Комерцијален Божик

Loading

Митрополит Николај Месогејски

Започнува периодот на Четириесетница (Божикен пост), периодот на пост и подготовка за големиот Празник. Обично, Божик е посебно ден и период од годината кога Го забораваме Бога. Веќе го живееме комерцијалниот Божик: украсени улици, светилки кои блескаат, вештачки дрвја, суво овошје, колачиња, размена на подароци, исчекување на неработните денови, тринаесетта плата… и Божик завршува. Полн желудник, празно срце. Христос го нема. Сето ова е малку вистинито, а многу разочарувачко. Овој празник стана комерцијален. Некои со оправдување може да го искористуваат, очекувајќи да си го извадат лебот, но оваа нивна потреба уништува еден прекрасен и со длабоко значење празник.

Ова е првата измама. Измамата на комерцијалниот Божик. Постои уште една уште поподла измама: Измамата на социјалниот Божик. Оваа измама нѐ тера да го гледаме Божик како „празник на љубовта, празник на семејството“ – тоа е празник кој го бараме сите заедно: даваме пари на добротворните установи или собираме и даваме едно ќесе со малку ориз и макарони, неколку компири, едно шише масло и една мисирка на оние кои имаат потреба. Сето тоа се добри нешта, затоа и нашата Црква нѐ поттикнува да ги правиме и треба да ги правиме, но Божик не е во овие нешта. Може да направиме мала милостина, да земеме купони од добротворните организации, да дадеме пари или може да отидеме самите и да помогнеме при разделувањето на подароците од Митрополијата на сиромашни семејства, но и покрај сето ова пак да не го доживееме Рождеството Христово.

Што е тоа Рождество Христово? Како треба да го доживееме? Можеби треба да направиме нешто поразлично, посуштинско во годината која се наоѓа пред нас и која за некои од нас – можеби и за мене – е последна прилика? Кое е значењето на Рождеството Христово?

Кога велиме „Рождество Христово“ и „Божикни празници“ обично во умот ни се поврзува со изобилство на богатства, со размена на подароци, со украси и на крајот со патувања… Сите овие нешта ја нагласуваат лагата. Но и нам ни даваат повод малку да се промениме. Наместо за изобилство, да се обидеме – барем само годинава – една промена: да го поминеме Божик со скромност. Не со беда, туку со штедливост, со радост. Нашата маса да биде полна, да задоволиме некои потреби, но не со беспотребни работи. Наместо ситите да им даваат подароци на ситите, да направиме милостина, да се лишиме малку заради братот. И ако немаме пари, да одвоиме време за еден болен, малку трпение за оној кој е нестабилен и кого го избегнуваат, да направиме мал труд и за некои луѓе, да отидеме во некоја болница. Ова ќе биде најголем дар пред Христос.  Наместо да правиме други украсувања, да се потрудиме малку за нашите души – да ја украсиме нашата душа. Трагично е нашиот дом да биле полн со ѕвончиња, дрвја и цвеќиња, а нашето срце да биде полно со пајажини. Но колку е убаво нашето срце да биде преукрасено, а нашиот дом да има обичен и нормален украс!

И наместо далечни патувања, да направиме едно патување. Ова патување го направија пастирите  – „Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму“ (Лука 2,15). Потребна е малку тишина за да разбереме што е Витлеем: Тоа е еден настан кој се случи во едно селце? Или можеби е една состојба до која можам и јас како еден смирен пастир да се допрам? Значи, да научиме малку што е Рождеството Христово. Што ни велат за Божик? Како се раѓа нашето спасение среде бедотијата на пештерата и смирението на пелените? Како Бог ја вади сета Негова љубов со облеката на човечката природа? Како Бог слегува и ни го дава овој голем дар на нашето подобие со Него?

Значи овој благословен период кој повторно се отвора пред нас, пак се отвора една уникатна прилика за секого од нас. На ова постојано ќе нѐ потсетуваат четириесетте денови кои следат; и сиот наш живот оваа потреба ќе ја потврдува. На нас останува малку да ги отвориме нашите очи, некако да го рашириме нашиот слух за да ги чуеме духовните пораки, за да можеме да се најдеме и ние некогаш во овој Витлеем, да се радуваме со сето наше битие на Рождеството Христово. И тогаш, ова Рождество Христово ќе потврдува дека Бог е со нас, дека Бог се наоѓа помеѓу нас, и не само помеѓу нас, туку потполно во нас – „во вас е царството Божјо“ (Лука 17,21). Се молам да ни даде Бог на сите засекогаш да се удостоиме да Го сретнеме после четириесет денови Господа, не само роден во пештерата на Витлеем, туку – пред сѐ – легнат во пештерата на нашите души.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *