Архиереју вистински Исусе Христе, Кој се принесе Себеси кон Бога Отецот на Крсниот олтар како жртва чиста, непорочна за нас грешните, и ни Го даде Твоето Тело да Го јадеме и Твојата Крв да Ја пиеме, утврдувајќи ја оваа тајна во силата на Светиот Дух, велејќи: Ако го правите ова, во Мој спомен го правите: се молам преку Твојата чесна Крв, великата цена на нашето спасение, се молам преку оваа чудесна и неискажлива љубов, со којашто нас, недостојните, толку си нè засакал, зашто си нè измил од нашите гревови со Твојата Крв: научи ме, мене, недостојниот Твој слуга, когошто при другите Твои дарови, во свештенички чин, не по моите дела, туку по Твојата единствена милост си благоволил да ме повикаш, научи ме со Твојот Дух великата тајна да ја извршувам, со сета чест и богобојазливост, со сета побожност и страв, со кои доликува да се врши. Направи ми, Господи Исусе Христе, со Твојата благодат во величието на оваа тајна секогаш да верувам и да разбирам, и да чувствувам, и цврсто да чувам, да зборувам и да мислам на нешта кои Тебе Ти доликуваат, и кои се полезни за мојата душа. Да дојде во моето срце Твојот благ Дух, Кој безгласно се огласува, Кој ја говори секоја вистина на толку големите таинства, бидејќи се многу длабоки и покриени со Божествено покривало. Заради огромното Твое милосрдие благоволи сега и секогаш со чисто срце и мисла да ја извршувам службата на свештенодејството. Очисти ми го срцето од нечистите, гнасни, празни и штетни помисли. Огради ме со светите ангели, верни чувари и силно наоружани, та непријателите на секое добро да избегаат посрамени од силата на таквата тајна и од раката на Твојот свет ангел. Оддалечи ги од мене, Христе мој, и од сите Твои слуги, духот на гордоста, суетата, зависта, гневот, блудот, нечистотијата, неверието и хулата, да се посрамат оние кои нè гонат, и да погинат оние кои итаат нас да нè погубат.
Цару на силите, на чистотата и на целомудрието Љубителу, Боже, со небесната роса на Твојот благослов, изгаси го во мене сиот пламен на страстите, за да живее во мене целосната чистота на душата и телото, со останатите Твои дарови, кои Тебе Ти се угодни во правдата, та со нескверно тело и чисто срце да можам Тебе да Ти принесам жртва пофална со голема скрушеност на срцето, излевање на солзи, со таква почест и страв, во толкава чистота на плотта и духот. Ова наднебесно, Божествено принесување треба да се извршува, каде што Твоето Тело суштествено се јаде и Твојата Крв суштествено се пие, каде што небесните се соединуваат со земните, каде што лично претстојат ангелите, каде што како свештеник и жртва чудесно и неискажливо Самиот Ти си предложен. И кој може достојно да го извршува ова, ако Самиот Ти, Семоќен Господи, не го направиш достоен оној кој принесува? Знам и јасно ми е, и признавам пред Твоето милосрдие, дека не сум достоен, заради многуте гревови и безбројни грешки мои, да пристапам кон великите таинства, но знам навистина и со вера од сето срце и уста признавам, дека Самиот Ти единствен имаш сила да ме удостоиш, и мене зачнатиот и родениот во беззаконија можеш да ме очистиш. Заради оваа Твоја семоќ Те молам: благоволи, јас грешниот, оваа небесна жртва со страв и трепет, со чиста совест, со солзи, во духовна радост и Божествена веселба да Ти ја принесувам, да ја почувствува мојот ум сладоста на Твоето божествено доаѓање и стражарењето на Твоите ангели околу мене.
Бидејќи јас, Господи, спомнувајќи си за Твоите страдања, пристапувам кон Твојот олтар, иако сум недостоен, да Ти принесам жртва, од Тебе предадена и која се принесува во Твој спомен, востановена за нашето спасение. Прими ја, Те молам, Боже мој, за Твојата Света Црква и за сите луѓе, кои си ги снабдил со Чесната Твоја Крв: и затоа што мене, грешникот, меѓу Тебе и нив си посакал да ме поставиш за посредник, иако во мене нема сведоштво за добри дела, служењето за помирување, кое ми е доверено, да не го отфрлаш, заради моето недостоинство, и цената на нивното спасение да не ја поништуваш, поради кои Самиот Ти си благоволил да бидеш спасителна жртва и искупување. Зашто Ти ги принесувам, Господи, ако благоволиш милостиво да погледнеш, маките на немоќните, слабостите на старите, плачот на дечињата, заветите на девствениците, молитвите на вдовиците и умилението на сираците. Зашто Ти милуваш сè, и не презираш ништо од она што си го создал. Спомни си, каков е нашиот состав, зашто Ти си наш Отец. Не гневи се многу на нас, ниту да ги затвораш утробите на Твоите изобилија пред нас, Господи, зашто не ги принесуваме нашите молитви од нашата праведност пред Твоето Лице, туку во Твоите многу изобилија. Одземи ги од нас, Господи, нашите беззаконија, и со огнот на Твојот Свет Дух во нас пепел стори ги; одземи го од нас скаменетото срце од нашата плот и дај ни срце меко, кое се бои од Тебе, кое Те љуби, Те почитува, кое Тебе Те следи и со Тебе се храни. Ги молиме, Владико, Твоите изобилија, со светло Лице да погледнеш на Твоето наследство, кое сака да му служи на Твоето свето име, и ниту една наша молитва или прозба да не биде одбиена. Ти научи нè да се молиме, зашто Самиот Ти си подготвен да нè слушнеш и милостиво да го исполниш она што го бараме.
Те молам, Отче Свети, за душите на упокоените верници, да им биде ова велико Таинство на побожноста за избавување, спасение, утеха и вечна веселба. Господи Боже мој, дај им денес сецела и совршена утеха од Тебе, Вистинскиот Леб, Живиот, Кој слезе од небесата и Кој му подари живот на светот од Твојата Света Плот, Агнецот Неосквернет, Кој ги зеде гревовите на светот. Напој ги со потокот на Твојата добрина, од Твоето прободено ребро кое протече на Крстот, та преку него развеселени да се радуваат во пофалбата и во Твојата света слава.
Господи, ја молам Твојата добрина, да дојде на овој Леб и на оваа Чаша полнотата на Твоето Божество, исто така да слезе, Господи, невидливиот образ на Твојот Свет Дух и недостижната слава, како што порано слегуваше врз жртвите на отците, та и нашиот принос да го стори Тело и Крв Твои, и мене, недостојниот Твој служител, да ме научи да го извршувам великото Таинство, та благопријатно и милостиво да ја примиш од моиве раце Жртвата за спасение на сите живи и упокоени.
Те молам, Господи, заради самото Таинство на Светите Тело и Крв Твои, со Коишто секогаш во Твојот храм се храниме и напојуваме, очистувани, осветувани и обожувани биваме, та укрепен со Твојата сила, со добра совест пристапувајќи кон Твојот олтар, овие небесни таинства да ги имам за себе за живот и спасение, по Твоите свети зборови: Лебот што ви го давам Јас, е Мојата Плот, Којашто Јас ја давам за живот на светот, и кој ќе Ме јаде Мене, тој ќе биде жив заради Мене. Лебу пресладок, излечи ги усните на моето срце, да ја почувствувам сладоста на Твојата љубов, исцели ја секоја болест, та, освен Тебе, да не посакам никаква друга убавина. Лебу пречист, преполн од секаква сладост и миомирис, влези во моето срце и со сладоста од Твојот миомирис исполни ја внатрешноста на мојата душа. Од Тебе се хранат ангелите на небесата преизобилно: да се насити според својата сила од Тебе и дојденецот на земјата. Лебу свет, Лебу жив, Лебу посакуван, Кој слегуваш од небесата и му даваш живот на светот, влези во моето срце и очисти ме од секоја нечистотија на плотта и духот, влези во мојата душа, надворешно и внатрешно осветувајќи и просветувајќи ме, биди постојан чувар на здравјето на моите душа и тело. Протерај ги од мене оние кои ме напаѓаат, да бегаат од Твоето Лице оние кои ме мразат, та, ограден со Тебе, со Тебе да преминам во Твоето вечно царство, каде не прикриено, туку лице в лице ќе Те гледаме Тебе, кога ќе Му го предадеш Царството на Бога Отецот, за да биде Бог сè во сè. Сега гладувам и жедувам, но тогаш ќе се наситам, кога ќе ми се покаже Твојата слава, во којашто царствуваш заедно со Отецот и Светиот Дух во вековите. Амин.
Превод од црковнословенски јазик: Ѓакон Јани Мулев
Православна светлина, бр.21