Критика на Стариот Завет
Имено, јас не знаев друга стварност која навистина постои, и како нешто да ме поттикнуваше да се дружам со оние луди измамници, кога ме прашаа од каде е злото, и дали Бог е ограничен со телесен облик, има ли коса и нокти, и дали за праведници може да се сметаат оние кои имаат многу жени истовремено, кои убиваат луѓе и жртвуваат животни[1]. Тие прашања ме збунуваа бидејќи не ги знаев нештата, и кога се оддалечував од вистината, мене ми се чинеше дека одам кон неа, бидејќи не знаев дека злото е само отсуство на доброто сè до оној степен кога веќе нема ништо[2]. А од каде сум можел тоа да го видам, кога моите очи не одеа подалеку од телото, а мојот дух и понатаму од предметите?
Не знаев дека Бог е дух, дека нема органи во длабочина и широчина, дека Неговото битие не е твар, бидејќи тварта во свој еден дел е помала отколку во својата целина, па дури и ако била неограничена, таа е помала во некој дел омеѓен со одреден простор, отколку во својата неомеѓеност, и не е секаде сета како дух, како Бог. А што се однесува на внатрешната основа на нашето битие, и зошто во Светото Писмо се вели дека сме создадени по образ Божји (Битие 1, 27), за ова не знаев ама баш ништо[3].
Исто така не ја знаев онаа вистинска внатрешна праведност, која не суди според обичајот, туку според најправедниот закон на Бога семоќниот. Уредувајќи ги обичаите на земјите и времињата како што им одговара на земјите и времињата, тој закон секаде и секогаш е ист, а не овде ваков, а онде онаков, денес ваков, утре онаков. Според него биле праведни Авраам, Исаак и Јаков, Мојсеј и Давид, и сите оние кои биле пофалени со устата Божја. А оние незнајковци кои сметаа за неправедни, судејќи според човечкиот суд (1. Кор. 4, 3), и сиот морал на човечкиот род го мера според мерката на својата моралност. Тоа исто како кога некој, кој не знае да се наоружа, и не знаејќи што на кој дел му припаѓа, би сакал да ја заштити главата со чевлите и на нозете да го обуе шлемот, мрморејќи заради тоа што не му одговара; или како кога некој во ден, кои во попладневните часови е прогласен за празник, би се лутел затоа што не му се допушта да продава роба додека претпладнето му било допуштено; или како кога некој во една и иста куќа би видел некој роб да извршува некоја работа со раце, што не му се допушта на робот кој послужува пиење, или дека нешто се работи во шталата, што е забрането кај масата, па би се лутел затоа што во иста куќа и исто семејство сепак не им е насекаде и на сите одредена иста работа.
Такви се оние кои се лутат кога ќе чујат дека во она време на праведниците им било допуштено нешто што денес на праведниците не им е допуштено; дека на оние Бог нешто друго им заповедал, а на овие повторно друго, според приликите на времето, иако и едните и другите ѝ служат на истата праведност. Гледаат тие дека кај истиот човек, во истиот ден, во истата куќа, едно му прилега на еден член, друго на друг; дека нешто, што малку претходно било допуштено, по еден час е недопуштено; дека нешто во еден агол на куќата е допуштено или наложено што во оној агол до него е забрането и казниво. Зарем, значи, праведноста е различна и променлива? Не, туку времињата со кои таа управува не одат еднакво, бидејќи се времиња. Луѓето, на кои животот на земјата им е кракот (Јов 14, 5), не ги знаат причините на претходните времиња и на другите народи кои не ги познаваат од искуство да ги доведат во врска со сопственото искуство, но во едно тело, во еден ден, во една куќа лесно може да видат што на кој член, на кои часови, на кои места или на кои личности им прилега; затоа она претходното им пречи, а она ова се прилагодуваат.
Тогаш тоа не го знаев, ниту го забележував. Па иако отсекаде тоа ми бодеше очи, јас не го гледав. Кога составував песни, не ми беше допуштено да ја ставам било која стапка било каде, туку во една мерка вака, во друга онака, а во еден и ист стих не можев да ставам иста стапка насекаде. И самата таа уметност според која ги пеев песните немаше едно правило овде, друго онде, туку сите правила заедно. Значи не гледав дека праведноста, на која оние добри и свети луѓе ѝ служеа, многу попрекрасно и повозвишено ги обединува во себе сите што ги наложува, и дека во ниту еден дел не се менува, а сепак во различни времиња не дели и не пропишува сè во ист час, туку на секое време неговото. Јас, заслепениот, ги кудев побожните отци кои не само што сегашноста ја употребуваа како што Бог заповеда и вдахновува, туку и иднината ја објавуваа како што Бог им откриваше.
Превод од хрватски:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Sv. Aurelije Augustin,
Ispovijesti,
Zagreb1973.
[1] Главните приговори на манихејците против Стариот завет: антропоморфизми во замислувањето на Бога и етиката која е спротивна на Новиот Завет и назадна кон него.
[2] Спореди: Исповеди, VII, 12 и понатаму.
[3] Тука започнува величествената одбрана на божествениот закон, кој додуша се менува со промената на времето и приликите, но му останува непроменета внатрешната срцевина (гл. 8). Августин ја развива својата мисла (сè до крајот на гл. 9) на својот поим за време. Расправата завршува со мислата: „Праведна е онаа човечка заедница која тебе ти се чини“.