Преподобен Петар Атонски

Loading

Родум Грк, а по занимање војник. Војувајќи еднаш против Арапите беше заробен, окован во пранги и фрлен во затвор. Така остана долго во затворот на градот Самара на реката Еуфрат, а постојано Го молеше Бога да го ослободи од затворот за да може сиот да се посвети на молитвен подвиг. Во затворот му се јави свети Симеон Богопримец со свети Николај, му ги допре со својот жезол прангите и тие се стопија како восок, а Петар одеднаш се најде надвор од градот. Веднаш тргна на пат за Рим, каде што на гробот на свети апостол Петар беше потстрижен за монах од самиот папа. Потоа со кораб повторно тргна на Исток. Во сон му се јави Пресвета Богородица со св. Николај и му рече на св. Николај дека Самата на Петар му ја одредила Гората Атонска за подвиг. Дотогаш тој немаше ни чуено за Атонската Гора. Штом, значи, се симна на Света Гора, се всели во една пештера, во која живееше педесет и три години во тешки подвизи, во борба со гладот и жедта, жегата и мразот, а најмногу со демонските сили, сѐ дури не ги совлада со помош на Бог. Кога ги издржа првите искушенија и добро ги положи првите тешки испити пред Бога, почна ангел Господов да му носи леб секои четириесет денови. Неколкупати му се јавуваше искушувачот-ѓавол во вид на светол ангел, но Петар го отфрли со знакот на Крстот и со името на Пресвета Богородица. Една година пред смртта го пронајде некој ловец кога ловеше елени на Атон и од усните на светителот чу за неговото житие. Се упокои во 734 година. Моштите му ги пренесоа во Македонија. Дел од неговите свети мошти има во зградата на Повардарската епархија во Велес, мало парче е изложено во храмот Свети Кирил и Методиј во Велес, заедно со другите свети мошти, а дел има и во Битола.

По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј и спаси нѐ. Амин.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *