Мудреците и даровите

Loading

Поклонението на мудреците, мудрите мажи кои не припаѓаа на опкружувањето на Исуса, ја покажува божественоста и неговата посебност: мудреците беа први претставници на јазичниците кои Му се поклонија на Исуса. Во Средниот век овие мудреци беа почитувани како светители. Апокрифното Јаковово протоевангелие, кое се фокусира на Богородица (раѓањето, детската возраст, веридбата со Јосиф и раѓањето на Исус Христос), упатува на поклонението на мудреците, со мала разлика од евангелието според Матеј. Не станува збор за куќа во која се родил божествениот Младенец, туку за пештера, во која се поклониле и мудреците.

Освен смирна, ливан и злато, секој мудрец му подарил и по едно парче злато, нагласувајќи го со тоа царското достоинство на раѓањето. Многу податоци за детската возраст на Исус Христос има во арапското Евангелие, кое потекнува од сирискиот прототип од V или VI век. Мудреците беа одведени кај Исуса од страна на еден ангел, а не од ѕвезда. Има уште еден детаљ. Богородица, за да им возврати на мудреците за даровите што Му ги подариле, бидејќи немаше ништо друго, им даде едно парче од пелените на Исуса, кое мудреците го пренеле во своите земји, каде што се чувало како реликвија.

Апологетот Јустин (+156), сметал дека мудреците потекнувале од Арабија, како и Тертулијан (крајот на II век), кој им оддавал царско достоинство. Светиот Јован Златоуст верувал дека мудреците се од Персија, а неговиот современик Атанасиј епископот Александриски, вели дека се Египќани. Богословот Ориген Александриски, беше оној кој за прв пат (почетокот на III век) кажа дека тие биле тројца и зборува за нивните дарови. Подоцна, во VI век, мудреците беа објавени со имињата: Гаспар, Мелхиор и Валтазар. Ранохристијанското предание беше збркано во врска со деталите од раѓањето на Исус Христос и за идентитетот на мудреците, бидејќи христијаните од првите векови поголемо внимание оддаваа на крсната смрт и на воскресението, додека Евангелијата имаа повеќе проповеднички и поучен карактер. Очигледно мудреците биле учени луѓе кои имале пристап до астрономските науки, имале власт и политичко влијание во нивната татковина. Веројатно биле Персијци, свештеници на Зороастризмот. Персијците секогаш ги сметале за свои сонародници и преданието ни пренесува дека, во 614 година, кога војската на Хозрој II го освоила Ерусалим, не го срушил храмот на Рождеството, бидејќи на влезот имало една икона со поклонението на мудреците.

Што означуваат даровите кои мудреците му ги принесоа на воплотениот Бог? Ливан, смирна и злато се даровите што му ги донесоа „мудреците од Исток“ на божественото бебе. Ливанот е една ароматична смола која се собира со сечење на тенката кора на дрвото Босвелија (темјаново дрво), кое расте во Арабија, Сомалија, Индија и Либан. Се употребувало како темјан за световна и богослужбена употреба од дамнешни времиња (Египќани, Вавилонци и Евреи). Миризлива смола е и смирната, која се собира од дрвото Мирта (сродно дрво кое расте во Арабија и Етиопија). Смирната се користела во медицината, додека, кога Исус бил на крстот, Му понудиле смирна како средство против болка, додека, според преданието, со смирна и алое било помазано Неговото тело кога го испуштил духот.

Изборот на одредени дарови не е без значење. Тоа се скапоцени дарови, и поради нивната примена, и поради симболиката која ја имаат. Златото, со блесокот и неменливоста, е дар за царските рожби, ливанот е израз на божественоста на Исуса (да се издигне мојата молитва како темјан пред Тебе – псалм 140), додека смирната е на смртта. За смирната Дамаскин вели: „Смирна му однесоа како на тридневен мртовец, како што требаше да биде, бидејќи Христа со смирна го помазаа и го положија во гробот, како што сведочи Евангелието“.

Според православното предание, пред Успението, Богородица ги предала овие дарови, заедно со пелените Христови, заедно со нејзината чесна наметка и светиот појас на Црквата во Ерусалим, каде што останаа до 400 година. Тогаш владетелот Аркадиј ги пренесе во Цариград. Таму останаа до освојувањето на градот од Франките во 1204 година. Потоа беа пренесени, поради безбедносни причини, заедно со други реликвии, во Никеа Витинијска, поранешниот главен град на Византија, каде што останаа околу шеесет години. Со прогонот на Крстоносците од страна на Михаил Палеолог беа вратени во Константинопол каде што останаа до освојувањето во 1453 година. По освојувањето Мара, христијанската сопруга на султанот Мурат II (1421-1451) и мајка на Мухамед II, ги пренесе во Свештениот манастир на Свети Павле во Света Гора, чија што главна црква посветена на свети Георги била изградна од нејзиниот татко, Георги Бранкович, владетел на Србија. Според светогорското предание, кога Мара сакала да се качи кон манастирот, Богородица на натприроден начин ја спречила да се приближи до манастирот и да го наруши аватонот на Света Гора.

Мара послушала и ги предала светите дарови на монасите, кои на тоа место издигнале еден крст, како сведоштво на Богородичното појавување. Султанскиот документ кој сведочи за предавањето на даровите се чува во архивата на манастирот Свети Павле. Златото е ставено во 28 плочки со различна големина. Секоја плочка има различна уметничка изработка. Ливанот и смирната се чуваат како мешавина во форма на шеесет и две топчиња со големина колку една маслинка. Автентичноста на Даровите се потврдува од усното предание и од историјата. Но автентичноста на Чесните Дарови се потврдува и од неискажливото благоухание (арома) која одвреме навреме се шири од нив, и од исцелителната и чудотворна благодат која до ден денес постои. Запишани се многу чуда кои се случуваат сѐ уште од овие свети дарови.

А тројцата цареви-мудреци откако си заминале од кај Младенецот, отишле во своите земји да ја проповедаат радосната вест за раѓањето Христово, а според некои сведоштва се смета дека апостолот Тома ги ракоположил за епископи. Се смета дека се упокоиле во исто време и дека на исто место биле погребани. Царицата Елена ги нашла нивните свети мошти и ги пренела во Цариград, а во V век биле однесени во Милано. Во 1164 година, по желба на императорот Фридрих I Барбароса моштите биле однесени во Германија, во градот Келн кај архиепископот Рејналд, каде што на 24 јули бил востановен празникот на „Тројцата кралеви“. Денес се чуваат во Келнската катедрала посветена на Пресвета Богородица и на апостолот Петар. Во XIII век Марко Поло сведочи за постоење на гробница на тројцата мудреци во персискиот град Сава (југозападно од Техеран).

Подготвил: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *