Подолу изложуваме едно индикативно писмо на стариот игумен на манастирот Лонговарда на Парос, отецот Филотеј Зервакос (+1980), кој повеќе децении и самиот (според убедување) беше старокалендарец во строгиот и забранет за жени свештен манастир.
Со ова писмо не сакаме да покажеме дека сите старокалендарци се како наведените во ова писмо (напротив, многумина од нив се луѓе достојни за почит), туку да истакнеме, што сè може да му се случи на секој христијанин од „десните“ предлози на православието и благочестието. Исто така, ова писмо нека им биде поука на оние кои поради ревност, која не е според разумот, хулат на светата Црква Христова, и се дрзнуваат историски и географски да пресметуваат каде има, а каде нема благодат.
………..
Возљубен и многупочитуван господине А., радувајте се во Господа.
Го добив вашето писмо под број 17/30-8-75 и ви пишувам денес, иако сум стар и болен.
Стариот календар за кого ме прашувате, го воспоставија 318 свети и богоносни отци на Црквата на Првиот вселенски собор, и го запечатија и сите други кои го следеа, за време на 16 векови, сè до 1923.
Во 1923 година, оној „кој не влегува низ вратата на овчото трло, а прескокнува од другата страна…“ (Јован 10, 1) незаконски, и преку политичката власт на англиканците, Вселенскиот патријарх Мелетиј Метаксакис, незаконски го замени отечкиот православен календар и го воведе папскиот.
Ова незаконско воведување на новиот папски календар, го укинува периодично постот што беше одреден од светите апостоли, кој започнува по Неделата на сите светии и завршува на празникот на светите апостоли, и ги сведе деновите на минимален број, па дури и на нула…
Врховниот од светите апостоли, Павле, устата Христова, во посланието до Галатјаните, глава 1, стих 9, пишува дека: „Оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте – нека биде анатема!“
Но и сите Собори даваат мноштво анатеми за оние кои ги презираат свештените канони.
Но да видиме сега и за старокалендарците и Вистинските Православни Христијани (ГОХ, како што се нарекуваат себеси).
Вистински православен христијанин е оној христијанин којшто има топла вера во вистинскиот Бог, љубов од сета негова душа и срце кон Бога и кон неговиот ближен, и вистинска кротост и смирение.
Кога ги испрати Христос неговите ученици во светот, им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15).
„Проповедајте го Евангелието“, – им рече. Не им рече, проповедајте го стариот календар!
„Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16, 16).
Кој ќе поверува и се крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а не кој ќе се крсти во стариот календар ќе се спаси!!!
Евангелистот, пак, Јован забележува: „Поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него“ (1. Јов. 4, 16).
Не вели дека стариот календар е Бог, и дека оној што пребива во стариот календар, пребива во Бога…“
Старокалендарците, за среќа не сите, но за жал многумина, фанатици и зилоти, изјавуваат дека, без стариот календар не можеме да се спасиме!!!

Една мала случка
Мал пример за она што го зборувавме е и подолураскажаното од протопрезвитерот Атанасиос Јусмас.
Пред некое време, раскажува, прочитав една книга од една опрелестена душа, од познатата монахиња Магдалина, игуманија на еден манастир на некои отцепени, дури и од самите старокалендарци, монахињи од Козани, позната по нејзините анатеми и проклетства против еден светител од нашиот век, свети Нектариј…
Помеѓу другото го напиша и ова ужасно нешто:
„Убиец и неморален поп, може да ти го предаде телото и крвта Христови и да те причести, доволно е да е старокалендарец. Но, новокалендарец, не, никогаш!!!“
Нашиот високопреосветен митрополит Јаков еднаш се нашол на аеродром во една метропола. Видел како една монахиња очајно бара во својот паричник, поради некоја сериозна причина, некоја конкретна пара. Нашиот митрополит, сожалувајќи се на нејзината вознемиреност, ì ја дал парата што таа ја барала.
Монахињата ја зела, заблагодарила, но не му ја целивала раката, бидејќи, како што потоа му рекла: „Ако ви ја целивам раката, не ќе можам да се причестам цели шест месеци!“
Мислам дека доволни се овие два примера, за да ја покажат големината на прелеста и површноста на некои старокалендарски зилоти денес…
Една трагична смрт…
Слушнете сега за еден вистински и страшен настан што се случи во мое време, на Сирос.
Имаше таму еден јеромонах старокалендарец, кој, сакајќи да ја покаже неговата вера, не во православието, туку во календарот, ги советуваше христијаните да не одат во црквите и да не се причестуваат, зашто сето тоа е осквернето, откако поповите се полатинија (станаа римокатолици)…
Подобро, им велеше, да седите дома и да наполните една чаша со вино и натопувајќи во неа едно парче леб да јадете и да пиете, отколку да земате причест од новокалендарците, од која јас се гнасам, ја фрлам долу и ја газам…
И велејќи го ова, кажуваше уште еден срамен збор, што не доликува да се напише…
О, колку големо нечестие и лудост на овие луѓе, коишто Бог ги толерира, а тие не го сфаќаат тоа…
На погореопишаниот нечестив јеромонах, кој хулеше и го пцуеше светото Тело и Крв на Спасителот Христос, еднаш му дојде денот и тој ја прими Божествената Правда.
Напуштен од силата и заштитата Христова падна во безнадежност, и како Јуда еден ден се обиде да се обеси, во пронаосот на храмот, што самиот тој го изгради (другите храмови ги нарекуваше валкани…)
Но и во тој миг милостивиот Бог посака да му помогне, за да не ја загуби засекогаш неговата душа. Му испрати човек, букално Богоиспратен, кој кога го виде како се обидува да се обеси и откако ги повика соседите, го исекоа јажето и го избавија. Но само привремено…
Но бидејќи и тогаш не се покаја искрено, на крајот се збудале.
Го затворија во еден карантин, живееше некое време таму, и кога му се приближи времето за умирање, побожната управничка на институцијата повика свештеник, за да не умре како неверниците, без причест.
Кога влезе свештеникот во собата за да го причести виде една страшна и ужасна глетка, како што подоцна самиот ми раскажа: го видел неблагочестивиот јеромонах, кој ја пцуеше Светата Причест, како си го јаде изметот! И нормално, не го причести…
Самиот тој подоцна го погреба, и кога по три години дојде време за ексхумирање на неговото тело, го најде неразрешено, целото црно и со ужасен мирис, со устата отворена и јазикот нераспаднат, како виси надвор!!!
Христос, возљубен мој, не може да биде исмеан и поруган. И страшно е само да паднеш така во Неговите раце…
И оној, што претходно се чукаше во гради како Вистински Православен, следејќи го стариот календар, судејќи, анатемисувајќи и сметајќи ги за осудени на пекол уште овде новокалендарците, и самиот тој умре со таква несреќна смрт, јадејќи го својот измет!
Од две зла, помалото
Новиот календар е зло, – продолжува отец Филотеј – затоа што незаконски го воведе тогашниот матријарх Мелетиј Метаксакис. Но, иако периодично го укинува петровденскиот пост, сепак не ја укина ниту верата, ниту догматите, ниту празниците на светителите, и покрај тоа што се направи разлика од 13 денови. Зло е и затоа што ја предизвика оваа поделба меѓу браќата.
Од друга страна, сега, старокалендарците за да го сочуваат стариот календар, паднаа во многу и полоши прелести отколку новокалендарците. Ја отфрлија пред сè големата заповед на љубовта.
И самите тие се поделија на многу фракции, стигнувајќи до тоа да се крштеваат повторно, пцуејќи ја дури и светата Причест Христова зашто не е вистинска, зашто новиот календар, велат, е еретички и клириците немаат свештеничка благодат!!!
За сето ова, неопходно е да одиме според поговорката „од две зла, помалото“.
Завршувајќи го ова писмо родителски се молам Себлагиот Бог да те сочува од разните замки на сатаната, кои доаѓаат и од десно и од лево…
Моли се непрестајно, та Господ да ги просветли и да се вратат сите на стариот календар, но со љубов, мир и смирение, да станеме вистински едно Стадо и еден Пастир, според зборовите од Евангелието.
Со отечка љубов и срдечни молитви
Архимандрит Филотеј Зервакос
Превод од новогрчки:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
„Όσιος Φιλόθεος Πάρου“, τεύχος 13,
Ορθ. Κυψέλη, Θεσ/κη, 2005
Православна светлина, бр. 7.
One thought on “Писмо од старец Филотеј Зервакос”