Воздвижение на чесниот Крст Господов

Крстот Господов

Loading

Крстот Господов

Крстот кај Јудејците бил срамен знак, на крст ги распнувале големите злосторници, кои требало јавно да бидат посрамени. И така било сѐ до Христовото распнување и воскресение. Оттогаш Крстот стана најголем симбол на Христијанството и негово најсилно оружје. Некогашниот срамен знак, Христос со Својата крв го освети и го направи страшно и непобедливо оружје.

Во Евангелието повеќе пати се спомнува носење на крстот, во смисла, прифаќање на страдањата. Христос дури го поставува „земањето и носењето на крстот“ како услов за да се биде Негов ученик.

Крстот, односно страдањето, никој не гo сака, дури и апостолите, сите освен младиот Јован Богослов, се разбегале кога го виделе распнувањето на Христос, и до ден денес таа желба да се побегне од крстот, да се живее без страдање е присутна во сите нас. Во светот постои тренд на олеснување на животот. Она што некогаш било мачно да се изврши, денес се завршува без труд и за кратко време. Порано орале со волови и плугови, денес со трактори. Пишувале книги на рака, а денес со помош на компјутер. Толку е олеснет животот, што од нас направи вистински мрзливци и паразити. Сакаме сѐ да добиеме со притискање на едно копче, како со далечински управувач. Можеме да плаќаме сметки преку интернет, да нарачуваме храна, облека, услуги и сѐ што ни треба, само за неколку секунди, без да излеземе од дома. Ова олеснување на животот всушност направи од нас робови на комформизот. Сѐ ќе жртвуваме, само да не го изгубиме комфорот. Православната црква со својот неизвалкан подвижнички дух сѐ уште стои исправена и ни го покажува вистинскиот пат, патот Христов, кој води преку страдање до воскресение.

Но, бидејќи и ние свештенослужителите сме родени и израснати во овој свет, често пати примаме товар од световните трендови и навики и сакајќи или несакајќи овој дух го спроведуваме и во Црквата. Комформизот е рамен на Христос без Крст, вера без сведоштво, живот без страдање. Во оваа прелест запаѓаме кога, сакајќи да привлечеме повеќе народ, се обидуваме да им угодиме на човечките желби и страсти, па така да им се допаднеме на луѓето и да ги воцрковиме. На пример, старите цркви биле градени на највисоките места, за да имаме свест дека верата означува искачување, не само телесно, но и духовно; дека во верата мора да вложиме труд, напор, да направиме извесен и нелесен подвиг, за да стигнеме до Бог. Денес градиме храмови на секој чекор, но оние кои не сакаат, иако камбаните пред прозорите им бијат, пак не доаѓаат во црква.

Многумина се жалат дека не можат да постат, дека патуваат, пијат лекови, имаат тешка работа, и ние им снисходиме, благословуваме разни разрешувања, и на крајот се губи смислата на подвигот, или остануваме без подвигот на постот.

Некои се жалат дека немаат многу време за молитва, па ние, за да им олесниме и да им угодиме, им го скратуваме молитвеното правило, или сосема ги ослободуваме. Забораваме дека богослов е оној кој се моли, а не оној кој зборува за Бога, или има некаква си богословска диплома и титула.

Како аргумент за нашето недоаѓање во црква го наведуваме и греењето односно ладењето на храмот во соодветните годишни времиња. Или ни е студено, или ни е жешко. Еден час не можеме да издржиме на жешко или на студено. А како му е на свештеникот во лето, со неколку пара облеки на него, додека вие доаѓате во лесна и комотна облека? Еден час секој може да издржи и на ладно и на топло.

Кога станува збор за одредени смртни гревови, како што е, на пример – блудот, освен во манастирите, во парохиските цркви воопшто не станува збор за таа тема. Како да сме го легализирале неофицијално. И младите си живеат опуштен живот, со години живеат во неблагословени долги врски, чиишто последици цел живот ќе си ги носат. Бог го простува секој грев, откако ќе се покаеме, но некои последици си остануваат цел живот како лузни. Затоа е подобро да се спречи отколку да се лечи.

Сето тоа означува носење на Крстот Христов. Секој напор, секој труд, секое откажување, воздржување, поднесување на болест или страдање заради Христос – е носење на Неговиот Крст. Во животот на секој човек има страдања и лишувања, но ако живееме надвор од Црквата, ако сме без Христос, тогаш нашите страдања ќе се претворат во огромно пеколно измачување, ќе го поминеме животот во тага и очај, додека, пак, ако сите страдања ги прифатиме доброволно, како нешто што го правиме заради Самиот Христос, тогаш Бог ќе ја промени тагата во радост, и ќе добиеме огромна духовна полза од сите наши болки и страдања. Но без труд, без напор и без Христос и Црквата – не можеме ништо да направиме.

За црковноста во Америка раскажува еден свештеник, и вели дека порано свештениците се труделе со разни забави, игри, со олеснување и скратување на духовниот живот да го привлечат народот во Црквата. Но, кога дошол светогорскиот старец Ефрем во Америка, веднаш почнал да го повикува народот кон покајание, кон строг пост, долги молитви – и веднаш луѓето поитале кај него, а ги оставиле храмовите во кои добивале само снисходење и разводнување на подвижничкиот дух. Старецот Ефрем бил најпрво строг кон себеси, па затоа истото го барал и од останатите, и Бог го благословил неговиот труд, така што денес тој има основано веќе 19 манастири во Америка.

Има една поговорка, која јасно го искажува православниот начин на размислување, која вели: „Ако ти е сѐ добро во животот, стави си едно камче во чевелот“. Односно, од страдањето не смееме да бегаме, туку постојано да се учиме на откажување, лишување, и доброволно да ги прифаќаме страдањата и болестите. А врв на сѐ е кога ќе научиме да Му благодариме на Бога за сѐ што ни се случува, за сите страдања. А како ќе се научиме на откажување од задоволствата, ако не сакаме да постиме ни со храна? Како ќе се научиме на трпение, кога не можеме да истрпиме ни еден саат во црква? Како ќе напредуваме во животот, ако не сакаме да се покаеме за минатото и да завртиме нов лист? И како замислуваме да правиме нешто во животот, без Божја помош?

Црквата не треба да ни биде хоби, кое го практикуваме на Божиќ и на Велигден, туку треба да биде центар на нашиот живот. Попусто носиме крст околу вратот, ако во црква одиме еднаш годишно. Денес имаме цркви низ цел град, и секој повод да го користиме за да одиме во нив. Особено кога сме здрави, млади, кога ништо не ни недостасува, тогаш да се научиме на црковен живот, па кога ќе дојдат неизбежните болести и страдања, ќе ни биде полесно, и ќе знаеме што и како да правиме со себе. Ни се родило дете – веднаш во црква да му благодариме на Бога, а не на софри и пијанки, како што редовно ни се случува. Сме стапиле во брак – веднаш во црква да Му благодариме на Бога, и од Него да бараме благослов за идниот брачен живот. Сме добиле петка во училиште или сме положиле испит на факултет, или сме се вработиле – веднаш во црква да Му благодариме на Бог. За секој почеток, за секоја новина, за секоја добивка – веднаш да поитаме во црква, и на Бога да Му благодариме. Но, самото одење во црква и палење свеќи нема да ни даде никаква полза, ако не сакаме да се менуваме себеси.

На крајот би сакал да спомнам еден пример од Евангелието. До крстот на кој беше распнат Христос, имаше уште два крста на кои беа распнати двајца разбојници. И обајцата беа виновни, но едниот не ја прифати вината, ниту страдањето, дури и Господ го обвини и похули, и ја изгуби својата душа, а другиот го прифати заслуженото страдање на крстот, и се покаја пред Господ, па така стана прв жител на рајот. Истиот избор е секогаш пред нас: или да го прифатиме крстот и да се спасиме, или да го отфрлиме и да ја изгубиме вечноста.

Да ни даде Бог сила и храброст за да го прифатиме Крстот Христов и цел живот безропотно и со благодарност да го носиме, и преку него да влеземе во радоста на невечерниот ден, во Царството кое Бог ни го вети. Амин!

27.09.2017

Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

2 thoughts on “Воздвижение на чесниот Крст Господов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *