Во денешното евангелие слушнавме интересен настан. Кога Господ поминувал низ едно село, Го пресретнале десетмина лепрозни, кои повикале кон Него да ги исцели. Он ги исцелил, и тие си заминале. Само еден од нив се вратил за да Му заблагодари за стореното добро дело, а останатите деветмина – не.
Благодарноста кон Бога за сè е основна добродетел на секој православен христијанин, како што останало и во нашиот народен говор, колку често велиме „фала Богу“. Во секоја прилика го користиме, но повеќе од навика, додека, пак, нашите побожни претци тоа го чувствувале и спроведувале на дело постојано.
Литургијата, уште наречена и Евхаристија е всушност благодарствена служба, најавтентично благодарење кон Бога, најбогоугоден начин да Му благодариме на Бога, со тоа што ќе учествуваме во благодарственото принесување на даровите, лебот и виното, коишто Бог, токму на Литургијата, ги претвора во Тело и Крв Христови. Кога ќе дојдеме во црква и со претходна подготовка се причестиме со Светите Дарови, тогаш стануваме црква, дел од Телото Христово, стануваме Негови членови, Негови чеда, и тогаш најдобро Му благодариме.

Но како и колку ние денес Му благодариме на Бога?
Доаѓаме ли во црква да Му се заблагодариме кога ни е арно во животот, кога добиваме добри оцени во училиште, кога положуваме испити на факултет, кога стапуваме во брак, кога ни се раѓаат деца, кога се вработуваме, кога ни се редат успеси во секој поглед, кога сме здрави и силни?
Како тогаш ќе Му благодариме на Бога кога не ни оди во животот, кога сме болни, кога немаме успеси во животот? Или тогаш, како по правило, ќе трчаме во црква да се молиме и да плачеме, да Му се жалиме на Господ, затоа што не ни оди добро во животот? Со кое лице ќе се појавиме пред Господ, да Го молиме да ни помогне во лошите периоди од животот, кога, во периодите кога ни одело на арно, не сме го ни спомнувале Господ, а не па да дојдеме и да Му благодариме? Бог е наш Отец, родител, а ние сме негови деца. Колку е дрско кога децата не разговараат со својот родител никогаш, а кога им требаат пари или некоја друга услуга или помош од него, тогаш трчаат да го молат. Такви дрски деца сме и ние кога постојано Го игнорираме Господ, а Го бараме само тогаш кога ние имаме потреба од Него.
Односот што Го градиме со Бог се одразува во нашиот однос кон ближните, и обратно, од односот што го градиме со луѓето околу нас, се покажува каков однос имаме кон Бога. Ако искрено Му благодариме на Бога секогаш, ќе им благодариме и на луѓето. А доколку не им благодариме на луѓето, ако не знаеме да им кажеме „благодарам“ и за ситни нешта, тогаш јасно е дека ни на Бога не Му благодариме.
Потребна ни е делотворна вера и искрена љубов, за да можеме искрено да благодариме.
Да се молиме, Бог да ни даде таква вера и љубов, та да можеме секогаш да Му благодариме, и кога ни е арно, и кога ни е лошо, и кога добиваме, и кога губиме, та и крајот на животот да ни биде богоугоден, па како и светиот Златоуст, и на смртната постела да Му благодариме на Бога и да Го славиме, велејќи: „Слава на Бога за сè“. Бог да ги благослови сите кои се трудат да живеат богоугоден живот. Амин!
Свештеник Јани Мулев, проповед на 23.12.2012 г. во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, Велес.