ПОУЧЕНИЕ ЗА РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – Свети Климент Охридски

Loading

Браќа и синови,

Пристапете да ви раскажам разумно за силата и светоста на овој ден, во којшто се случи посетата и спасението на човечкиот род, којшто падна во ѓаволска измама и во распаѓање заради престапувањето на Божјата заповед, која некогаш беше дадена во рајот. Поради зависта на ѓаволот и со своето невоздржание човекот отпадна од Божјата слава и беше лишен од рајската храна. Тој човек, живеејќи веќе во распадливоста на смртта, нè роди. Кога ѓаволот виде, дека ние отпаднавме од Божјата слава, започна да ги соблазнува луѓето преку многу замки, сакајќи да нè оддели од Бога – со убиства, кражби, блудство, труења и со секакви зли дела, та да нè направи непријатели на Бога. Но, нашиот Милостив Господ Бог не издржа да нè гледа паднати во толку големо зло, ниту, пак, го заборави созданието на Своите раце. Тој ги наведна небесата и слезе, за да нè побара и да нè спаси; дури прими и наше тело, за да нè направи богоподобни преку Својата божественост. Со пелени беше обвиен како младенец Оној, Кој ја обвива земјата со облаци, во јасли на животни беше положен како младенец Оној, Којшто секогаш почива врз херувимски рамена, за да нè избави од животински живот. Затоа сега (Невидливиот) стана видлив, Несоздадениот се смести во Своето создание, Неспознатливиот стана спознатлив и Синот Божји стана Син човечки. Без да ја остави Својата божествена природа, Он стана човек, но совршен Бог и човек. Откако ја скри со Своето човештво Својата божественост, Господ слезе, за да нè побара, и кога ја најде заблудената овца, Он ја зеде на рамо и ја донесе кај Отецот, т.е. Он го спаси човекот, кого сатаната некогаш го проголта. Господ ги повика кон радост ангелските сили, велејќи: „Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!“ (Лука 15,6)

Затоа и ние браќа, треба да го почитуваме Неговото слегување кај нас и да ја пазиме Неговата заповед; секогаш да се поткрепуваме еден со друг со љубов. Така Самиот Бог, откако го напиша Законот, ни го даде и рече:

Не кради!

Не врши прељуба!

Не сведочи лажно против својот ближен!

Почитувај ги татка си и мајка си!

Возљуби го својот ближен како себеси! – не само оној, кој ни е ближен по роднинство, но секој што живее во верата Христова.

Да ги храниме гладните, да го облекуваме голиот, да им оддаваме почит на Божјите служители, зашто тие бдеат за нашите души; срдечно да одиме во црква дење и ноќе, затоа што тука се очистуваме од своите гревови, да бидеме целосно свесни; со чиста совест да пристапуваме кон светата Причест – Телото и Крвта Христови; да немаме непријателство со никого; да се сакаме со нелицемерна љубов, но да се почитуваме еден со друг од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во небесното царство, кон коешто дошол да нè повика Христос, вистинскиот наш Бог, Божјиот Син – двоен по природа, подеднакво прославуван во Света Троица.

Православна светлина, бр. 20

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *