Неракотворен образ на Господ Исус Христос

Loading

Леонид Успенски

На почетокот од оваа наша ера, кога Христос проповедаше во Палестина, во градот Едеса на Еуфрат владееше еден кнез по име Авгар. Авгар беше болен од некоја неизлечива болест, па штом слушна за чудниот Палестинец, т.е. дека ги лечи луѓето од секакви болести, испрати писмо до него по еден свој слуга, со молба до Христа да дојде и да го исцели. Ананиј, т.е. слугата, кој владееше со сликарската вештина, имаше и задача да го нацрта Христовиот лик и да му го донесе на кнезот. Писмото стигна до Христа, но Ананиј никако не успеваше да го нацрта ликот. А Христос, знаејки го порачаното, додека се наоѓаше меѓу народот, го изми лицето со вода и го избриша со крпа на која потоа остана отпечаток од неговиот лик. Овој неракотворен лик Ананиј го однесе кај Авгара, а овој го целива и веднаш се исцели. Авгар потоа го постави убрусот (крпата) со неракотворниот лик над влезната порта од градот, за да ја изразува пред сите верата на кнезот во божественоста на Исуса Христа. А во X век императорот Константин Багренороден (Порфирогенит) го пренесе убрусот со неракотворниот лик во Цариград и го постави во црквата Света Софија.

Црковното Предание тврди дека првата Христова икона се појавила уште за време на Неговиот живот. Тоа е иконата која Православната Црква ја нарекува Неракотворен образ.

Историјата на создавањето на првиот Христов образ нам ни се предава пред сè во текстовите од службата на Неракотворниот образ – 16 август: „Изобразениот пречист лик твој го прати на верниот Авгар, кој посака да те види Тебе, Кој си, по Твоето божество, невидлив и за херувимите“ (стихирите на 8-ми глас од вечерната). Стихирата на утрената богослужба (глас 4-ти) вели: ,,Своите богонапишани зборови си ги пратил на Авгар кој посакуваше спасение и здравје од образот на Твојот Божествен зрак. Спомнувањето на приказната за Авгар е присутно многу често, особено во службата која се врши во храмовите посветени на Неракотворниот образ. Меѓутоа, богослужбените текстови не зборуваат за поединости околу настанувањето на образот: тие говорат само за неговото постоење“. Старите писатели не го спомнуваат сè до V век, најверојатно затоа што бил заѕидан на место кое било заборавено. Најстарото сведоштво кое ни е на располагање се наоѓа во документот со име „Адајево учење“. Адај бил едески епископ (541 год.) и во своето дело користи, очигледно, некакво помесно предание или документ кој за нас е непознат, меѓутоа најстариот писател Евагриј (VI век) кој ни е познат и чие авторство е неспорно во својата Црковна историја, Неракотворниот образ го нарекува „богосоздадена икона“.

Самото платно со ликот Господов на него, било чувано како најголема градска светиња во Едеса. Почитувањето на тој образ било распространето на целиот исток. Во VIII век Христијаните, следејќи го примерот на Едеса, на многу места го славеле празникот на Неракотворниот образ.

За време на иконоборството преп. Јован Дамаскин го спомнува Неракотворниот образ, а 787 год. отците од Седмиот вселенски собор неколкупати го спомнуваат. Чтецот на цариградската црква Света Софија, по име Лав, кој присуствувал на тој собор, соопштува дека го целивал Неракотворниот образ за време на својот престој во Едеса. Византиските цареви Константин Порфиророден и Роман во 944 год. во Едеса го откупиле Неракотворниот образ. Образот свечено бил пренесен во Цариград и сместен во црквата посветена на Мајката Божја на островот Фарос. Самиот цар Константин составил беседа во чест на образот, величајќи го како заштитник на царството. Најверојатно од тоа време потекнува, барем во повеќе дела, службата на празникот која се врши на 16 август т.е. на денот на пренесувањето на Неракотворниот образ во Цариград. По опустошувањето на Цариград од крстоносците (1204  год.) трагата на образот се губи.

Во Франција постои чудотворна икона на Неракотворниот образ која денес се чува во катедралната ризница во Лион. Таа икона е од балканско, можеби српско потекло, настаната во XII век. Неа во 1249 год. во Франција од Рим ја донел Јаков Пантелејмон Тарциниус, идниот папа Урбан  и ја поклонил на својата сестра, игуманијата на цистеринскиот манастир.

Денот на празникот на Неракотворниот образ се одбележува како „пренесување од Едеса во Цариград на Неракотворниот образ на Господ нашиот Исус Христос, т.е. светиот убрус“. Меѓутоа, службата на тој ден воопшто не се ограничува само со споменот на пренесување на иконата од едно место на друго, туку главен збор зазема догматското засновање на образот и неговата содржина.

Смислата на изразот „неракотворен образ“ може да се разбере во Светото Евангелие според Марко 14,58: ,,тој образ е пред сè самиот Христос, воплотеното Слово, кој се јави во храмот на телото свое“ (Јован 2,21). Од времето на Неговото јавување, Мојсеевата забрана на образот (Исх. 30,34) ја губи својата смисла: Христовите икони стануваат непобитно сведоштво на воплотениот Бог. Тука не се работи за образот Божји кој е составен по човечка замисла, туку за вистинскиот лик на Синот Божји кој стана Човек, за кого црковното Предание тврди дека бил во непосреден допир со Неговиот жив лик. На денот на Неракотворниот образ Црквата ја прославува првата икона на Бога кој постана  Човек.

Како што веќе видовме претходно изложените стихири еднакво како и другите текстови од службите го истакнуваат историското потекло на тој образ. Посебно е важно да се нагласи дека во очите на Црквата Личноста на Исуса Христа и Неговиот Образ не се некаква персонификација на високи морални особини или возвишеност на идеи т.е. Спасителот не е некој возвишен и апстрактен идеал, туку конкретно историско Лице кое живеело на одредено место во одредено време. „Обновувајќи го првобитното достоинство на паднатиот Адамов лик, – слушаме во празничната стихира (2-ра стихира, глас 1, на малата вечерна), – Спасителот, иако неопислив по суштина, поживеа на земјата со луѓето како видлив, допирлив и опислив“.

За нашето набљудување посебно се значајни старозаветните и новозаветните читања на службите. Како што е познато севкупноста на текстовите од Светото Писмо ја открива смислата на настанот кој се слави: Во паримиите се покажуваат неговите старозаветни праобрази, а во новозаветните текстови се открива неговото исполнување и укажување на неговото есхатолошко значење. И токму во зборовите на тие текстови се открива она што веќе го знаеме од списот на преп. Јован Дамаскин, односно начинот на кој Црквата ја разбира старозаветната забрана, нејзината смисла и постоење, како и смислата и постоењето на новозаветниот образ.

Првите две паримии се земени од книгата Повторени закони (гл.1 ст. 4; 1,6-7; 9-15; гл.2 ст. 1-7; 9-10; 23-26; 28; гл.6 1-5; 13 и 18), а третата од 3-та книга Царства (гл.8 ст.22-23 и 27-30).

Првите две паримии ни говорат за Божјото откривање на законот на Израилот на планината Хорив, на патот на избраниот народ кон Ветената земја. Смислата на овие паримии се состои во посведочувањето дека влезот во ветената земја и нејзиното заземање зависат од безприговорното извршување на примениот закон и поклонувањето на едниот вистински Бог, без било какви примеси на култови од други „богови“. Во исто време, нам ни се наведува веќе познатата напомена за неможноста на прикажувањето на Бога кој останува невидлив: Го чувте гласот на Неговите зборови, ама образот не го видовте, и: Бдејте над своите души зашто не видовте никаков лик. Поинаку кажано, Законот во целина како и поединечните забрани за почитувањето на други „богови“ и образи навистина се неопходен услов за исполнување на ветувањето дадено на избраниот народ и неговото влегување во ветената земја. Таа земја има праобразно значење: Таа е образ на Црквата, образ на Царството Божјо.

Третата паримија е исто така навестување на новозаветното Откровение: тоа е Соломоновата молитва при осветување на храмот кој го подигнал: Дали Бог навистина ќе се насели меѓу луѓето на Земјата. Тебе ни небото, ниту небото над небесата не ти се доволни, а камоли овој храм кој го подигнав во твое Име. Овде се говори за идното доаѓање на Бога на Земјата, за Неговото учествување во времињата и тековите на човечката историја, за Неговото присуство во земниот храм од човек изграден, иако ниту небесата над небесата не му се доволни.

Значењето на тие паримии го разоткриваат Посланијата кои се читаат на празникот. Такво е Посланието до Колосјаните (1,12-17): ,,Благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп преку крвта Негова и простување на гревовите, и Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар; итн.“. Како што гледаме овој текст укажува на исполнувањето на пророштвата: „Наследство на светиите“, „Царството на Својот возљубен Син“ е Црквата, на чиј образ беше ветената земја. Според тоа целиот тек на настаните во Стариот Завет, целиот закон кој ја чувал чистотата на избраниот народ, сета негова свештена историја навистина се подготвителен процес за појавата на земјата на Телото Христово – Новозаветната Црква. И во тој подготвителен процес, забраната на образот води кон јавување на Оној кој беше невидлив „Образ на невидливиот Бог“, кој се јави како Богочовек Исус Христос. „Мојсеј одамна, по желбата, се удостои за нејасно боговидение и слава на твоето величие, додека новиот Израил, како свој Избавител јасно Те гледа лице в лице“ (тропар, 4 – та песна од канонот).

Евангелието кое се чита на денот посветен на Неракотворниот образ и на утрената и на литургијата е исто: Евангелие според Лука (9,51-56 и 10,22-24): „А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим; и испрати пред… Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја“.

Како што гледаме, во однос на образот и текстот од Посланието и од Евангелието со својата смисла противречат на двете паримии. Таму стои: „Вие не го видовте образот Божји“, а овде: „Блазе на очите кои го гледаат она што и вие го гледате“, т.е. кои го гледаат „образот на невидливиот Бог“, Христос. Последните зборови од евангелскиот текст се однесуваат само на апостолите, затоа што, Човекот Исус го виделе сите оние кои го опкружувале, а не само Неговите ученици. Меѓутоа само учениците Го виделе во ропско обличје Синот Човечки, Синот Божји, „сјајот на Славата Отчева“. Тие зборови како што веќе видовме преп. Јован Дамаскин ги разбира како разрешување на Старозаветната забрана. Видлива страна на тоа разрешување за нас е образот кој го празнуваме: „Некогаш беше виден од страна на луѓето, а сега се јавуваш во Неракотворен образ“ (тропар од 1 песна на канонот).

Првиот дел од Евангелието (Лука 9,51-56) го нагласува она по што се разликуваат апостолите од останатиот народ т.е. што го разликува светот од Црквата: тие се друг дух и нивните побуди и начинот на дејствување не се како во светот. (Да се потсетиме дека таа разлика условува и одредени средства кои ги употребува Црквата во што спаѓа и уметноста). Доколку паримиите ја откриваат причината за забраната на образот, Евангелието напротив, ја открива целта на образот. Да напоменеме дека разликата на духот помеѓу апостолите и светот, Спасителот ја наглазува непосредно пред Своето влегување во Ерусалим. И ете, почнувајќи од паримиите па преку новозаветните четива, ние гледаме како пораснува откровението: Стариот Завет е подготовка  за Новиот Завет, додека ветената земја кон која се движи Израилот, претставува Образ на Новозаветната Црква. Новиот Завет е остварување на тие подготовки и претскажувања. Меѓутоа, ниту Новиот Завет не е крајната цел, туку етапа на патот на човекот кон Царството Божјо. Образот на тоа Царство, образот на „горниот Ерусалим“ претставува земниот Ерусалим. Влегувањето на Спасителот во него претставува образ на влегувањето во Царството Божјо. Во Стариот Завет исповедањето на вистинскиот Бог и отсуството на Неговиот образ биле неопходен услов за влегувањето на Израилот во земјата која му е ветена. Во Новиот Завет пак исповедањето на Христа и Неговиот образ имаат иста улога: тие се неопходен услов за влез во Црквата, во Царството Божјо, во горниот Ерусалим во кој нè води Црквата. Токму поради тоа ова Евангелие и се чита на денот посветен на Неракотворниот образ. Доколку апостолите во Ерусалим ги води самиот Спасител, нас кон горниот Ерусалим не води Неговиот образ: „Те славиме Човекољубче, гледајќи ја промислата за Твојот образ: преку него Спасителу, на твоите слуги подари им го незаслужениот влез во рајот“ (стихира на Стиховни, слава глас 6).

На тој начин, со изборот на текстови од Светото Писмо и нивната употреба Црквата пред нас распростира огромна слика покажувајќи ни го бавниот и претежок пат на паднатиот свет кон ветеното избавување.

Навистина, Црквата потврдува изворно постоење на вистинскиот образ Христов. Освен Неракотворниот образ постоеле секако, и негови изобразувања, направени од луѓето кои го виделе и познавале. За тоа постои и историско сведоштво, кое е толку скапоцено зашто потекнува од Евсевиј Кесариски, единствениот меѓу древните писатели кој имал иконоборечко расположение – тој  потврдува постоење само на Христијански изобразувања: „Тој мисли дека уште во неговото време постојат оригинални слики на Господ Исус Христос и апостолите: и тврди дека сам ги видел“. Навистина, зашто ја опишал знаменитата Христова статуа која во градот Панеада ја подигнала жената која страдала од крвотечение, која нам ни е позната од Евангелието (Мат. 9,20-23; Марко 5,25-34; Лука 8,43-48), Евсевиј продолжува: ,,Се зборувало дека оваа статуа го подражува ликот Христов. Таа и до ден денес е зачувана и може да се види при посетата на тој град. Не треба да се чудиме затоа што многубошците на тој начин го чуваат сеќавањето на добрините кои им ги направи Спасителот. Ние ги видовме образите на апостолите Петар и Павле и самиот Христос, чии бои се одржани и до денес. Тоа било природно, така што старите имале обичај да ги почитуваат на тој начин без злобни намери, како спасители, во склад со многубожечкиот обичај кој постоел кај нив“. Евсевиј, повторуваме, не можеме никако да го осудиме за претерување, имајќи предвид дека теолошката струја на која припаѓал, била далеку од одобрување на сведоштвата кои ги опишува.

Извадок од книата на Леонид Успенски, ТЕОЛОГИЈА НА ИКОНАТА.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *