Преподобен Никодим Прилепски и Тисмански

Loading

(26 декември/8 јануари)

Преподобен Никодим е роден 1320 г., во гр. Прилеп – Р. Македонија. Од детството бил воспитан во благочестието, а како многу надарено момче вредно ги изучил науките. Проучувајќи го Светото Писмо и Православното богословие, тој од сета душа го засакал монашкиот живот и Го молел Бога да го удостои со монашки чин.

Со некои монаси од светогорскиот манастир Хиландар заминал на Атос. Кога стигнал, во градината на Божјата Мајка, преп. Никодим прво се подвизувал во манастирска заедница, а потоа својот подвиг го продолжил сам во некоја пештера во близина на манастирот Хиландар. Оградуван со Христовата благодат, заради своето смирение, ја познал дејственоста на светата молитва и се удостоил со дарот на пророштво и чудотворење. Така станал познат меѓу монасите на Света Гора.

Во 1341 г. бил ракоположен за јероѓакон, а во 1343 г. за јеромонах. Како игумен на манастирот Хиландар, преп. Никодим придонел тоа братство да достигне до стотина монаси, поучувајќи ги сите во стравот Божји и хранејќи ги со учењата од Светото Писмо. Бил искусен учител на Христовата молитва, голем богослов и духовен отец на многумина. Многу пустиници, монаси и игумени оделе при него за совет и душеполезен збор, а бил многу почитуван и од кнез Лазар.

Во 1375 г. преп. Никодим посредувал во Цариград за разрешување на конфликтот меѓу Српската црква и Цариградската патријаршија, кој настанал по едностраното прогласување на Српската црква за патријаршија во 1346 г. Иако отишол со делегацијата само како преведувач, патријархот Филотеј и царот биле восхитени од смирeнието и мудроста на преподобниот. Преп. Никодим со светоста на неговиот живот дал значаен придонес во одлуката на Цариградската патријаршија да ја укине анатемата со која ја осудила Српската црква. Потоа, од Света Гора со неколкумина ученици отишол на југ крај Дунав, близу Видин, во Бугарија, каде што основал две мали монашки заедници: Вратна и Манастирица.

Во 1364 г. преминал во Валахија (денешна Романија) и се населил на брегот на реката Водица, каде што била испосницата која ја основале валахиските монаси. Таму преп. Никодим, со помош на владетелите Влајку Вода (1364-1377) и Раду (1377-1384) и подвижниците кои живееле во тие предели, изградил ќелии и храм посветен на св. Антониј Велики, кој бил осветен во 1369 г. Манастирот Водица потоа бил богато даруван и утврден со владетелска хрисовула, во која меѓу другото, пишувало: „По смртта на кир Никодим, никој да не поставува на тоа место старец – ни владетел, ни архиереј, ниту кој било друг – туку како што Никодим ќе нареди и постави, така монасите кои таму живеат да почитуваат и тие самите за себе да поставуваат старец“.

На брегот на реката Тисмана, (каде уште на почетокот на XIV век се подвизувале многу подвижници собрани околу црквата посветена на Успението на Божјата Мајка), преп. Никодим, на местото наречено „Водопади“, го изградил војводскиот манастир Тисмана, исто така посветен на Успението на Божјата Мајка, со помош од влашките владетели Раду I и Дан I, во периодот 1377–1378 г. Големиот старец таму го основал познатото манастирско братство со десетина монаси, го помагал одржувањето на подвижничкиот живот на бреговите на Тисмана и поставил правила на заедничкото (киновиско-општожително) монашко живеење, според правилата на Света Гора. Откако околу него се собрале неколку одлични монаси, во Тисманскиот манастир основал школа за калиграфи и препишувачи на црковни книги. Таа школа била прочуена ширум Балканот. Оттаму преп. Никодим ги раководел сите манастири кои ги основал и се допишувал со игумените и учениците од Атос, Србија и Влахија, па и со патр. Евтимиј од Трново, притоа покажувајќи се како голем богослов и духовник.

Пред староста св. Никодим го доверил раководењето на манастирите Водица и Тисмана на својот ученик Агатон, а тој меѓу 1399 и 1405 г. се повлекол за подвизи во една пештера над манастирот. Таму преподобниот се подвизувал во текот на седмицата со пост, ноќни бдеења и постојана молитва. Само во недела и на празници слегувал од пештерата во тисманскиот манастир и служел Света Литургија. Потоа, на средбите со народот и отците, поучувал со боговдахновени зборови и повторно се враќал во пештерата.

Името на св. Никодим Тисмански се прочуло и од другата страна на валахиската земја, поради неговиот свет живот и дарот на исцелување од секоја болест. Манастирските преданија говорат дека многу болни се исцелувале уште со самото пристигнување во манастирот. Други се исцелувале преку молитвата и благословот на преподобниот или само со допирот на неговото расо. Меѓу оние кои ги исцелил св. Никодим е и ќерката на кралот Сигисмунд.

Пред крајот на XIV век, св. Никодим Тисмански со неколку ученици во долината Жиуа го основал манастирот Вишина, посветен на Света Троица, на местото каде што имало стара испосница. Во 1400 г. го основал манастирот Прислоп, кој подоцна е наречен Горен Силваш, во пределите на Хунедоара, исто, посветен на Света Троица, со помош од владетелот Мирчеа Стари. Во тој манастир преподобниот се подвизувал неколку години. Таму своерачно напишал едно словенско Тетраевангелие (1404-1405г.), кое до денес се чува во Националниот историски музеј во Букурешт.

Св. Никодим Прилепски и Тисмански се преставил во небесниот и неминлив живот на 26 декември 1406 година. Неговите свети мошти биле погребени во црквата на манастирот Тисмана.

Кога Бог ги прославил неговите мошти кои се покажале полни со божествена благодат, мироточиви и исцелителни, тие биле извадени, положени во ковчег и поставени во црквата која ја изградил св. Никодим – а каде што почиваат и моштите на св. Григориј Декаполит – во светиот манастир Бистрица.

По многу години валахискиот владетел сакал да ги земе моштите на светителот од манастирот Тисмана и да ги однесе во Букурешт. Но, се покажало дека тоа не било волјата на светителот. Имено, св. Никодим се јавил во сон на некој монах, заповедајќи му да му каже на игуменот да ги скрие неговите мошти, а само еден прст да остави заради верните. Исто така, му се јавил и на игуменот, заповедајќи да направи како што му рекол монахот. Игуменот зел еден прст и миро од светите мошти и го ставил во ковчеже заедно со оловниот крст кој светиот го носел околу вратот. Тој крст се наоѓа во манастирот Тисмана до денешен ден, но миро никому не му е дозволено да зема, туку само може да се целива садот со мирото.

Така моштите на преподобниот биле скриени и чувани многу години, а за тоа знаеле само игуменот и еден монах од манастирот. Моштите останале скриени до денешен ден. Преку останатите парчиња мошти на преп. Никодим до денес се случуваат големи чуда. Демони се изгонуваат од луѓе со повикувањето на името на светиот и разновидни исцелувања се даруваат на оние што со вера пристапуваат кон св. Никодим. Заради неговите молитви, Христе Боже, помилувај и спаси нè. Амин!

Тропар, глас 1:

Си го следел родениот од Дева, Началник и Пастир, отче наш Никодиме. Со постот, бденијата и молитвите, си станал жител на небото, исцелувајќи ги душите на оние кои со вера ти притекнуваат. Затоа воскликнуваме: Слава на Оној Кој те прославил и моќ ти дал, и преку тебе ни дава исцеленија.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *