Преподобен Максим Грк

Loading

Преподобниот Максим Грк (XV-XVI век), кој бил син на грчки чиновник во градот Арта (Албанија), добил блескаво образование. Во младоста многу патувал и изучувал јазици и науки во европските земји; престојувал во Париз, Фиренца, Венеција. По враќањето во родната земја отишол на Атон и примил монашки чин во Ватопедскиот манастир. Со восхит ги изучувал древните ракописи, оставени на Атон од грчките императори кои се замонашиле (Андроник Палеолог и Јован Кантакузен). Во тоа време великиот кнез московски Василиј Иванович (1505-1533) посакал да ги среди грчките ракописи и книги на својата мајка, Софија Палеолог, и се обратил до Константинополскиот патријарх со молба да му испрати учен грк. Монахот Максим добил наредба да отиде во Москва. Откако стигнал таму му било дадено да го преведе на словенски јазик толкувањето на Псалтирот, потоа толкувањето на Делата Апостолски и неколку Богослужбени книги.

Преподобниот Максим усрдно и внимателно се трудел да ги исполни сите задачи. Но, имајќи го предвид тоа, дека словенскиот јазик не бил близок за преведувачот, нормално, се јавувале некои грешки во преводот.

Митрополитот Московски Варлаам високо ги оценувал трудовите на преподобниот Максим. Кога, пак, московскиот престол го зел митрополитот Даниил, се изменила ситуацијата.

Новиот митрополит изискувал од преподобниот Максим да ја преведе на словенски јазик црковната историја на Теодорит. Максим Грк решително се откажал од таа задача, укажувајќи на тоа дека „во оваа историја вклучени се писмата на расколникот Ариј, а тоа може да биде опасно за обичниот народ“. Ова откажување посеало раздор помеѓу преподобниот и митрополитот. Не обрнувајќи внимание на безредието, преподобниот Максим продолжувал усрдно да се труди на полето на духовна просвета на Русија. Тој пишувал писма против мухамеданците, папството, паганите. Го превел толкувањето на светиот Јован Златоуст на Евангелието според Матеј и Јован, а исто така напишал неколку лични творби.

Кога великиот кнез планирал да го раскине својот брак со сопругата Соломонија поради нејзината неплодност, храбриот исповедник Максим му испратил на кнезот „Поучителни поглавја до началниците на правоверните“, во кои тој убедливо докажал дека положбата го обврзува кнезот да не се покорува на животните страсти. Преподобниот Максим го затвориле во затвор. Од тој период почнал нов, многустрадален период од животот на преподобниот. Грешките, најдени во преводите биле припишани како вина на преподобниот Максим, како намерно искривување на книгите. Тешко му било на преподобниот во затвор, но среде страдањата преподобниот стекнал и голема милост Божја. Му се јавил ангел Божји и му кажал: „Трпи, старче! Со овие маки ќе се избавиш од вечните“. Во затворот преподобниот старец со јагленче напишал на ѕидот канон на Светиот Дух, кој и денес се чита во Црквата: „Ти Којшто со манна го нахрани Израилот во пустината, и мојата душа, Владико, исполни ја со Светиот Дух, та за Него секогаш благоугодно да Ти служам“…

По шест години преподобниот го ослободиле од затворот и го испратиле под црковна забрана во Твер. Таму живеел под надзор на добродушниот епископ Акакиј, кој милостиво се однесувал кон оние кои невино страдале. Преподобниот напишал автобиографско дело „Размислувања, со кои тажниот монах, затворен во темница, се утешувал и укрепувал себеси во трпението“. Еве неколку реченици од тоа силно дело: „Не плачи, не тагувај, ниту очајувај, мила моја душо, поради тоа што страдаш без правдини, од кои би требало да примиш само добрини, бидејќи ти ги користеше духовно, предложувајќи им трпеза, исполнета со Светиот Дух…“. Дури по дваесет години престој во Твер на преподобниот му дозволиле да живее слободно и ја тргнале од него црковната забрана. Последните години од својот живот преподобниот Максим Грк ги поминал во Троице-сергиевата лавра. Веќе имал околу 70 години. Гонењата и трудовите се одразиле на здравјето на преподобниот, но неговиот дух уште бил бодар; тој продолжил да се труди. Заедно со својот ќелијник и ученик Нил преподобниот усрдно го преведувал Псалтирот од грчки на словенски јазик. Ни гонењата, ни затворањата не го скршиле преподобниот Максим.

Преподобниот се преставил пред Господ на 21 јануари 1556 година. Погребен е кај северозападниот ѕид на Духовската црква во Троице-сергиевата лавра. Засведочени се многу благодатни манифестации, кои се извршиле кај гробот на преподобниот, каде што се напишани неговиот тропар и кондак. Ликот на преподобниот Максим често се слика на иконата Собор на Радоњешките светители. Канонизиран е во 1988 година, а неговите свети мошти се откриени во 1996 година.

Овој многуобразован монах, преведувач и апологет, се смета за небесен покровител на сите учени, богослови, преведувачи, студенти, мисионери, апологети и катихизатори.

По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси. Амин!

Тропар, глас 8:

Осветлен од зракот на Духот, богомудрено си се удостоил да ги разбереш беседите на беседниците, помрачените од незнаење човечки срца просветувајќи ги со светлината на благочестието, си се покажал како пресветол светилник на Православието, Максиме преподобен, од ревност поради Севидниот, си се преселил во туѓа и непозната земја, и руски жител си станал, претрпувајќи затворање од владетелот, со десницата на Севишниот овенчувајќи се и правејќи преславни чудеса. И биди застапник неизменлив, за нас кои со љубов го почитуваме твојот спомен.

Кондак, глас 8:

Со боговдахновеното Писмо и со проповед на богословието, си го изобличил празното учење на неверните, себогат, попрво пак во православие упатувајќи ги, на патот на вистинското познание си ги насочил, како харфа богогласна, насладувајќи ги умовите на оние кои те слушаат, непрестајно веселејќи ги, Максиме достоен за восхитување, затоа те молиме: моли Го Христа Бога, да ни даде прошка на гревовите, нам кои со вера го воспеваме твоето успение, Максиме, отче наш.

Канон на Божествениот Пресвет Дух Утешител

Творба на преподобниот Максим Грк, глас 4.

Песна 1

Ирмос: Тешкоговорливиот (Мојсеј) покриен со божествен облак, напиша боговдахновен закон, бидејќи откако го отфрли духовното покривало од умствените очи, Го созерцува Бога и се учи да внимава на Духот, фалејќи Го со божествени песни.

Припев: Слава Ти, Боже наш, слава Ти.

Ти Кој со манна го нахрани некогаш Израилот во пустината, и мојата душа, Владико, исполни ја со Духот Сесвет, та во Него секогаш богоугодно да Ти служам.

Припев:

Со Твоите бестелесни слуги, дрзнувајќи се, Ти воспевам и јас, кој сум земја и пепел, пеење со трисвет глас, Троице света и Единице Предобра.

Припев:

Постојано вознемируван во душата од бурите на погубните страсти и духови, во Тебе Себлажениот Утешител, надежта за моето спасение ја полагам.

Припев:

Луто помрачуван од расположението на разните беззакони помисли, Те молам, избави ме од оваа погубна болест.

Припев:

Потонав во длабочината на неразумноста и бедно задреман сум во лошата мрзливост, кон Тебе Сепречистиот, Ти повикувам: избави ме од оваа душевна распадливост.

Слава: Девствено зачнувајќи Го во утробата девствена, Оној Кој пред вековите Отецот Го роди, мене поробениот од страстите на утробата, ослободи ме со Твојата цврста сила.

И сега: Навистина, Ти си единствена света земја, бидејќи Го роди Божествениот живот на сите; мојата душа покажи ја како плодоносна земја пред Твојот Син, Богородице.

Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

One thought on “Преподобен Максим Грк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *