Свети Максим Капсокаливит

Loading

Свети Максим е роден во Лампсака, од побожни родители во 1280 година. Неговите родители го пораснаа со побожност давајќи му ги сите духовни оружја кои му се потребни на еден добродетелен христијанин.

На 15-годишна возраст стана монах и се потчини на некој почитуван старец на планината Ган во Тракија. Таму со раководството на неговиот духовник напредуваше во сите добродетели на христијанството, стигнувајќи до високо ниво на светост. Постот, непрестајната молитва, бдението и пред сѐ смирението беа негови непобедливи оружја против искушенијата на млад човек на таа возраст.

По извесно време неговиот старец се упокои и така Максим мораше да побара друг духовен отец и за оваа цел отиде на Света Гора, каде што остана малку време со други подвижници. Потоа замина за Цариград на поклонение. Таму патријархот свети Атанасиј (28 октомври) ги процени неговите добродетели и неговиот смирен ум, кој беше главна карактеристка на светителот. Максим, за да ја избегне славата и пофалбите кои би можел патријархот да му ги оддаде, почна да се однесува како луд.

Живееше близу до храмот Влахерна, каде што цел ден народот го исмеваше и се подигруваше со него поради неговите будалаштини, додека, пак, навечер се молеше пред иконата на Пресвета Богородица во храмот.

По сето ова замина за Света Гора и се вброи во братството на Великата Лавра.

Таму покажа посебно послушание кон игуменот, но и кон сите браќа монаси и се обидуваше со сета сила да го следи примерот на великите подвижници на Атос. Не седеше во ќелијата за да нема удобност и кога пееше во храмот секогаш беше со солзи. Еднаш ја виде Пресвета Богородица во видение која му заповеда да оди на врвот на Атос за да се моли. Таму, додека се молеше во текот на три деноноќија му се појави Пречистата Мајка на нашиот Господ Исус Христос и го укрепи во неговиот подвиг, давајќи му леб и велејќи му од тој ден па натаму да живее сам во стрмните засолништа на Атос, каде што ќе спасува многумина кои ќе итаат кај него.

Светителот потоа отиде кај неговиот старец и побара благослов за да замине, раскажувајќи му го настанот. Тој немаше расудување и го осуди дека имал демонско видение, станувајќи играчка во рацете на демоните. Максим ги прифати овие зборови како божествен совет да продолжи со подвигот на лудоста (јуродството). Почна да живее лишувајќи се од сѐ што би можело да му причини удобност, дури и од најнеопходните нешта. Обиколуваше низ острите и стрмни карпи на Атос бос, изложен на крајните временски услови, особено во зима. Градеше привремени колиби (каливи) за да живее во нив, и по некое време ги палеше, за да нема било што свое или нешто што би можело душевно да го приврзе (така го доби името Капсокалива = оној кој ги пали колибите).

Се обидуваше да стане предмет на потсмевање од секој посетител за да не добие почит. Но оние кои одеа кај него си заминуваа со полза од неговите совети, и покрај тоа што ги кажуваше во вид на неповрзани и глупави зборови. Свети Григориј Синајски (12 април) кога слушна за Максим го бараше и кога го најде го принуди да му зборува за неговите подвизи. Кога го ислуша внимателно и сфати дека се работи за свет човек, го советуваше да ја остави веќе лудоста и пустината и да остане сам на едно место каде што би можеле да го најдат оние кои бараат душевна полза.

Масим покажа послушание кон него и направи една, веќе изолирана колиба, но без никакви материјални работи кои би го приврзале да живее удобно. Измачените, несреќните, преосетливите па и демонизираните најдоа утеха кај него. Доби од Бога дар на прозорливост и им пророкуваше на императорите Јован VI Кантакузин (1347-1354) и на Јован V Палеолог (1341-1391) кога тие го посетија за граѓанската војна која следеше.

Во оваа колиба, која беше под пештерата живееше 15 години и потоа отиде во Великата Лавра во една мала ќелија, во која подоцна стана негов ученик и животописец светиот Нифон (14 јуни). Мирно го напушти овој живот на 13 јануари 1375 година на возраст од 95 години.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *