Свети Јован Златоуст
(извадок од беседата)
- …Силата на љубовта е таква, што таа обично ги соединува и собира оние кои се на растојание еден од друг. Оној кого го љубиме си го замисуваме секој ден, иако тој живее во туѓина и е оддалечен од нас со опширните мориња; исто како што, оној кој не ни се допаѓа, иако може да е близу до нас, често пати како да не го гледаме. Така, каде што има љубов, таму растојанието воопшто не се забележува; а таму каде што ја нема, таму нема никаква полза од блискоста на местата. Неодамна, кога говорев пофалба за блажениот Павле, вие бевте во таков восхит, како да го гледавте него самиот присутен со нас, иако неговото тело лежи во царскиот град Рим, а душата му е во рацете Божји; „А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака“ (Мудр. Сол. 3,1). Меѓутоа, силата на љубовта ни го претставуваше пред нашите очи. Јас би сакал и денес да се занимавам со оваа тема, но моето слово се стреми кон други неодложни теми, кон денешните грешки на нашиов град. Оние кои сакаат да слушаат пофалби за Павле, најпрво треба да станат самите подражатели (следбеници, кои живеат слично како него) на неговите добродетели и достојни да слушаат за нив. Иако со нас не е нашиот отец, но ободрен од неговите молитви, ќе ви кажам една поука. Мојсеј иако со телото не се наоѓаше заедно со оние кои се бореа (израилци), но не помалку, туку многу повеќе им помогна на борците во победата, со раширените раце поткрепувајќи ги своите и преплашувајќи ги противниците (2.Мојс. 17 гл.). Како што силата на љубовта ги соединува одделените еден од друг, така и дејството на молитвата може да им донесе поголема полза на оние кои се оддалечени еден од друг. Па така, смело да стапиме во борба, бидејќи и нам ни претстои борба не со амалиќаните, кои напаѓале во тоа време, и не со некои други варвари, кои извршиле напад, туку со демоните, кои чекорат празнично низ плоштадите. Она што се случува денес, демонските сеноќни скитања, шеги, крици, ноќни игранки и смешни забави се полоши од било кој непријател кој би го заробил нашиот град; и тогаш, кога треба да се скрушуваме, да плачеме, да се срамиме, како оние кои згрешиле, така и оние кои не згрешиле, едните гледајќи ги своите гревови, а другите, гледајќи на беззаконието на браќата, нашиот град се весели, се украсува и овенчува; плоштадот, како раскошна жена која сака разни облеки, денес грижливо се украсува, се облекува во златни и скапоцени облеки, обувки и слични работи; секој мајстор, изложувајќи ги на видело своите дела, се труди да го надмине својот колега (пријател, конкурент). Таквиот натпревар, иако покажува детски ум и душа неспособна кон велики и возвишени мисли, но не носи со себе преголема штета: има само некоја безрасудлива ревност која навлекува на натпреварувачите само исмевање. Ако сакаш да украсуваш, тогаш украсувај ја не твојата работилница, туку твојата душа – не плоштадот, туку умот, да се восхитуваат ангелите, и архангелите да го одобруваат твоето дело, и Владиката на ангелите да те награди со своите дарови, а фалбаџиството кое се извршува денес, предизвикува само потсмев и завист – потсмев за оние, кои мислат високо за себе, а завист и голема омраза во оние, кои се подложни на овие болести.
- Како што кажав погоре, таквиот натпревар заслужува голем приговор; а најмачни се натпреварите кои се случуваат денес во гостилниците и кои се преполни со распуштеност и големо зло: зло – затоа што оние кои се занимаваат со тоа ги бележат деновите, гатаат и мислат, дека ако првиот ден од овој месец (јануари) го поминат во задоволства и веселби, дека така ќе им биде и во цела година; а распуштеност – затоа што на самото разденување и жените и мажите, полнејќи ги бокалите и чашите со вино, се опиваат со голема неумереност. Тоа не е согласно со нашето љубомудрие (философија), самите вие да го правите тоа, или да им дозволувате на другите, слуги или другари или соседи да го прават тоа. Зарем не си ги чул зборовите на Павле: „Гледате на деновите, месеците, времињата и годините. Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас“ (Гал. 4,10-11). Крајно безумно е според еден среќен ден да се очекува истото во цела година; и не само од безумство, туку и од ѓаволско влијание доаѓа таа мисла, небаре во вашиот живот треба да полагате надеж не на сопствената ревност и работливост, туку на дневните обрнувања на времето. Среќна ќе биде за тебе годината во сѐ не тогаш, кога ти ќе се опиваш во првиот ден, туку ако и во првиот и во секој ден го вршиш она што му е угодно на Бога. Денот е лош или добар не по својата природа – бидејќи ден од ден во ништо не се разликува, туку – според нашата усрдност или безгрижност. Ако си направил добро, тогаш денот за тебе е добар, а ако си згрешил – тогаш е лош и неодделен од казната. Ако размислуваш така и така се настројуваш, вршејќи секој ден молитви и милостини, тогаш цела година за тебе ќе биде среќна; а ако ти, не грижејќи се за добродетелите, очекуваш радости за својата душа од почетокот на месеците и броењето на деновите, тогаш нема да добиеш ништо добро. Ѓаволот, знаејќи го тоа и трудејќи се да нѐ оддалечи од подвизите на добродетелта и да ја задуши душевната ревност, ги научил луѓето да ја припишуваат среќата и несреќата на деновите. Кој е убеден дека има среќни и несреќни денови, тој во несреќен ден нема да се занимава со добри дела, мислејќи дека сиот негов труд ќе остане празен и бесполезен според кобното својство на денот; исто така и во среќниот ден нема да се занимава со тие дела, мислејќи дека неговото неработење воопшто нема да му наштети, според доброто својство на самиот ден, и на тој начин и во овој и во другиот случај ќе го изгуби своето спасение, и, сметајќи ги своите трудови те бесполезни, те излишни, ќе го поминува животот во неработење и во пороци. Знаејќи го ова, треба да ги избегнуваме замките на ѓаволот, да го искорнуваме од душите тоа расположение, да не ги гледаме деновите, да не презираме еден ден, а да се приврзуваме за друг. Лукавиот демон се дограбува против нас на тој начин не само затоа, за да нѐ фрли во неработливост, туку и за да ги наклевети Божјите созданија, и да ги вовлече душите во мрзливост и заедно во нечестивост. Треба да се оддалечуваме од тоа, и јасно да знаеме, дека нема зло, освен гревот, и нема добро, освен самата добродетел и угодувањето на Бога во сѐ. Радоста доаѓа не од пијанство, туку од духовната молитва, не од вино, туку од поучни зборови. Виното произведува бура, а поуката – тишина; виното предизвикува врева, а словото го прекратува бунилото; виното го помрачува умот, а словото го просветува и помрачениот; виното ги весели жалостите, кои не биле, а словото ги оттргнува и оние кои биле. Ништо обично така не води кон спокојство и радост, како тие правила на љубомудрието – да ја презираш сегашноста, да се стремиш кон иднината, да не го сметаш за постојано ништо што е човечко – ни богатството, ни власта, ни почестите, ни покровителствата. Ако се научиш така да мудруваш (философираш), тогаш нема да те допира тебе зависта, кога ќе го видиш богатиот, и кога ќе западнеш во бедотија, нема да бидеш понижен од сиромаштијата; и на тој начин ќе бидеш во состојба постојано да празнуваш. На христијанинот му е својствено да празнува не во извесни месеци, не во првиот ден од месецот, не во неделните денови, туку сиот свој живот да го поминува во достојно празнување. Кое празнување му доликува? За ова да го послушаме Павле, кој вели: „Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина“ (1.Кор. 5,8). И така, ако тебе ти е чиста совеста, тогаш ќе имаш постојан празник, хранејќи се со добри надежи и утешувајќи се со надежта на идните богатства; ако ти не си спокоен во душата и виновен си во многу гревови, тогаш и при илјадници празници и прослави ти нема да се чувствуваш подобро од расплаканите. Каква ми е ползата од тој светол ден, кога мојата душа е помрачена од гризењето на совеста? Па така, ако сакаш да добиеш полза и од почетокот на новите месеци, тогаш вака постапувај: по завршувањето на годината заблагодари му на Владиката (Христос), што те сочувал до таа граница на годините; имај скрушено срце, изброј го времето од твојот живот, и речи си самиот на себе: дните одат и заминуваат; годините завршуваат; голем дел од нашиот пат веќе изодевме; а што добро направивме? Зарем ќе заминеме оттука без сѐ, без било каква добродетел? Судот е пред вратата, останатиот живот се навалува кон староста.
- Така философирај (љубомудрувај) при почетокот на новите месеци; тоа имај го во умот при годишниот циклус; да размислуваме за идниот ден, за да не рече некој за нас, како што рекол пророкот за јудеите: „И така им минеа нивните денови во суета и нивните години во смутови“ (Псал. 77,33). Таков празник, за кој јас ви зборував, постојан, кој не го чека циклусот на годините, кој не се ограничува со извесни денови, може подеднакво да празнуваат и богатиот и сиромавиот; бидејќи денес не се потребни пари, ни богатство, туку само добродетел. Немаш пари? Но имаш страв Божји, ризница најдобра од секакви богатства, која не се уништува, не се изменува и не се истрошува. Погледни на небото, на небесата над небесата, на земјата, морето, воздухот, разновидните животни, разнообразните растенија, на сета човечка природа; помисли на ангелите, архангелите, небесните сили; спомни си, дека сето тоа е богатство на твојот Владика (Христос). Не е можно, слугата на таков богат господар да биде беден, ако Господарот негов е милостив кон него. Да внимаваш на деновите – не е согласно со христијанското љубомудрие (философија), но тоа е дело на незнабожечките заблуди. Ти си запишан во небесниот град, примен си за тамошен граѓанин, си стапил во заедницата на ангелите, каде што светлината не преминува во темнина, ниту денот завршува со ноќ, туку секогаш е ден, секогаш е светлина. Да се стремиме постојано да бидеме таму. „Барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога“ (Кол. 3,1). Ти немаш ништо заедничко со земјата, каде што има движење на сонцето и кружен тек на времето од годината и деновите; но ако ти живееш праведно, тогаш и ноќта за тебе ќе стане ден, исто како за оние, кои го поминуваат животот во распуштеност, пијанство и невоздржување, денот се претвора во ноќен мрак, не затоа, бидејќи се помрачило сонцето, туку затоа што нивниот ум е помрачен од пијанство. Да ги бележиш деновите, да наоѓаш во нив посебно задоволство, да палиш светилници на плоштадите, да плетеш венци, е дело на детската бесмисленост; а ти веќе си излегол од таа немоќ, достигнувајќи ја машката возраст и бивајќи запишан во небесното граѓанство; не ги осветувај плоштадите со сетилен оган, туку озарувај го твојот ум со духовна светлина. „Така да засветли светлината ваша пред луѓето, та да ги видат вашите добри дела и да го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 5,16). Таквата светлина ќе ти донесе голема награда. Не ја украсувај со венци вратата од твојот дом, туку води таков живот, та да добиеш на својата глава од рацете Христови венец на правдата. Ништо не треба да се прави попусто, без цел; Павле ни заповедал да правиме сѐ во Божја слава. „И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1.Кор. 10,31). Но, како е можно, ќе речеш ти, да јадеме и пиеме во слава Божја? Покани го сиромашниот, учесник на твојата трпеза направи го Христос; и на тој начин ти си јадел и си пиел во слава Божја. И не само тоа да го правиш во слава Божја, ни заповедал апостолот, но и сето останато, како што е: да излегуваш на улица и да остануваш дома; тоа и другото треба да биде за Бога. А како е можно, тоа и другото да биде за Бога? Кога доаѓаш во црква, кога учествуваш во молитвата и духовното поучување, тогаш таквото излегување од дома е во слава Божја. Исто така и останувањето дома може да биде за Бога. Како и на кој начин? Кога слушаш, дека има врева, беззаконија, ѓаволски празнувања, порочни и распуштени луѓе го полнат плоштадот, – остани дома, оддалечи се од таа врева, и ќе останеш дома во Божја слава. Како што е можно да остануваш дома и да излегуваш од дома за Бога, исто така е можно (во слава Божја) и да фалиш и да изобличуваш. Како е можно, ќе речеш, да фалиш некого или да укоруваш во Божја слава? Кога вие понекогаш седите во работилниците, гледате како поминуваат пред вас будали и непријатни луѓе, со смрштени веѓи, со надмен изглед, придружувани од мноштво паразити и полтрони, во скапоцени облеки и украси, луѓе кои го грабаат туѓото и лакоми; тогаш, ако некој рече: во каква завидна состојба се тие, колку се тие среќни! – таквиот укори го, изобличи го, затвори му ја устата, жали го, оплакувај го: тоа значи да укоруваш заради Бога. Таквиот укор за оние кои седат заедно со тебе ќе биде лекција за љубомудрие и добродетелност за тоа, за да не се вовлекуваме во световни работи. Оној, кој го кажал тоа, прашај го: зошто ги сметаш за среќни? Затоа ли, бидејќи има чудесен коњ, со позлатена узда, бидејќи има многу слуги, бидејќи шета во светли облеки, и безмерно се опива и ужива во раскош секој ден? Токму затоа е несреќен и за жалење и достоен за обилни солзи. Јас гледам, дека во него самиот вие не можете ништо да пофалите, а фалите сѐ што е надвор од него: коњот, уздата, облеката; а сето тоа – не е тој. Кажи ми, што може да биде полошо од тоа, кога неговиот коњ, уздите на коњот, убавата облека и телесната убавина на слугите предизвикуваат восхит, а во него самиот нема ништо за пофалба? Кој може да биде поголем бедник од тој човек, кој нема лично добро и ништо такво, со што би можел да замине онаму (во вечноста), туку се украсува со сѐ туѓо? Нашето лично богатство и украсување го сочинуваат не слугите, облеките и коњите, туку добродетелите на душата, богатството на добрите дела и смелоста пред Бога…
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев