Пастирот до креветот на болниот – I дел

Loading

Митрополит Антониј (БЛУМ)

Митрополитот Антониј Сурошки (световно Андреј Блум) е роден во 1914 г. во семејство на руски дипломати. За време на револуцијата, неговото семејство било во Персија, од каде што, со големи тешкотии успева да отиде во Париз и останува да живее таму. Во Франција идниот епископ дипломира како биолог и лекар, но неговото прво практично искуство во професијата му е како хирург на фронтот за време на Втората светска војна во Француската армија. За време на германската окупација продолжува да работи како лекар, на страната на нелегалната отпорна сила. Уште во 1939 г., непосредно пред заминувањето на фронтот, дава монашки завет и е пострижен за монах со името Антониј, во разгорот на отпорот (на Франција) во 1943 г. по војната, до 1948 г. продолжува да биде лекар, а потоа е ракоположен во свештенички чин и испратен од Црквата за служење во Англија. Во 1957 г. станува епископ на Руската православна црква, а од 1966 г. е митрополит на партијаршискиот егзарх на луѓето коишто живееле во Западна Европа, православни по јурисдикцијата на Руската (Московската) патријаршија. Преку целото време на своето епископско служење, митрополитот Антониј неуморно им произнесувал беседи на своите сонародници во Русија преку радио „Слобода“. По 1974 г. официјално е ослободен од службените обврски и  целосно се посветува на проповед и интелектуален труд.

Митрополитот Антониј, кој што е еден од најголемите и најпознати современи православни богослови, не напишал за печатот ниту еден ред за време на својот живот. Сите негови книги се зборници, во кои што се собрани неговите усни проповеди и разговори. Митрополитот Антониј бил во блиски духовнички односи со мнозина големи руски интелектуалци. Се упокои на 4 август 2003 година во Лондон, оставајќи зад себе огромно духовно и интелектуално богатство.

Отец Сергиј[1]: Владико, ти си продолжил да работиш како лекар и по постригот. Колку, при неопходност, секој пастир треба да биде не само духовник, но и болничар, и лекар до креветот на болниот, на оној што умира?

Митрополит Антониј: Што и да си мисли самиот свештеник за својата улога, таа негова улога некако му е препишана и наложена од самиот живот, зашто ако е пастир, т.е. доколку реално се грижи за луѓето коишто му се доверени од Бога, тие задолжително ќе го викаат, кога ќе дојде некоја криза, дали тоа ќе биде болест, нечија смрт којашто наближува во семејството. Самата болест е една од најсериозните кризи, бидејќи го соочува човекот со повеќе ситуации, за кои здравиот обично не се сеќава. Како прво, болеста јасно го потсетува, дека е смртен. Не зборувам за минливи настинки, но кога човекот ќе се разболи сериозно, тогаш справедливо или не, ни минува мислата: значи јас немам власт над себеси, не можам да ја спречам болеста да ме зафати, според тоа не ќе можам, доколку ме зафати до крај, да ја избегнам смртта… Тоа е првото прашање, коешто најверојатно не се оцртува така јасно, но нешто слично проникнува со свеста на човекот.

Отец Сергиј: Би рекол, во таков момент тој не само што има потреба од пастирот, но е и посебно отворен?

Митрополит Антониј: Тој е посебно отворен, само доколку пастирот успее да му помогне да ги изрази тие свои доживувања. Доколку пастирот отиде кај него и започне да му говори: Видете, вие сте болен, треба да разберете, дека по болеста може да дојде и смртта… – тогаш, нормално дека човекот ќе се затвори во себе. Имам искуство во тој однос.

За време на војната во нашиот оддел имаше еден католички свештеник, за когошто секој ранет војник или офицер беше некој, којшто во секој момент може да почине. Па тој сметаше, дека неговата единствена задача како пастир е да го исповеда и причести ранетиот: штом е причестен, може да си умира најспокојно. По одредено време несреќникот започнуваше загрижено да се врти: „Што е, зошто ме гледате така?“. „Ранет си; си ја погледна ли температурата?“ „Да“. „Лоша работа“. „Докторите велат, дека е нормално…“ „Докторите секогаш така велат за да го утешат болниот. Нели знаеш, дека и од мала рана можеш да умреш, ако загнои…“ И така продолжуваше разговорот во тој дух, додека не го притиснеше несреќниот ранет до ѕидот; тогаш го исповедуваше, го причестуваше и си тргнуваше, велејќи ми на тргнување – мене (во тоа време) лекарот: сега е Ваш ред, јас ја завршив својата работа… Се разбира, доколку свештеникот приоѓа на таков начин кон несреќниот болен, тој само ќе го исплаши и болниот ќе се затвори во себе. И навистина, честата посета на свештеникот кај болен, се восприма како предупредување: многу е можно смртта да е на прагот.

Но дури и свештеникот да имал искуство во болеста, дали затоа што самиот боледувал, дали затоа што успеал да ги види болните луѓе околу него (а да видиш не е толку просто, тоа не зависи од тоа да имаш само очи; треба да можеш и да гледаш), сепак има една цела наука – или, да речеме, дека не е наука, туку искуство. Нашите односи со луѓето треба да бидат такви, за нашето влегување во куќата да се прими просто и со радост. Тоа значи, дека пастирските грижи за болните треба да започнуваат, кога луѓето се здрави, да започнат од создавањето на прости дружељубиви односи.

За да можеш да му пристапиш на човек на таков душевен начин, потребно е огромно внатрешно целомудрие, треба да бидеш во состојба да гледаш на човекот како на икона, кон којашто пристапуваш со длабока почит, со побожност, во однос на која дејствијата ќе ти бидат исти како тие во храмот кон насликаната икона, би рекол, молитвено, благоговејно, внимателно, смирено, трепетно, вслушувајќи се со сите сили во тоа, коешто е во човекот, кое тој самиот може да го каже, но и во тоа, коешто Светиот Дух го извршува во него. Внатрешниот молк на свештеникот, неговата способност да го сретнува човекот на одредена длабочина, е многу важно, бидејќи болеста – тоа е момент на исклучителна средба со човекот.

Отец Сергиј: Интересно е тоа што го велиш за молкот. Значи, прашањето не се ограничува само со зборовите, не е само во надворешниот пристап, но и во внатрешниот однос кон човекот, коешто може да го поткрепи и да го озари човекот. Односот ли е најважен?

Митрополит Антониј: Најважен е односот и твоето присуство, така што болниот нема да почувствува, дека ти само како да чекаш кога ќе можеш да си тргнеш по својата работа.

Се сеќавам за еден случај. Едно време работев во психијатриска клиника. Имаше еден болен, којшто беше таму веќе 6 месеци и ниту еднаш немаше одговорено ниту еден збор ниту на лекарот, ниту на сестрата, ниту на роднините коишто го посетуваа. Тогаш, кога се сетив на еден мој разговор со еден психијатар, јас го помолив шефот на оделението да ми дозволи да поседам кај него. Седев со него цели три, четири, пет, шест часа без да прозбориме ниту збор; едноставно седев, и тој седеше. По десет дена или две седмици тој одеднаш се сврти кон мене и рече: „Зошто седите со мене преку целото ова време, што е…?“ И со тоа започна неговото оздравување, благодарение на тоа, што тој прозбори со некого. Но тоа е случај од психопатологијата. Не сите сме патолошки случај во таа смисла, но сите ние сме затворени во себе. Во секого од нас има срцевина, којашто ни е став да ја откриеме пред друг човек. А истовремено ако не се отвориме (јас не зборувам за длабочините, каде што само Бог има право да проникне), ако човек не ги открие оние длабочини, каде што се одигрува внатрешната борба помеѓу светлината и мракот, помеѓу животот и смртта, помеѓу доброто и злото, тогаш твоето присуство во улога на свештеник нема да има никаква полза во поглед на болеста.

Отец Сергиј: Сè, што кажуваш, говори за друг ритам на животот. До креветот на болниот не треба да се дејствува така, како во секојдневието – не на сите прашања треба да се одговара, не треба да се зборува толку брзо, не треба да се чека одговор на сè… Пристапот кон таков човек треба да е многу внимателен, мудар и смирен…

Митрополит Антониј: Целосно сум убеден во тоа. Во одредена смисла иницијативата треба да доаѓа од болниот, а не од тебе. Ти треба да бидеш дотолку задлабочено молчелив и отворен, што болниот во секој момент да може да се зазборува со тебе. Најважно е, најмногу помага (но е тешко човек да се научи на тоа), ако можеш да седнеш и едноставно да бидеш – да бидеш „тука“ во целосно спокојство. За тоа се потребни две работи. Од една страна, тоа треба да се прави така, што тој, за когошто се предназначени вашите грижи, да осознае, дека сте дошле кај него и вашето време е неограничено, дека не брзате, дека присуствувате целосно. Вие самиот знаете што претставува посетата на болен, кога човек поседува малку, а по неговото лице се чита, дека располага со не повеќе од десетина минути, дека само чека да поминат, за да рече: „Е, треба да одам!“ Често ние се вртиме, гледаме по ѕидовите, и човекот, когошто демек сме дошле да го посоветуваме, чувствува како реално воопшто не сме со него. Навистина, физички сме таму, но мислите ни бегаат, ние си мислиме за претходниот или следниот пациент, или пак за нешто, коешто требало или сме мислеле да го направиме. Ако сте отишле на посета кај некого, нека на тој човек да му стане сосема јасно, дека целото време, со коешто располагаме – дури и да се само пет минути, му припаѓа, дека тоа е целосно и само за него, дека додека траат тие пет или колку и да се минути, вашите мисли нема да се зафатени со ништо друго, дека во светот нема друг човек, којшто ви значи повеќе од тој, со когошто сте во моментот.

И уште нешто, умејте да молчите. Нека отстапи празнословието, нека има место за еден длабок, сосредоточен, исполнет со вистинска човечка загриженост молк. Не е лесно да се научи на молчење. Седнете, земете ја раката на болниот и речете му смирено: Се радувам што сум со тебе… И замолчете, бидете со него, не издигнувајте помеѓу вас цел свет од безначајни зборови и површни чувства. Нека вашата посета за него биде радост, нека знае тој, дека и за вас, да бидете со него, претставува радост. Ќе откриете нешто, коешто многу пати сум го откривал во последните 30-40 години: во одреден момент луѓето стануваат способни да говорат – да говорат сериозно, длабоко, да ги изречат оние не многу нешта, коишто заслужува да се кажат. Ќе откриете и нешто уште попоразително: дека и самите вие сте способни да зборувате точно така. (продолжува)

 

Превод од бугарски јазик:

М-р Дарко Милев

Наслов на изворникот:

Митрополит Антоний (Блум),

Пастирът до леглото на болния

*Објавено во Православна светлина бр. 20
 

[1] о. Сергиј е свештеникот, којшто го водел и запишал овој разговор со митр. Антониј во 1993-1994 г.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *