Епископ Порфириј Јегарски
Епископот Порфириј Јегарски (Периќ), роден е во Бечеј, со крстено име Првослав. Основно образование завршил во Чуруг, а гимназија во Нови Сад. Во 1986 год. дипломирал на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград. Пред тоа се замонашил во манастирот Дечани (1985 год.). По дипломирањето отишол на постдипломски студии во Атина каде што останал до 1990 год. Потоа заминал во манастирот Ковиљ, во Бачката епархија, и таму на 21 ноември 1990 год. е ракоположен во чин јеромонах. Веднаш потоа манастирот се полни и напредува со многу млади искушеници и монаси па набрзо е поставен за игумен. Живеејќи во Ковиљ одржува многу богословски предавања на разни трибини, а особено се залага во работата против разните верски секти и зависности. Станува омилен духовник на многу млади личности, особено кај интелектуалните кругови. Во 1999 е избран за епископ Јегарски (викар при Бачката епархија). Во 2004 год. на Богословскиот факултет при Универзитетот во Атина успешно ја брани докторската дисертација на тема: Можноста за познание на Бога кај апостолот Павле според толкувањето на свети Јован Златоуст.
Советот на Републичката радиодифузна агенција го избра за свој претседател на 29 јули 2008 год.
Во периодот од 2010-2011 беше и воен епископ, а потоа координатор за соработка на СПЦ со Армијата на Србија.
***
Дали монаштвото е потешко и повозвишено од бракот?
На ова прашање кратко може да се одговори, но пред сè прашањето, дали нешто е тешко или лесно, мислам дека треба да се избегнува.
Треба да си го поставуваме прашање што е вистинито? Што е точно? Кога вие, според љубовта дејствувате, надворешно гледано за некој кој не е учесник на вашето искуство, можеби тоа изгледа страшно тешко, но кога е во прашање љубовта, вие не ни размислувате за тешкотиите. Најдобар можен пример за тоа е односот на родителите кон децата; има ли нешто потешко од воспитување на деца, има ли поголема одговорност од воспитувањето и растењето на децата? Но родителите кои се трудат да Му угодат на Бога, кои се трудат да ја исполнат заповедта Божја, кои се трудат за евхаристиски и црковен живот, тие себеси никогаш не си го поставуваат прашањето, дали е тешко да направат нешто за оној кого го сакаат.
Тие секогаш си го поставуваат прашањето, дали е нешто исправно или не е исправно, така и во оваа смисла, кога го поставуваме прашањето, дали монаштвото е тешко или не, тоа е сосема лична работа.
Ако со сила, и од надворешни причини, и од психолошки причини, од некои погрешни причини сакаме да бидеме монаси, како што тоа често се случува, ако смеам да кажам, не знам, но верувам дека, ако не повеќе, тогаш сигурно исто толкав е бројот на оние кои доаѓаат во манастир од надворешни причини, како и оние кои ќе дојдат од автентични причини.
Значи, нас често монаштвото нè привлекува со својата естетика и со својата т.н. мистика, а во суштина монашкиот живот е сосема едноставен, тука се станува, се работи и монасите по правило не се ништо подобри од оние кои не се монаси. Монах е оној кој сака да биде монах, а тој може да биде и морално понесовршен од некој кој живее во светот, но тој сака, и врз основа на своите потенцијали и своите сили се труди, колку што му е дадено, да одговори на тој призив. Често, можеби не му поаѓа од рака, понекогаш по Божја промисла, а понекогаш и од најелементарно сластољубие.
Луѓето надвор од манастирот често се неспоредливо подуховни од оние кои се во манастирот, според тоа, прашањето, дали нешто е потешко или полесно, потполно е индивидуална работа.
Треба да се трудиме да ги избегнуваме тие естетски причини.
Има еден расказ во кој се опишува како еден монах се молел пред иконата на Пресвета Богородица, се молел, а имал ужасни искушенија, и му се обратил на Бога, надвор од себе: „Господи, кога веќе ќе престанат овие маки и овие искушенија“, и слушал глас кој му прошепотил, – „кога ќе престанеш да ì се молиш на оваа таму (мислејќи на Пресвета Богородица) ќе престанат искушенијата“. Тоа бил гласот на нечестивиот, кој всушност му објаснил, дека бидејќи се моли, бидејќи оди по патот на Вистината, се подразбира дека ќе има искушенија, но ако се одрече од вистината, тогаш повеќе нема да му биде тешко.
Значи, кога и да го избереме вистинскиот пат, кога и да го избереме според срцето, според љубовта својот пат – ќе биде тешко. Поради љубовта која ја носиме во себе и сеќавањето на Христа и сеќавањето на Неговата љубов кон нас, тие тешкотии едноставно не ги забележуваме.
Како би можеле мачениците да ги истрпат тие мачења?
Патем, еве кога станува збор за монаштвото, кога го читате чинот на монашење, сè што му се ветува на монахот е неубаво, но ако го земеме Евангелието, да ги земеме блаженствата кои ги пееме на секоја Литургија.
Блажени сте кога ве прогонуваат, кога ве понижуваат, каква логика има тука!? Нема никаква логика, и кој е тој аргумент, врз основа на кој, некој може да го оправдува тоа, да биде блажен кога го прогонуваат?!
Ако не сме вкоренети во Христа, ако немаме сеќавање на Христа, ако не црпиме сила од Христа која ни доаѓа од иднината, од есхатологијата, како што се кажува тоа на теолошки јазик, тогаш ќе ни биде тешко да бидеме христијани.
Но ако ние постојано се сеќаваме на Христа, ако, „не живеам повеќе јас, туку Христос во мене“, според зборовите на светиот, богомудар апостол Павле, тогаш ние едноставно тешкотиите не ги забележуваме.
Немојте да мислите дека мачениците не ги болело кога ги печеле, колеле, сечеле, не само што ги болело, туку тоа сигурно биле ужасни болки, но нивната љубов кон Христос била посилна и свеста за Христос, сеќавањето на Христос било толку силно, што тие можеле да ги претрпат тие страдања и тие болки.
Така што ве советувам никогаш да не си го поставувате прашањето; што е тешко и што е потешко… Треба да го бираме она што е вистинито, и кога одиме по патот на вистината, тоа тогаш подразбира распетие, што и да донесе таа вистина. Вистината е, се разбира, Христос; Он е патот, но Он е и животот, според тоа, сè нам ни е во Него дадено, па така, што се однесува на тешкотиите, дека не е лесно, – не е лесно, тоа сите го знаеме.
Штом ќе почне човек да мисли на себе, да се сожалува себеси штом ќе се појави и најмала димензија на самољубие, веднаш се констатира, како на другите им дал многу, како се жртвувал, како им пружил сè, а тие нему ништо! Што да се прави…
Превод од српски јазик:
Снежана Колевска, дипл. Теолог
Православна светлина, бр. 21.