Исусовата молитва – епископ Порфириј Јегарски

Loading

Првенците на човековиот род, првосоздадените луѓе живееле во близина на Бога, го слушале Неговиот глас и разговарале со Него. Свети Јован Златоуст пишува дека човекот „живеел во рајот насладувајќи се со разговор со Бога и се радувал што можел да Му се обрати на Господа слободно, како дете кон својот татко… Ангелите треперат пред Бога, херувимите и серафимите не се осмелуваат да погледнат кон Него, а човекот разговараше со Бога како пријател со пријател“.

Овој разговор, ова општење е молитва. Тоа траело сè додека човекот Го љубел Бога и додека бил послушен на Неговата света волја. Непослушноста кон волјата Божја човекот го отуѓила од Неговата татковска љубов и на тој начин се лишил од општење со својот Создател. Напорите и обидите човекот да ги надмине отуѓеноста и отпадништвото од Бога и да го приведе умот, срцето и целокупното битие во вистинска, природна, здрава врска со Бога, во врска која е блаженство, – сето тоа се нарекува духовен живот. Духовниот животен пат кон кој укажуваат Светите отци, е патот што води кон остварување на целта, а човечкото битие се вклучува во суштествена молитва.

porfirij jegarskiКога еден човек, верник-подвижник кој ќе го надмине својот егоизам, излегува од границите на својата индивидуалност, и со верата ќе влезе во нова, трансцедентна реалност, тогаш секое негово движење е поврзано со молитва, тој гледа со молитвата, се сочувствува со неа и живее молитвено.

Невозможно е било каков обид за духовен живот или духовен пристап до Бога без молитва. Со молитвата човекот воспоставува непрекинат разговор со Бога, со неа станува пријател на Бога, преку неа се соединува со Бога. Свети Јован Златоуст вели: „Ако некој се лиши себеси од молитвата, прави исто што и оној кој ја вади рибата од вода. Што е водата за рибата – тоа е и молитвата за нашиот живот“. Затоа апостол Павле повикува: „молете се постојано“.

Молитвата е, сепак, многу тешка активност. Потребно е човекот да ја активира целата своја личност во молитвата, да ги распне своите страсти и грешни помисли кои ги носи во душата. „Молитвата е умртвување на претставите од волјата на телото“ – вели Исаак Сириски, „но таа е и извор на спасението“.

Светите отци според приоритетите за молитва ја нарекуваат т.н. „Исусова молитва“,  умно-срдечната молитва. Оваа молитва е централно занимавање на сите благочестиви христијани, особено на монасите по сите манастири, а посебно е омилена на Света Гора. За таа молитва ќе се обидеме да кажеме неколку зборови.

Во наше време молитвата со името Исусово станува сè пораспространета на сите  континенти. Многу од тоа што е напишано за неа заслужува внимание, но истовремено, искажани и многу недолични идеи. Целокупната теорија на оваа молитва би можела да се изложи на неколку страни, но нејзината практична примена во христијанската аскетика е поврзана со толку големи тешкотии, што од древни времиња отците и учителите на Црквата, на секој начин ги убедувале боготражителите дека кон Исусовата молитва треба да пристапуваат бојазливо, барајќи најпрво раководител кој веќе го поминал тој подвиг.

Што е Исусовата молитва? Нејзината надворешна форма лесно се учи. Таа се состои од само неколку зборови: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Оваа реченица по желба и по лична потреба може да се скрати или да се прошири. Можеме да се молиме, велејќи: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Исто така со додавање на зборот „грешниот“, можеме да кажеме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот (грешната)“. Сепак, секој слободно, преку неговото лично искуство, ќе направи посебен склоп од зборови кој ќе одговара на личните потреби. Според преданието на филокалиските Отци постојат три категории на молитва, кои не се независни еден од друг, туку се само различни степени на една иста реалност.

Прв степен е усната молитва, вербалната молитва. Многу години верниците ја кажуваат молитвата: „Господи Исусе Христе…“ гласно, без да бараат вештачки начини за да го соединат умот со срцето. Во манастирите, на пример, постојано и насекаде се изговара молитвата, без оглед на тоа кое послушание се извршува. И додека монахот е во кујната или во нивата, или се занимава со било што, тој постојано го повикува името Христово. Ако неколку монаси заедно вршат некое послушание, тогаш тие се обидуваат да го избегнат разговорот и празнословието и се молат заедно. Имено, еден кажува: „Господи Исусе Христе, Сине Божји“ а вториот додава: „помилуј нè“, а останатите во умот си ги повторуваат изговорените зборови. Истото го прават и благочестивите христијани во своите семејства. Така е и со сè она со кое се занимаваат луѓето кои се молат, тие се напојуваат со молитва и сè станува една Литургија, едно славословие на Бога, едно непрестајно богослужение. Тука верата и животот се совпаѓаат, теоријата и праксата стануваат едно. Секоја педа на земјата станува свет олтар од кој се воздига богоугодна жртва на Бога. Тоа значи дека она што го привлекува вниманието како на почетникот, така и на оној кој веќе пораснал во молитвата, е обидот да го усогласи секојдневниот живот со заповедите Христови. Вековното искуство на ваквата аскеза покажа дека, со Божјото дејство, умот се соединува со срцето кога монахот ќе помине значителен период, исполнет со послушание и воздржание и севкупен подвиг, кога неговиот ум и самото тело на стариот човек во доволна мерка ќе се ослободат од власта на гревот.

Втор степен е умствената молитва. На ова ниво на молитва, зборовите не се кажуваат гласно, туку со умот; не ги движиме усните и јазикот. Изговарајќи ги зборовите со умот, се трудиме да ја сфатиме нивната смисла и полека нашиот ум да го затвориме во зборовите на молитвата. Паралелно со тоа, упорно ги отфрламе помислите кои нè врзуваат за овој свет, како и фантазиите, не само оние грешните, туку и оние кои навидум се добри. Кога се наоѓаме на било кој од првите два степена, сè уште сме во надворешна молитва. Тука ние Му се обраќаме на Бога барајќи нешто од Него. Но, таа надворешна молитва е потребна за да може да дојдеме до внатрешната, до умно-срдечната молитва, каде што Бог нам ни се обраќа. Молитвата не значи дека правиме само некои побожни дејства, и дека изговараме благочестиви зборови. Тоа не е некоја моментална работа, туку една постојана состојба. Да се молиме – значи постојано да стоиме пред лицето на Бога и со Него да градиме лична врска. Молитвата е свест во сите дамари на своето битие дека постојам, и дека навистина сум жив само во Бога и дека Он е во мене. Кон ова се тежнее на првиот и вториот степен; на третиот степен, ваквата состојба и чувство се стекнува.

Третиот степен е умно-срдечната молитва, и се карактеризира со поврзување на умот и срцето. За да се оствари ова, покрај спонтаното изговарање на молитвата при разни дејности, неопходно е и планирано, систематско практикување. Тоа значи во одредено време одреден број молитви да се изговара под одредени услови. Иако ниедена положба на телото нема вредност сама по себе, подвижникот на молитвата најчесто во некоја затемнета просторија, седејќи на ниско столче, се обидува да ги смири сите движења на душата и на телото, и ја наведнува главата кон градите; во себе ја изговара молитвата, лесно вдишува воздух со зборовите: „Господи Исусе Христе, Сине Божји“, а потоа при издишување ја завршува молитвата „помилуј ме мене грешниот“. При вдишувањето, во почетокот вниманието на умот го следи движењето на воздухот и застанува на горниот дел од срцето. По извесно време поминато во таква молитва мислите стануваат пособрани, а умот се сместува во близина на срцето или дури може и да влезе во срцето.

Искуството покажува дека овој начин на молитва му дава на умот можност да го види не само физичкото срце, туку она што во него (на духовен план) се случува; какви чувства во него се раѓаат; какви мисловни претстави доаѓаат однадвор. Таквата пракса може да доведе до тоа, монахот подобро да го чувствува своето срце и  во него да пребива под целосно внимание на умот, немајќи повеќе потреба да прибегнува кон психосоматската техника.

Молитва која почнува како усна молитва, каде зборовите се изговараат гласно, однадвор, постепено се развива во внатрешна молитва и станува наш составен дел, почнува да се изговара сама. Врвот на оваа молитва е кога одозгора ќе му се дарува на подвижникот пламен, кој го насладува срцето со чувствувањето на љубовта Божја и кој се вознесува до духовни виденија. Понекогаш е придружена и со гледање на светлина. Тој пламен, меѓутоа, не може да се привлече со никаква вештина, туку секогаш се добива со благодатта Божја, како дар Божји.

На првите два степена од молитвата е нагласено она што го прави човекот. На третиот, пак, степен иницијативата ја презема небесниот Пријател на човекот; Неговото дејство е темел на заедницата. Затоа свети Григориј Синаитски кажува дека молитвата е Бог. Не е нешто што јас го започнувам, туку всушност нешто во што јас учествувам. Не нешто што правам јас, туку Бог во мене. По зборовите на апостол Павле: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Галат. 2, 20). На овој степен, човекот е должен да молчи и да ја пушти молитвата да се одвива сама, т.е. да го остави Бог да зборува. Со други зборови, вистинската, автентична молитва се случува кога ќе престанеме да говориме и кога ќе почнеме да го слушаме, со внимание на срцето, безгласниот глас Божји. Тука молитвата не е нешто што ние го поседуваме, туку целото наше битие се претвора во молитва. Сиот живот станува славословие; секое дело, секоја енергија, па дури и една насмевка, треба да биде химна на Бога, молитва. Тоа е она што му е потребно на светот: не луѓе кои изговараат молитва ретко или често, туку луѓе кои се молитва.

Во Исусовата молитва постои еден кружен тек – непрестајно менување на искачување и симнување. Во првата половина на молитвата се искачуваме кон Бога говорејќи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји…“, а потоа се враќаме кон себе скрушено: „помилуј ме мене грешниот“. Овие два момента се поврзани со зборот „помилуј“. Зборот „помилуј“ го премостува јазот помеѓу праведноста Божја и паднатата човечка природа. Оној кој му говори на Бога „помилуј ме“, ја оплакува својата недостојност, но истовремено покажува и еден повик на надеж. Зборува не само за гревот, туку и за негово надминување. Потврдува дека Бог нас нè прима во својата слава иако сме грешници; доволно е само ние да прифатиме Он да нè земе во своите прегратки.

Исусовата молитва не е резервирана само за некои затворени, посебно посветени кругови, на пример – монашки. Напротив, таа им припаѓа на сите кои копнеат по Христа и на секого му овозможува да стапи во врска со Него. Без оглед на призивот и достоинството, без оглед на образованието и возраста. Таа како темел на духовниот живот им се препорачува на сите и на секое место.

Не ќе биде излишно ако нагласиме дека во Исусовата молитва нема ништо магиско или автоматско. Ако не се трудиме да ги исполниме заповедите Христови, попусто ќе биде и повикувањето на Неговото име. Он Самиот кажа: „Не секој што Ми вели: ,Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Мат. 7, 21). На оние, пак, кои молитвата ја разделуваат од добродетелта, им најави страшна пресуда: „Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела“ (Мат. 7, 23). Молитвата не е дело на интелектуални спекулации. Често мислиме дека разговорите за духовни теми се доволни за духовниот живот. Она што Бог им го дарувал на Светите отци и подвижници на Црквата по многу децении поминати во подвиг, денес многумина би сакале преку ноќ, маѓиски, само со техника на изговарање на молитвата да го постигнат. Меѓутоа, вистинската состојба на нештата е поинаква. Како што Мојсеј трпеливо ги поднесуваше тешкотиите на подвигот, за да Го види Оној Кој е невидлив, така и ние мораме решително и истрајно да водиме духовен живот – живот и молитви и добродетели – за конечно да се соединиме со Троичниот Бог. Исто така постои и мешање на молитвата Исусова со јогата, будистичката пракса, трансцеденталната медитација и слично на тоа. Главната разлика помеѓу христијанството и сите други правци се состои во тоа што, во основата на нашиот духовен живот е Личноста на Бога, која се открива во личноста на верникот, додека спомнатите други патишта, следбениците ги одведуваат во областа на апстрактниот, трансцедентален Апсолут, во безлична аскетика, каде што нема ни Бог, ни човек како личност. Целта на Исусовата молитва е стекнувањето на Светиот Дух. Со други зборови, целта на молитвата е идентична со целта на сиот наш духовен живот, и постоење воопшто, а тоа е обожението, уподобувањето на нашата личност со Бога. Исусовата молитва е наша дејност со која соработуваме со Божествената благодат на овој свештен пат на нашето соединување со Христа. Почнуваме од проста, надворешна молитва, која одговара на нашиот духовен раст, и полека напредуваме; нашиот живот уште овде, во историјата, станува еден  со Неговиот живот и несоздадената светлина на преображението го проникнува секој дел од нашето битие, претворајќи го во присуство Божјо, при што Бог останува Бог, а човекот останува човек.

 

Превод од српски јазик:

Бобан Ѓорѓиевски, студент на Теологија

Православна светлина бр. 25

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *