„Ако сакате да видите жив светител, одете во Битола, и видете го отец Јован Максимович“ – Свети Николај Охридски и Жички
Михаил Максимович се родил на 4 јуни 1896 година во селото Адамовка, Харковска губернија. Негов предок бил светителот Јован митрополит Тоболски. Момчето уште од детските години пројавувало горешта вера и желба да се посвети на служење на Бога. Но, по настојувањата на родителите бил принуден да учи во Полтавскиот кадетски корпус, а потоа во 1918 да заврши на Правниот факултет, на Полтавскиот Универзитет. За време на граѓанската војна Михаил, заедно со семејството, бил евакуиран во Југославија. Таму во 1925 година го завршил Богословскиот факултет на Белградскиот Универзитет. Во 1926 година во Милковскиот манастир во Србија бил замонашен со името Јован, во чест на свети Јован Тоболски. Во истата година бил ракоположен за јеромонах и станал професор во Богословијата во Битола. Очевидците сведочат дека блажениот Јован постојано се молел, секојдневно служел Литургија, строго постел, јадел само еднаш во денот, од денот кога бил замонашен не спиел на кревет, туку само на стол, седејќи и секој ден во четири часот наутро се туширал со ладна вода.
Во 1934 година, отец Јован бил ракоположен во епископски чин и поставен од Синодот на Руската Задгранична Црква во Шангајската епархија, каде што тој организирал изградба на цркви, болници, детски домови и други општествени институции. Иако секојдневно ги извршувал сите богослуженија, сепак наоѓал време секогаш да ги посетува болните со светите дарови, во било која прилика, се случувало и на полноќ, или во три часот ноќе, со часови да се моли крај креветот на безнадежно болни. Лично тој од улиците на градот ги собирал бездомните деца. Во изградениот за нив детски дом на свети Тихон Задонски, биле згрижени 3500 деца.
Во 1949 година со својата паства, околу 5000 бегалци од Кина, дошол во камп на Филипинскиот остров Тубабао. Лично владиката успеал да издејствува од Американскиот конгрес измени во емиграцискиот закон, и да се пресели со својата паства во САД.
Во 1951 година Синодот го назначил архиепископот Јован за епископ на Западно-европската епархија. Архиепископот Јован служел Литургија во својата епархија на француски, холандски, грчки, кинески и на англиски јазик.
На 2 јули 1966 година, ја предводел литијата со Курската икона на Божјата Мајка во Сиетл и по Литургијата архиепископот се упокоил, токму во навечерието на празникот на свети Наум Охридски, кого го запознал и засакал за време на неговиот престој и служење во Македонија, како јеромонах и професор во Битолската богословија. Затоа и на иконите често го сликаат со иконата на свети Наум во раце.
Во јуни 1994 година Архиерејскиот собор на Руската Задгранична Црква го прославил владиката за светител и го причислил во хорот на светителите.
Од спомените на неговите духовни чеда:
„Отец Јован беше редок молитвеник. Тој толку се задлабочуваше во зборовите на молитвите, что се добиваше впечаток дека тој разговара со Бога, со Пресвета Богородица, со ангелите…“
„Во 1939 година мојата вера почна да се колеба, одлучив повеќе да не одам во црква, туку да одам кај другарките. Мојот пат поминуваше покрај црквата и ете, јас слушнав пеење во храмот. Влегов во храмот. Служеше владиката Јован. Олтарот беше отворен. Владиката ја кажа молитвата: „Земете, јадете, ова е Мојата Крв… за простување на гревовите“, и потоа клекна на колена и направи голема метанија. Јас ја видов Чашата со светите Дарови откриена, и во тој миг, по зборовите на владиката, одозгора слезе оган во Чашата. По форма огинот беше сличен на цвет од лале, само поголем. Никогаш во животот не помислував дека вистински ќе го видам огненото осветување на даровите. Во мене повторно се разгоре верата. Господ ми ја покажа верата на владиката, а мене ме фати срам заради мојата малодушност“. (Мати Августа)
„Јас видов како неговото лице понекогаш буквално се преобразува за време на Литургијата, особено во деновите на Великиот пост, блескајќи со неземска светлина, а очите секогаш полни со божествена љубов, точеа неискажлива радост, недостапна за грешниците – а тоа беше знак на присуството на Светиот Дух.
Но она што беше најчудесно кај него, беше неговиот дар да го гледа човечкото срце и да го привлече кон Христа. На крајот на краиштата, да не беше овој праведник, јас никогаш не би помислил да прифатам пастирско служење во Црквата“. (отец Георгиј Ларин)
„Еднаш во Шангај, го викнаа владиката кај постелата на едно дете кое беше на умирање, чија што состојба, според дијагнозата од лекарите, беше безнадежна. Кога влезе во куќата, владиката Јован право се упати кон собата во која лежеше болното момче, иако никој сè уште не стигна да му покаже каде да оди. Не застанувајќи дури ни да го погледне детето, владиката клекна пред иконата во аголот на собата и долго време се молеше. Потоа, откако ги увери роднините дека детето ќе се поправи, брзо излезе. И навистина, утрото на детето му стана подобро, и наскоро оздраве – лез лекарска помош“. (Доктор А. Ф. Баранов, Ери, Пенсилванија)
„Јас бев раководител на црковниот округ на Филипини, и понекогаш го придружував владиката во болницата во градот Гјуан, каде што лежеа некои Руси кои беа тешко болни. Владиката ги посетуваше и им даваше џебни евангелија и малечки икони. Еднаш, кога влеговме во руското одделение на болницата, слушнавме страшни крици, кои доаѓаа од далеку. На прашањето на владиката кој вика толку, сестрата рече дека тоа е една безнадежно болна жена, којашто ја преместиле во поранешната американска болница, која спаѓа под истата зграда. Владиката неодложно реши да оди кај болната. Јас одев по него…
Кога стигна кај болната жена, владиката ѝ го стави крстот врз главата и почна да се моли. Јас излегов. Владиката долго се молеше, потоа ја исповедаше и ја причести. Кога си заминувавме таа веќе не викаше силно, туку само тивко офкаше.
По некое време ние пак отидовме во болницата, и тукушто влеговме со џипот во дворот, кога од болницата истрча една жена и се фрли пред нозете на владиката. Тоа беше онаа „безнадежно“ болна жена, за која тој се молеше“ (Г. Ларин)
По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј и спаси нè. Амин.
(Дел од неговите свети мошти има во манастирот Свети Јован Бигорски.)
Подготвил и превел: Свештеник Јани Мулев