Како да постам?

Loading

Ова е најчестото прашање кое ни го поставуваат верниците пред секој пост, а особено пред Велигденскиот . Овој пост се нарекува и Велик, затоа што е најголем и најстрог, но и затоа што му претходи на најголемиот празник – Воскресението Христово. Овој пост според типикот на Црквата се пости на следниов начин: од понеделник до петок  – без масло. Сабота и недела – со масло. На Цветници и Благовештение – со риба. На Велики четврток со масло, а на Велика сабота без масло.

Но, се разбира, постот е личносен и прилагодлив, може да се прилагоди на секоја возраст, на секоја потреба, болест или слабост. Сето ова се решава со нашиот духовник – свештеник кај кого се исповедаме и со кого се советуваме за сите значајни работи од животот.

Пред да започнеме да постиме, најпрво потребна ни е вера во Бог, да Го бараме Бог, да се трудиме да градиме однос со Него, како личност со личност, оти Бог не е некоја „слепа сила“, ниту Универзум, ниту Апсолут, ниту Небесен полицаец, ниту страшен џелат. Бог ни се открива како Света Троица, како Љубов, како наш Татко. Ако немаме таква вера, тогаш попусто ќе се измачуваме со постењето.

Исто така, кога постиме, тоа да биде заради Господ, за да ја исполниме Неговата волја, за да Му угодиме, а не за себе, за да бидеме здрави, или за да ослабнеме – тоа се промашени поводи за постење. Навистина ќе бидеме здрави ако правилно и со благослов од духовникот постиме, но тоа се последици од постот, а не причина за постење.

Што е најважно во постот?

  1. Доколку немаме, да најдеме духовник – свештеник (или свештеномонах) кај кого ќе се исповедаме. Доколку првпат постиш, доколку си болен, или кога се работи за бремени жени и доилки, духовникот може да им даде ублажен пост. Но, за да не импровизираме во овие нешто, најдобро е и постот ќе ни биде благословен ако си најдеме духовник, и да ги следиме неговите поуки за постот и општо за духовниот живот. Црквата е духовна болница, а свештеникот е духовен лекар. Да имаме доверба во нашите свештеници и да ги слушаме нивните совети.
  2. Да го применуваме молитвеното правило кое ќе ни го даде духовникот (на пр. одреден број Исусови молитви, читање од Новиот завет, читање на други духовни книги).
  3. Да учествуваме во богослужбите: во првата седмица попладне се служи Велико повечерие со читање на Покајниот канон на свети Андреј Критски; секоја среда и петок наутро се служат великопосни часови со Претходноосветена Литургија; секој петок попладне има Акатист на Пресвета Богородица, и секоја недела Божествена Литургија.
  4. Да се трудиме да бидеме во мир со сите луѓе, во мир со себе и во мир со Бога. Јадењето храна со масло нема да нѐ извалка, но кавгите, омразата, зависта, крадењето итн. – е тоа навистина ќе нѐ извалка.
  5. Во нашето семејство да одржуваме мир и спокој, повеќе молитви, читање, помалку забава, помалку телевизија и интернет, помалку кавги со сопругот/сопругата, помалку викање по децата.
  6. Да се научиме на воздржување во бракот, не затоа што е тоа нешто грешно, туку заради Господ, заради нашата меѓусебна љубов. Ако сме внимателни во ситни нешта, уште повеќе ќе бидеме во големите работи.
  7. Да се научиме на умереност во сѐ. Ниту премногу, ниту премалку, умереноста е царски пат. Ако научиме да бидеме умерени во храната, ќе бидеме умерени и во други нешта и ситуации.
  8. Да не се јадеме помеѓу себе, никого да не осудуваме, бидејќи каде има осудување, таму нема благослов Божји.
  9. Постот не е цел сам по себе, туку само средство за наше очистување духовно и телесно. Преку постот, молитвите и покајанието се очистуваме, и се соединуваме со Телото и Крвта Христови на Светата Литургија. Без причестување, постот станува без цел.

Да се подготвуваме правилно, да го одиме патот по кој оделе сите светители и маченици, и благословот Божји ќе биде со нас. Амин.

Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

One thought on “Како да постам?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *