Што е тоа молитвено правило? Тоа се молитвите, кои човекот ги чита редовно, секој ден. Молитвеното правило кај секого е различно. Кај едни утринското или вечерното правило зазема неколку часови, а кај други – неколку минути. Сè зависи од духовната изграденост на човекот, од степенот на неговата вкоренетост во молитвата и од тоа, со колку време располага.
Многу важно е, за човекот да го исполнува молитвеното правило, да биде и најкратко, за да има во молитвата редовност, постојаност. Но правилото не треба да се претвора во формалност. Искуството на многу верници покажува дека, при постојано исчитување на едни и исти молитви, нивните зборови избледуваат, ја губат свежината, и човекот, кој се навикнал на нив, престанува да се сосредоточува на нив. Оваа опасност треба да се трудиме со сите сили да ја избегнуваме.
Се сеќавам, кога примив монашки постриг (тогаш имав дваесет години), побарав совет кај еден искусен духовник и го прашав, какво треба да ми биде молитвеното правило. Тој рече: „Ти треба секојдневно да ги исчитуваш утринските и вечерните молитви, три канони и еден акатист. Што и да се случи, колку и да си изморен, задолжително да ги прочиташ. Дури и да ги прочиташ брзо и невнимателно – не е битно, најважно е правилото да биде прочитано“. Јас се обидував. Не ми одеше добро. Секојдневното читање на едни и исти молитви доведе до тоа, овие текстови брзо да здосадуваат. Притоа, секој ден многу часови поминував во храмот на службите, кои мене духовно ме хранеа, наситуваа, закрилуваа. А исчитувањето на трите канони и акатистот се претвораше во некаков непотребен „додаток“. Јас почнав да барам друг совет, кој повеќе би ми одговарал. И го најдов во делата на светителот Теофан Затворник, извонредниот подвижник од XIX век. Тој советува молитвеното правило да се смета не со бројот на молитви, туку со времето, кое сме подготвени да Му го посветиме на Бога. На пример, можеме да си земеме за правило да се молиме наутро и навечер по половина час, но тој половина час треба целосно да му биде посветен на Бога. Не е толку важно дали во текот на тие минути ги читаме сите молитви или само една, или пак, може, една вечер целосно да ја посветиме на читање Псалтир, Евангелие или на молитви со свои зборови. Главно е да бидеме сосредоточени на Бога, да не ни избега вниманието и секој збор да стигнува до нашето срце. Овој совет мене ми одговараше. Впрочем, јас не исклучувам дека за други луѓе посоодветен би бил советот што јас го добив од духовникот. Тоа многу зависи од посебноста на човекот.
Мислам дека за човекот, кој живее во свет, не само петнаесет, туку дури и пет минути на утрински и вечерни молитви, се разбира, ако молитвата се кажува со внимание и чувство, се доволно, за да се биде вистински христијанин. Важно е само мислите секогаш да им соодветствуваат на зборовите, срцето да одговара на зборовите од молитвата, а целиот живот да ì соодветствува на молитвата.
Обидете се, следејќи го советот на светителот Теофан Затворник, да одвоите некое време за молитва во текот на денот и за секојдневно исполнување на молитвеното правило. И ќе видите дека тоа многу брзо ќе донесе плодови.
Опасност од навикнување
Секој верник се соочува со опасноста од навикнување на зборовите од молитвите и расеаност за време на молитва. За да не дојде до тоа, човекот треба постојано да се бори со себе или, како што велат светите отци, „да стражари над својот ум“, да се учи „да го заклучува умот во зборовите на молитвата“.
Како да се постигне ова? Пред сè, не треба да си дозволиме да кажуваме зборови, кога и разумот и срцето не одговараат на нив. Ако сте почнале да читате молитва, но на средината вашето внимание избегало, вратете се на тоа место, каде што вниманието ви се расеало, и повторете ја молитвата. Ако е потребно, повторете ја три пати, пет, десет пати, но да се изборите за тоа, целото ваше битие да одговара на неа.
Еднаш во храмот ми се обрати една жена: „Отче, јас многу години читам молитви – и наутро и навечер, но колку повеќе ги читам, толку помалку ми се допаѓаат, толку помалку се чувствувам дека верувам во Бога. Јас толку многу се навикнав на зборовите од тие молитви, што јас на нив повеќе не реагирам“. Јас ì реков: „Па не ги читајте утринските и вечерните молитви“. Таа се зачуди: „Ама како тоа?“ Јас ì повторив: „Фрлете ги, не ги читајте. Ако вашето срце не одговара на нив, вие треба да си најдете друг начин на молитва. Колку време ви одземаат утринските молитви?“ – „Дваесет минути“. – „Вие сте подготвена секое утро да Му посветувате дваесет минути на Бога?“ – „Подготвена сум“. – „Тогаш земете една утринска молитва – по избор – и читајте ја во текот на дваесет минути. Прочитајте една реченица од неа, па замолчете, размислете, што значи тоа, потоа прочитајте друга реченица, замолчете, подзамислете се за нејзината содржина, повторете ја пак, размислете, соодветствува ли на неа вашиот живот, подготвени ли сте да живеете така, та таа молитва да стане реалност на вашиот живот. Кажувате: „Господи, не лишувај ме од Твоите небесни блага“. Што значи тоа? Или „Господи избави ме од вечните маки“. Во што е опасноста од тие вечни маки, навистина ли се плашите од нив, навистина ли се надевате дека ќе ги избегнете?“ Жената почна така да се моли, и набрзо нејзините молитви почнаа да оживуваат.
Молитвата треба да се учи. Треба да се работи над себе, да не дозволуваме, стоејќи пред иконата, да кажуваме празни зборови.
На квалитетот на молитвата се одразува и тоа, што нејзе ì претходи и што ì следува. Невозможно е да се молиме во состојба на раздразливост, ако, на пример, пред да почнеме да се молиме сме се скарале со некого, сме се развикале некому. Значи, во тоа време, кое ì претходи на молитвата, ние треба внатрешно да се подготвуваме за неа, да се ослободуваме од она што ни пречи да се молиме, да се наштимаме на молитвениот звук. Тогаш ќе ни биде полесно да се молиме. Но, се разбира, и по молитвата не треба веднаш да потонуваме во суетата. Завршувајќи со молитвата, дајте си уште некое време, за да чуете одговор од Бога, за да прозвучи нешто во вас, да се отповика на присуството Божјо.
Молитвата само тогаш е вредна, кога ние чувствуваме, дека благодарение на неа во нас нешто се менува, дека ние почнуваме да живееме поинаку. Молитвата треба да донесува плодови, и тие плодови треба да бидат видливи.
Превод од руски јазик:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Игумен Иларион (Алфеев),
О МОЛИТВЕ,
Клин, 2001
Православна светлина бр.10