Архимандрит Јустин Парву (+16 јуни 2013)

Loading

Архимандритот Јустин Парву е еден од најголемите и најсакани старци во Романија, познат како голем духовник и игумен на манастирот на „Светите Архангели“ – Петру Вода, во округот Њамц. Роден е на 10 февруари 1919 година, во селото Појана Ларгулуј, во непосредна близина на Петру Вода. Во 1936 година како младо момче од само седумнаесет години, станал искушеник во манастирот Дурау. По една година, во 1937 година, со благослов од манастирот се запишал на Теолошката семинарија во манастирот Черника, во близина на Букурешт. Во периодот од 1938-1940 бил активен член на Легионарското движење. Во 1940 година бил потстрижан за монах, а следната година, на само дваесет и две години, бил ракоположен за свештеномонах. Од 1942-1944 бил мисионерски свештеник на Источниот фронт, од Њамц до Одеса и учествувал во Втората светска војна. После војната ги завршил студиите во 1948 година, кога и започнале прогоните против Црквата. На 14 мај 1948 бил уапсен како политички затвореник и бил осуден на дванаесет години затвор. Минал низ повеќе затвори во Романија: Сучава, Вакарешт, Жилава, Герла, Периправа и Ајуд, како и на принудна работа во рудник и на„превоспитување“ во затворот во Питешт. Во 1960 е осуден на уште четири години затвор, затоа што не се откажал од православната вера.

Бил ослободен после точно шеснаесет години, и почнал да работи како шумски работник, а потоа бил примен во манастирот Секу, каде што бил свештеник и исповедник од 1966-1974.

Во 1974 бил принудно преместен во манастирот Бистрица, а после многу искушенија во 1976 конечно отишол на Света Гора, каде што останал два месеца. Постојано бил следен и испитуван од Секуритате, и така останал во манастирот Бистрица сѐ до 1989 кога бил падот на комунистичкиот режим во Романија. По ова заминал во манастирот Секу, каде што останал сѐ до 1991. По ова со уште двајца монаси заминал во близина на родното село Петру Вода, а потоа се населил на местото каде што го изградил неговиот манастир, посветен на Светите Архангели Михаил и Гаврил, чиј што ктитор е самиот тој, и каде што почиваат моштите на романските маченици, како и неговиот гроб и гробот на отец Георги Калчу.

Со заеднички сили за рекордно време бил изграден манастирот и во него бил воведен светогорски типик. Во 1999 година формирал женски манастир (Палтин) во близина на Петру Вода, каде што монахињите, освен монашките послушанија, се грижат и за деца без родители и дом за стари лица. Денес, манастирот Успение на Пресвета Богородица – Палтин брои околу сто и педесет монахињи.

Во 2013 година му бил дијагностициран рак на желудникот, поради кој не можел со месеци да јаде. После операциите, со многу болки и страдања, кои уште повеќе го украсиле неговиот маченички венец, на 16 јуни 2013 година се упокоил во Господа. Истиот ден, вечерта, започнала да мироточи неговата фотографија која била поставена на неговата фотелја, чудесен настан кој уште еднаш ја потврди неговата веќе позната светост. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

(Повеќе информации за него, како и потресните житија на новите романски исповедници и маченици можете да ги прочитате во книгата „Вистинската слобода“, издание на Струмичката епархија.)

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *