ПОХВАЛНО СЛОВО НА БЛАЖЕНИОТ НАШ ОТЕЦ И УЧИТЕЛ КИРИЛ

Loading

од свети Климент Охридски

 

Еве, ни блесна нам, Христољупци, светлозарниот спомен на блажениот отец Кирил, новиот апостол и учител на сите земји, којшто со своето благочестие и красота ни блесна како сонце што ја растерува бесовската измама, а паганскиот мрак и многубожечката лага ги освети со своите Божествени зраци. Божјата премудрост си создаде храм во срцето негово, а на јазикот негов, како на херувим, почиваше Светиот Дух, делејќи ги секогаш своите дарови според верата на секого, како што рече апостол Павле: „На секого од нас ќе му се даде Божја благодат според верата негова во дарот Христос“. „Којшто ме љуби Мене – вели Господ – и јас ќе го возљубам, и сам ќе му се јавам, и во неговото тело ќе соградам живеалиште, и тој ќе ми биде син, а јас ќе му бидам Отец“.

Сакајќи ја таа чест, овој блажен отец и учител наш Кирил ја остави сета убавина на овој живот: и богатство, и татко, и мајка, и браќа и сестри. Тој уште од младоста беше чист како ангел, склонувајќи се и одбегнувајќи од животните сладости, минувајќи го времето во пеење псалми и црковни песни и во духовно поучение, следејќи само еден пат кој се искачува на Небесата. Затоа во неговата уста се излеа благодат, како што рече премудриот Соломон: „Во усните свои премудро го прими благоразумието, а Законот и милоста ги носеше на јазикот“. Со таа благодат тој им ја затвори злохулната уста на еретиците што ширеа ерес во времето на цар Теофил и многу години по ред светите икони беа жестоко гонети и уништувани. А при благоверниот цар Михаил се одржа православен собор, на кој него (Кирила) го изведоа против еретиците и тој со својата духовна сила ја уништи сета нивна злоба. Началник на таа ерес беше патријархот Аниј, кого го изобличија и го истераа од престолот.

Таков беше овој учител. Штом ќе дочуеше некаква хула против против Божествениот образ, како со крилја прелетуваше на сите страни и со јасни зборови ги разурнуваше сите соблазни и ги научуваше на вистинската вера. Тој го доврши тоа што Павле не успеа да го доврши, прелетувајќи како орел на сите страни од исток до запад и од север до југ. Тој се најде и на собирите кај Хазарите и Сарацените, каде се подигна спор за светата вера и светнат како Сонце со Трисветлите лачи ги разори сите нивни бледословија (лажни учења). А во Филст[1] тој ја разори безбожната лага на народот што му правеше чест како на бог на едно суво дрво, изделкано како идол, наречен Александар. Блажениот учител ја искорени таа лага и го освети стадото Христово со светлоста на Трибезначалната светлина[2] и го научи на вистинската вера.

А на словенскиот народ што беше потонат во неразбирање и во мракот на гревот, по милоста и човекољубието на Господа нашиот Исуса Христа, беше определен за пастир и учител. Како лав тој им ги затвори устите на тријазичните еретици кои помрачени од завист зборуваа: „Не е достојно да се слави Бог на други јазици, освен на еврејски, латински и грчки“. На тој начин, по својата злоба, тие му станаа соученици на Пилата. Распален од силата на Светиот Дух, со јазни зборови тој ги разори сите нивни лажни учења.

Откако го преведе црковниот устав од грчки на словенски јазик, тој отиде во Рим, за да го изведе на добар крај избраното стадо. И со радост го заврши својот животен пат, како што благоизволи Бог, неговото пречисто тело тука (во Рим) да почива.

И откако ќе ги пресметаме неговите подвизи, трудови и одења (по разни мисии), нашите пофалби ќе бидат доволни, зашто, макар и подоцна да заблеска, тој ги надмина сите, како Деницата која, иако подоцна изгрева, со својата светлина го надминува целиот ѕвезден лик, изливајќи ја сончевата светлина преку своите лачи. Така и овој блажен отец и учител на нашиов народ, светејќи повеќе од сонцето со своите троични лачи, просвети многу народи кои тонеа во мракот на незнаењето.

И кое место остана скриено и неосветено од неговите свети стапалки? Каква наука остана тајна за неговата блажена душа?! На сите народи тој им ги објасни скриените тајни во зборовите: на едни со писмени знаци (букви и книги), на други со поучување, зашто во неговата уста се беше излеала благодатта Божја. И заради ова нека биде Благословен и Бог во вековите.

Но која уста може да ја искаже сладоста на учењето негово? Кој ли јазик ќе може да ги искаже неговите подвизи, трудови и добротата на неговиот живот? Таа уста (Кириловата), посветла и од светлината, ја откри Господ, за да ги просвети оние што живееја во мракот на гревовната лага. Неговиот јазик излеа сладосни и живоносни зборови; неговите пречесни усни расцутија со премудрост како со (најличен) цут. Неговите пречисти прсти создадоа духовни органи (се мисли на словенските книги) и ги украсија со златозарни букви. Од неговата благогласна уста се напоија сите што беа жедни за Разум Божји, од неа (благогласната уста) се насладија мнозина што примија живоносна храна; преку неа обогати Бог мнозина со благоразумие, а со боготкаен венец го овенча многуплодниот словенски народ, при кого тој (Кирил) беше испратен како нов апостол. Од таа уста почна да тече извор на живи зборови, напојувајќи ја нашата исушена сувотија. Со неа (неговата уста) се заврза многухулниот еретички јазик Таа уста се јави почесна и од некој серафим што го прославува Бога. Од неа ние го познаваме Трисветлото Божество, по суштество едно, а по својствата и имињата разделно на секогашсуштниот Отец, Син и Свети Дух.

Затоа блажени се твоите усни, преблажен отче Кириле, преку кои се источи духовна наслада на сите страни[3], Го ублажувам многугласниот твој јазик, со којшто загрме како грмеж и блескајќи со светлината на Трибезначалното Божество, го изгони гревовниот мрак. Го ублажувам озареното од Светиот Дух многупресветло твое лице, преку кое блесна богоразумната светлина, а се искорени многубожечката лага[4]. Ги ублажувам златозарните твои очи со кои беше истерано нашето неразумно слепило и ни заблеска благоразумната светлина. Ги ублажувам ангелообразните твои зеници, озарени од Божествената слава, со кои уште пред осум дена го предвиде пречесното твое преставување – денот на твојот покој[5]. Ги ублажувам пречесните твои раце преку кои слезе на мојот народ благоразумен облак што ги напојува со боготочна роса изгорените од гревовна суша наши срца. Ги ублажувам богодвижните твои прсти со коишто се напиша скриената од многубожието премудрост, која ни откри богоразумни тајни[6]. Ја ублажувам светозарната твоја утроба, од која на сите страни (на сите народи) истече животворна вода, слегувајќи одозгора преку твоите молитви. Ги ублажувам светозарните твои нозе со кои го обиколи целиот свет, како Сонце, просветувајќи го со боговдахновено учење[7]. Ја ублажувам пречистата црква во која лежи многуразумното и богозборливото твое тело.

Блажен е градот што го прими третиот строител на Божјата промисла, бидејќи овој блажен (учител) се јави да го доврши недовршеното од двете врховни светила[8]. Затоа и Господ Бог му заповеда заедно со нив да прими пречесен покој.

И почина со мир во Господа во шестилјади тристотини и седумдесет и седмо лето од создавањето на светов (869 год. по Христа), во четиринаесеттиот ден од месец февруари, откако ги заврши сите свои служби и трудови, се приопшти со животот и со верата кон светите отци, и беше со ангелите – ангел, со апостолите – апостол, со пророците – пророк, со сите светители содружник на Божјата слава. Со нив помоли се за нас, преподобен учителе, сите што го почитуваат твоето пресветло успение, во слава на Пресветата Троица – Отецот, и Синот и Светиот Дух, Нејзе да ì биде слава, чест и поклонение, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!


[1] Филст бил град на полуостровот Крим.

[2] Т.е. лачите на Света Троица.

[3] Во некои преводи на бугарски автори стои: „Ги ублажувам, о преблажен отче Кириле, твоите усни од кои се излеа духовна сладост на моиве усни…“

[4] Пак таму стои: „Преку кое богоразумната светлина изгреа и на моево лице и се искорени многубожечката лага“.

[5] Пак таму стои: „Ги ублажувам твоите ангелозрачни зеници, озарени од божествена слава, што ме просветија со боговдахновени зборови, изгонувајќи ја мојата срдечна слепотија“.

[6] Пак таму стои: „прсти преку кои се напиша за мојот народ слобода од гревовниот јарем“ (ропство на гревот).

[7] Кај некои бугарски автори се наоѓаат и следниве реченици, што ги нема во словенскиот текст: „Ги ублажувам твоите златозарни стапала со кои ги упати нашите погрешни чекори на прав пат. Ја ублажувам твојата пресвета душа која ги исцели духовните струпје на мојава душа и всели разум во нашиве срца преку духовни зборови (беседи)“.

[8] Се мисли на Христовите апостоли Петар и Павле.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *