Митрополит Симеон Куцас
- Уште еден долготраен посен период – таканаречениот апостолски пост. Така се нарекува затоа што им претходи на двата апостолски празника: на светите првоврховни апостоли Петар и Павле (29 јуни ст.ст/12 јули) и собор на светите апостоли (30 јуни/13 јули). Кога велиме, „Собор на светите апостоли“, имаме предвид собрание на верниците за принесување на Божествената Евхаристија во чест на сите дванаесет апостоли, чиишто спомен, на секого одделно, исто така се празнува во Црквата.
- Времетраењето на овој пост е неопределено, бидејќи неговиот почеток зависи од датумот на подвижниот празник Пасха. Кога започнува овој пост? Започнува во понеделникот по Неделата на сите светии, а завршува строго на 28 јуни/12 јули, во навечерието на празникот на светите апостоли Петар и Павле. На тој начин, според стариот календар тој може да трае до четириесет и два дена, доколку Пасха падне на 22 март. Според новиот календар, кого денес го запазува Грчката црква, неговото времетраење никогаш не поминува тринаесет денови. А понекогаш, кога Неделата на сите светии ќе падне по 27 јуни – како што се случува, кога Пасха се празнува од 5 до 8 мај – тогаш воопшто нема пост.Иако денес овој пост во Грција исто така го нарекуваат Четириесетница, тој мошне ретко трае четириесет денови. Според тоа, причината, поради која овој период исто така се нарекува Четириесетница, лежи во значењето на воздржанието и постот.
- За постоењето на овој пост има сведоштва од длабока древност; за него спомнува свети Атанасиј Велики и Апостолските институции. Последниве во врска со него го кажуваат следново: „Потоа, откако ќе ја отпразнувате Педесетницата, празнувајте една седмица, а потоа една недела постете, зашто правилно е, вие и да се веселите за дарот Божји и да постите по утешувањето“. Во неделата по Педесетница укажува на пост и Атанасиј Велики.
Од овие сведоштва ние изведуваме заклучок дека многу пред востановувањето на празниците на светите апостоли Петар и Павле на 27 јуни – овој празник дошол во Цариград од Рим во V век – постот бил седумдневен и бил поврзан со Педесетница, бидејќи по неа апостолите, откако „постеа и се помолија“ (Дела 13, 3), го започнаа своето проповедничко дело. Поради таа причина тој бил наречен апостолски. Подоцна, пак, кога бил востановен апостолскиот празник, постот бил продолжен до 29 јуни/12 јули и почнал да се смета како период за подготовка за празникот. Во таа смисла ги толкува погоренаведените сведоштва и свети Никодим Светогорец, објаснувајќи го 69-то апостолско правило.
Подоцна за апостолскиот пост напомнувале Анастасиј Синајски, свети Теодор Студит, свети Никифор Исповедник, патријарх цариградски и Теодор Валсамон.
- Како треба да го постиме овој пост? Како што е познато, во овој пост исто така се разрешува јадење на риба, со тоа што во тој период се воздржуваме од месо, млечни производи и јајца. Риба јадеме, ако сакаме, и секој ден, се разбира, освен во среда и петок, кога постиме строго, без масло.
Истото – т.е. строгиот пост – важи и за навечерието на празникот, доколку не падне во сабота или недела. Риба се разрешува исто така и на празникот Рождество на свети Јован Крстител (24 јуни ст.ст./7 јули), во кој ден и да падне.
Ако празникот на светите апостоли Петар и Павле (29 јуни/12 јули) падне во среда или петок, се разрешува само риба.
(Извадок од книгата „Со пост и молитва“, издание на Повардарската епархија.)