Молитва кон свети Климент Охридски

Loading

О, велик Божји угоднику и седобар наш отче Клименте, Охридски чудотворче! Ти кој во должина и широчина цела Македонија ја озари со евангелската вистина, послушај нè нас, кои со вера прибегнуваме кон твоето застапништво и со горешта молитва те повикуваме на помош! Дарувај ни добро здравје и секакви земни дарови, избави нè од стрелите на лукавиот, утврди нè во евангелската правда, укрепи нè во љубовта кон Бога и кон ближните и поткрепи нè во подвигот на благодатното искачување по небесната скала на вечното спасение. Оградувај го и понатаму со душеспасителни грижи твојот македонски народ и запази го од воени напади, внатрешни немири, од земјотреси, од глад, и од секое зло и несреќа. Биди му вечен небесен покровител, за да опстојува во слобода и долгоденствие, во љубов и благочестие, во мир и добар напредок. Како некогаш што си ги удостоил со милоста сите, кои со вера и надеж прибегнувале до твојот светителски престол, така и сега помилуј нè сите нас, кои со жива вера се поклонуваме пред твоите свети мошти и усрдно те молиме: облечи нè во духовна сила, за да ги исполнуваме заветите на Христовото Евангелие и утврди нè во патот на евангелските добродетели, та преку подвигот на благочестието и преку твоето невидливо застапништво да го поминеме мирно и безбедно животниот мегдан, да минуваме тивок и безгрешен живот во овој век, а во идниот да се удостоиме да го чуеме Христовиот блажен и спасителен повик: „Дојдете вие, благословени од Мојот Отец, и наследете го царството, приготвено за вас од создавањето на светот!“ Амин!

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *