(Беседа, ноември 2018)
На празниците кога ги славиме светителите на Црквата, најчесто се читаат зборовите од Евангелието: „Вие сте солта на земјата“ (Мат. 5,13). Овие зборови Христос Господ им ги упатува на апостолите, а преку нив на сите христијани до крајот на вековите. Нашата православна вера е солта на земјата. А во која смисла Христос ја нарекува сол?
Солта има две својства. Првото е да ѝ даде вкус на храната. Па како што без сол ниту едно јадење нема да ни биде вкусно, туку ќе биде блуткаво и безвкусно, така и нашиот живот нема да има никаков вкус, никаква убавина ако не е верата, ако не се светителите, ако не се празниците на Црквата. Денешниот свет страда од голема изолација, голем индивидуализам, распад на секоја можна заедница, а овој вирус е навлезен длабоко во секој сегмент на нашето живеење, па дури и во Црквата. Но, исто така, Црквата единствено може, со помош на Божјата благодат, да го победи овој вирус, да ги врати луѓето во своите прегратки, и да ги научи на заедница, на заедничарење, на дружење. Самиот поим „Црква“ означува „собор, собрание, собирање на Литургија“. Во денешно време заборавивме што значи да се има гости дома, да се оди некаде на гости. Секоја прослава, секоја пригода се закажува во ресторан, и домашните слави остануваат единствена прилика да пречекаме гости во својот дом, да укажеме гостопримство, да жртвуваме нешто од себе за блиските. Уште ако се откажеме од славите, ако се откажеме од верата и Црквата, тогаш ни се заканува потполно изладување во меѓучовечките односи, отуѓување и затворање во себе, живот без вкус и без убавина.
Второ својство на солта е да презервира, да одржува, да заштитува. Порано, нашите баби и дедовци кога немале фрижидери, месото го посолувале и го оставале така да се суши, а тоа, подари солта, не се расипувало, ниту инсектите можеле да му наштетат. Штом има сол, тоа не може да се расипе. И денес верата е единствена заштита од човечката расипливост, единствена закрила од сите лажни и штетни информации, кои како муви и комарци секојдневно и злонамерно нѐ напаѓаат преку медиумите. Луѓето кои се далеку од Христос и од Неговата Света Православна Црква не можат никако да се одбранат од овие напади, не можат да размислуваат со своја глава и да проценат што е црно, а што бело, и затоа паѓаат во огромни заблуди. Секоја лага ја прифаќаат како вистина и живеат според неа. За таквите, сто пати повторена лага, станува вистина. Оттука и навлегувањето на многу изопачености во нашиот живот. Ако споредиме само, колку разводи има во овие години, за разлика од пред 30 години, ќе видиме зачудувачки бројки. Колку млади не сакаат да стапат во брак, не сакаат да имаат деца. Колку неверства и несреќи ни се случуваат, колку родители се оставени и малтретирани токму од своите деца, и сето тоа е, затоа што сме далеку од здравата вера на Црквата! Во младоста немаме време за Господ, се плашиме децата да ги носиме во Црква, да нѐ ни забегаат, да нѐ речат нешто луѓето за нас, и потоа кога ќе пораснат воспитани надвор од христијанската вера и традиција, почнуваат проблемите со дрога, алкохол, крадење, тепање. Тогаш е веќе доцна за во Црква. А сето тоа можело да се спречи, да се пренасочи преку Црквата, со помош на Божјата благодат, со учество на целото семејство во животот на Црквата.
Денес немаме никакво оправдување за нашето незнаење на верата. Имаме толку добри свештеници, духовници и учители, духовни лекари, имаме книги и списанија кои бесплатно се делат, имаме емисии на телевизија, имаме безброј начини за проповед и преку интернет. Само треба да вложиме труд, да имаме усрдност, да седнеме и да прочитаме нешто. Ако не можеме да читаме, тогаш да гледаме или слушаме православни емисии. Ако не разбираме, тогаш да се обратиме кај свештениците и да побараме помош да ни објаснат. И најбитното, да доаѓаме редовно во Црква.
Не е доволно да сме морални, бидејќи христијанството е натприродна вера, вера која бара од нас да бидеме светители, а не само морални и добри. Некои велат: „Зошто да одам во црква да се исповедам, ни сум убил, ни сум украл. Ништо лошо не сум направил“. Но таквите нека знаат дека ангелот се претвори во ѓавол не поради убиство или неверство, туку поради гордост. Толку е страшна гордоста, толку големи последици има, така што горделивиот човек кој не се кае, станува Божји непријател, Божји противник. И самиот атеизам не е некаква наука, туку гордост на умот.
Денешните славеници, светите лекари и браќа Козма и Дамјан, како што гледаме од иконите, уште од младоста биле од Бога повикани кон Него, па сета своја сила, сета своја младост и знаење Му ја посветиле Нему и на болните. Па откако изучиле лекарска наука, поради нивната посветеност и блискост со Бога, добиле изобилна благодат. И почнале да лечат, не само со лекови и лекарски вештини, туку повеќе со молитви. И со својот живот и служење Му угодиле на Бога повеќе од сите тогашни свештенослужители, и Бог ги прославил со светост. Тие не беа ни монаси, ни свештеници, ни епископи, а Бог ги направи светители. Ете такви се светителите на Црквата, се зачувале себеси од злото во светот, бидејќи имале духовна сол во себе, која ги заштитила од расипливост, а сега, како прославени од Бога, тие ни се нам како сол, бидејќи нѐ закрилуваат, и ни го прават животот поубав и повкусен.
Да ја бараме благодатта Божја во својот живот, која им се дава само на смирените, на оние кои се борат со својата гордост, кои се каат за своите гревови, и стекнуваат добродетели. Божјата благодат како духовна сол ќе нѐ сочува и ќе ни го разубави животот. Да Го имаме Христос за критериум на сѐ во животот. Преку Него да испитуваме дали е нешто здраво и нормално, и да не дозволиме информацискиот дожд да ни го помати умот, да нѐ збуни и расее, па да го изгубиме вистинскиот пат и спасението. Да се угледаме на светителите, да внимаваме на информациите кои ни доаѓаат и никогаш да не се одвоиме, ниту да хулиме на нашата Света Македонска Православна Црква. Амин.
Свештеник Јани Мулев