Свети Јован Касијан Римски е роден околу 365 година, во Прованса на југот од Франција, во Марсел, од познати и богати родители и добил добро образование. Уште од својата млада возраст го засакал богоугодниот живот и исполнет со силна желба да постигне совршенство во таквиот живот, отишол на Исток, каде во Витлеемскиот манастир примил монаштво. Таму, слушајќи за возвишениот монашки живот на египетските монаси, посакал да ги види и да се поучи од нив. Па така, откако се договорил со својот пријател Герман, тргнал заедно со него за Египет, околу 390 година, по двегодишно престојување во Витлеемскиот манастир.
Тие живееле таму седум години во скитовите, ќелиите и во манастирите меѓу отшелниците, во заедници; сè бележеле, сè изучиле и сè во својот живот искусиле. Подробно се запознале со подвижничкиот живот – во сите негови особености. Се вратиле во својот манастир во 397 година, но во истата година пак се вратиле во Египет и останале таму до 400 година.
Откако овојпат го напуштиле Египет, свети Касијан и неговиот пријател Герман, отишле во Цариград, каде биле многу добро примени од свети Јован Златоуст, кој го ракоположил Касијана за ѓакон, а Германа, како постар, за свештеник – во 400 година. Кога свети Јован Златоуст во 405 година бил испратен во прогонство, тогаш ги испратиле сите, што му биле лојални пријатели во Рим, кај папата Инокентиј. Меѓу нив биле и свети Касијан и неговиот пријател кои се застапиле за прогонетиот Божји угодник кај папата, но нивната мисија останала без успех.
Светиот Касијан, по ова, не се враќал на исток, туку отишол во својот роден крај, во Галија, и таму го продолжил својот подвижнички живот, според египетскиот образец. Се прославил со својаат светост и учителска мудрост во духовниот живот. Подоцна бил ракоположен и за свештеник. Кај него почнале да се собираат ученици и набргу потоа тој отворил и манастир. По примерот на овој манастир, недалеку од него бил отворен и женски манастир. И во едниот и во другиот манастир се живеело според монашките правила на источните, а особено на египетските манастири.
Уредбата на тие манастири според новиот дух и според новите монашки правила, како и очигледните успеси на оние кои се подвизувале во нив, го свртело вниманието на многу ерарси и настојатели на манастирите во Галија. Сакајќи да воведат таков начин на живеење и во своите манастири, тие го молеле светиот Касијан да им напише манастирски правилници и да им го опише самиот дух на подвижништвото. Тој со готовност одговорил на нивната молба и го напишал сето тоа во 12 книги со манастирски правила и 24 книги разговори.
Свети Касијан се упокоил во Господа во 435 година. Неговиот свет спомен Светата Црква го слави на 29 февруари.