Свети Јован Синајски – Лествичник
…Неговото единствено сочувано дело, насловено како „Лествица“, го добило насловот по небесната Лествица од видението на старозаветниот патријарх Јаков, која започнува од земјата и завршува на небото, а на самиот нејзин врв стои Христос. Бројот на скалила е триесет, затоа што на таа возраст се сметал и Христос за зрел и тогаш излегол на проповед, па така и со поминување на овие триесет скалила, монахот станува зрел. Првите дваесет и три скалила се посветени на борбата со страстите и гревовите, а последните седум на стекнувањето добродетели. Таа е напишана првично како монашка книга, посветена на духовниците и игумените во манастирите, и затоа блажениот светогорски старец Георгиј Капсанис вели, дека секој монах под својата перница треба да ја има Лествица. Во неа е преточен сиот монашки опит, сета борба која ја поминува секој монах, и која треба да се води правилно, според поуките на поискусните во духовниот живот. Но, оваа книга треба да им биде позната на сите православни христијани, бидејќи сите сме повикани на подвиг, на духовна борба и преобразување и обожение.
…На сите монаси, на сите свештенослужители е верен народ, кои водат духовен живот, им ја препорачувам оваа Лествица, да им биде раководство, да им биде извор на медоносни поуки за секојдневните искушенија, но и утеха и поттик за искачување на нови и нови скалила, а со секое искачување кон нејзиниот врв, да бидеме поблиску до Бога, се разбира, колку поблиску до Него, поблиску и до нашите браќа и сестри во Христа.
Благословот и молитвите на светиот Јован Лествичник да бидат со сите оние кои ја читаат неговата Лествица и кои со искреност се трудат да се искачуваат по неа. Амин.
Преводот од грчки го направи свештеник Јани Мулев.