреден мелодичен начин, додека јас стоев таму зад нив и се радував.

Не се сеќавам на ништо друго да ти кажам, не знам ниту дали ова видение траеше многу, освен тоа дека сè што ми кажаа потоа моите послушнички, дека кога влегле во мојата ќелија и ме виделе падната пред иконите, на почетокот помислиле дека се молам, но потоа, гледајќи дека поминува многу време и не станувам, помислиле дека сум се упокоила и почнаа да ме викаат, но бадијала, и потоа ме оставиле на мира.

Кога се вратив од таа чудесна екстаза и видението, мојата ќелија пак беше празна и многу се израдував поради тоа.

Подот, на местото каде што се допираше моето чело, беше сиот натопен со солзи како да имаше истурено вода.

Тоа значи дека моите членови не беа умртвени, но солзите ниту ги чувствував, ниту пак бев свесна и да бидам појасна, не знаев воопшто што ми се случуваше.

Сладоста што ми го исполнуваше срцето во тие пресвети моменти, уште долго остана во мојата душа како сведоштво на мојата небесна посета“.

Гледаш ли, сестро, какви примери на возвишена и сконцентрирана молитва имаме од современите Монахињи?

Кој ни пречи да стигнеме на таа височина?

Во книгите на Светите Отци, се разбира, постојат слични примери, но јас намерно ти изложив примери од животот на монахињите од нашево време, бидејќи, кога ги читаме и слушаме раскажувањата за големите достигнувања на Светиите, честопати, за да ја оправдаме нашата нетрудољубивост, велиме: „Тогаш имаше светители. Тоа се случи во она време, но сега луѓето се немоќни и времињата се изменија!“

Па така, сфати од моево искуство дека и сега сè уште постојат вистински подвижници.

Ниту времето, ниту местото го прави човекот свет, туку неговата слободна волја и цврста одлука.

Непрестајно да се молиш и Бог нема да те лиши од Неговиот благослов.

Превод од грчки јазик:

Свештеник Јани Мулев

Наслов на оригиналот:

Η Οσιωτάτη Καθηγουμένη

της Ιεράς Μονής του Λεουσένι

Ταϊσία Σαλόπιβα

(1840-1915)


[1] Види во „ Писма до една нова монахиња“, страна 128-135, Писмо 12, За Молитвата (на грчки јазик), издание на „Το Αγιον Ορος“, Солун 1993

[2] Лествица, поука 18.

[3] Опишаниов настан го има и во „Автобиографијата“ на Мајка Таисија. Види „Молитвата на една Старица Монахиња“.

[4] Речиси потполно е сигурно дека  таа „ една монахиња, релативно млада, во нашиот Манастир“ е самата Мајка Таисија.

Овој настан во нејзината „Автобиографија“, „Ќелијата на Монахот“, укажува: „Во таа моја малечка ќелија (каде што тогаш донесов цврста одлука да почнам со Божја помош да се навикнувам на умствената молитва и на собраноста на умот), за прв пат успеав да достигнам едно искуство, слично на она што го видов во животот на Мајка Теоктиста. Но нема да се расплинувам на детали“.

Во оваа прилика вреди да се спомне дека Старицата Таисија, во нејзината „Автобиографија“ карактеристично пишува дека, „јас, којашто бев толку немоќна и грешна, се удостоив во мојот живот да видам многу чудесни појави и виденија“ (види, Наместо пролог).

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *