Житие на свети Јован Посник, патријарх Цариградски

Свети Јован Посник, Патријарх Цариградски

Loading

(се слави на 2 септември)

Свети Јован Посник, Патријарх Цариградски

Светиот отец наш Јован се родил во Цариград; се подвизувал во времето на царевите: Јустин[1], Тивериј[2] и Маврикиј[3].

Првин беше златар; побожен човек, љубител на сиромасите, гостољубив и богобојазлив. Тој го примил во својот дом палестинскиот монах по име Евсевиј, кој живеел кај него. Еднаш кога оделе заедно монахот Евсевиј се наоѓал од десната страна на Јован. Одеднаш му дошол глас на Евсевиј од некој невидлив: „Не треба, авво, да одиш од десната страна на великиот Јован!“ Со тоа гласот Божји ја навестуваше великата служба на која Јован наскоро ќе биде повикан. Откако го слушнал тоа, монахот му раскажал за ова на блажениот Евтихиј, патријарх цариградски[4]; а патријархот го советувал Јован да го потстриже за монах, бидејќи е достоен да биде во црковниот клир.

Еднаш кога Јован се наоѓал во црквата на свети Лаврентиј на молитва, имал вакво откровение: гледа тој во олтарот многубројни светители, сите биле облечени во бели и блескави одежди и пееле милозвучни песни; потоа од олтарот излегол некој човек со торба, од која изобилно раздавал милостина на сиромасите кои се собирале околу него, но торбата не се празнела, и колку повеќе им раздавал, таа сè повеќе се полнела, сè додека некој од сиромасите, притеснат во таа турканица, не викнал: „Господи, помилуј, кога ќе се испразни оваа торба!“ – и во тој миг торбата се испразнила.

Ова откровение го принуди преподобниот да се замисли, и тој се восхитуваше на видението, кое беше предзнак на неговиот иден чин и неговата голема дарежливост кон сиромасите.

Бидејќи поминало многу време умрел цариградскиот патријарх Евтихиј, и по Божја волја Јован бил како достоен избран за патријарх, и принудуван на хиротонија, но тој не се согласувал сè додека не го видел ова страшно видение: видел тој од едната страна огромно море кое се протегало од земјата до небото, и страшна огнена печка, а од друга страна мноштво ангели кои му говореле: „Ти не примаш престол? Тогаш ќе биде друг, ама ти од сите нас ќе бидеш казнет“. Бидејќи ангелите му го кажале ова заканувачки, Јован и против својата волја се покорил и бил поставен за патријарх цариградски. И тоа кога? Откако со помош на крајно подвижништво достигна совршенство во секоја добродетел. И во својство на патријарх тој сè до смртта водел совршен испоснички живот со секоја добродетел, за што сведочат и неговите чудеса. Зашто тој страшната бура на морето ја стивнал со молитва и крсниот знак. На еден слепец од Газа по име Јован му дал вид, ставајќи му на очите честичка од Телото Христово, велејќи: „Оној кој го исцелил слепиот од раѓање, Тој и тебе нека те исцели!“ И слепиот во истиот миг прогледал.

Еднаш, по Божјо допуштање, имало голем помор во Цариград. Преподобниот се молел Бог да го одврати својот праведен гнев. На еден, пак, од своите верни слуги му наредил да земе кошници, едната полна со ситни камења, а другата празна, па цел ден да стои на местото каде што ги донесувале умрените и да ги брои префрлувајќи камчиња од полната во празната кошница. Првиот ден слугата избројал тристотини дваесет и тројца мртовци, и го исвестил за ова светителот. А светиот Јован прорекол дека поморот ќе престане. И тоа почнало веднаш да се покажува: зашто наредниот ден слугата, стоејќи на истото место и броејќи ги мртвите, видел дека помалку умреле, наредниот ден – уште помалку, а во седмиот ден поморот сосема престанал, според пророштвото на светителот и по неговите молитви.

Воздржувањето на светиот Јован беше вакво: шест дена не јадел ништо, а седмиот јадел малку овошје: или диња, или грозје, или смокви. Така се хранел тој за сето време од неговото пратријархување. Спиел многу малку, и тоа седејќи. А за да не спие повеќе отколку што сакал, тој палел свеќа. Во свеќата забодувал голема игла, и под свеќата ставал леген: кога свеќата горејќи ќе догори до иглата, иглата со тресок паѓала во легенот, и го будела светителот. Светителот непрестајно пребивал во молитви и многу подвизи, борејќи се со страстите. Многу пати тој со своите молитви и пост ги одвраќал нападите на туѓинците и го избавувал градот од пропаст, и своето стадо го сочувал од видливите  невидливите непријатели.

Светиот Јован бил многу милостив, татко на сирачињата, хранител на бедните, заштитник на угнетуваните, ревнител по Бога, искоренител на секое зло. Еднаш во петок светителот бил известен дека наредниот ден, во саботата на Педесетница ќе има коњски трки. Светителот на тоа рекол: „Коњските трки нека не бидат во Светата Педесетница!“ И клекнувајќи на колена Му се помолил на Бога да се покаже некој знак кој ќе ги заплаши и оневозможи остварувањето на таквиот потфат. Така и биднало. Зашто, кога се собрале на тркалиштето, и започнале трките, наеднаш настанала страшна бура со грмотевици, заплискал дожд и голем град, па од страв сите се разбегале од тркалиштето.

Преподобниот имал власт над нечистите духови и ги изгонувал. Така, една жена, чијшто маж бил демонизиран, го одвела својот маж кај еден пустиножител, но тој ì рекол: „Оди кај најсветиот Јован, патријархот цариградски, тој ќе го исцели твојот маж“. Жената постапила така и го добила она што го сакала: со мажот, исцелен по молитвите на преподобниот патријарх, радосни отишле дома. И општо многу болни добивале исцеленија, и многу неплодни се разрешувале од неплодноста по молитвите на преподобниот.

Така мудро пасејќи го словесното стадо, преподобниот во длабока старост достигнал до блажениот свој крај и преминал од земјата во небесните живеалишта[5]. Кога телото на светителот лежело мртво, кај него дошол на проштален целив познатиот епарх Нил, и наведнувајќи се го целивал. А светителот, иако мртов, на очиглед и восхит на сите, му шепнал на увото на епархот Нил некои зборови, кои овој никому не ги кажал. Светиот Јован го погребале во олтарот на црквата на светите Апостоли како достоен за таква чест, славејќи и благословувајќи го прекрасниот во светиите Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.


[1] Јустин II Помладиот, царувал од 565 до 578 година.

[2] Тивериј е преемник на Јустин II, царувал од 578 до 582 година.

[3] Маврикиј царувал од 582 до 602 година.

[4] Евтихиј бил патријарх првин од 552 до 565 година; тогаш патријарх бил вотекот на пет години Јован III Схоластик; потоа Евтихиј повторно стапил на патријаршискиот престол, и патријархувал до својата смрт, 582 година; тогаш бил издигнат на патријаршискиот престол свети Јован IV Посник.

[5] На 2 септември 595 година.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *