Исцеление на фатениот

Loading

Свештеник Јани Мулев

(04.08.2013, VI недела по Педесетница)

Во денешното евангелско четиво (Мат. 9 гл.) слушнавме за чудото кое Господ го извршил со раслабениот. Ближните на болниот го донеле пред Господ, и заради нивниот труд и неговата вера, Господ напрво го разрешил од неговите гревови, па потоа го исцелил од болеста. Во овој случај е очигледно дека болеста кај овој човек била дадена како последица од некој грев, и затоа Господ најпрво му ги простил гревовите, го ослободил од ропството на гревот, па потоа го ослободил и од болеста.

ovcata porta

Некои болести доаѓаат поради личните гревови, или поради гревовите на блиските, на пример, заради грешниот живот на родителите, понекогаш се разболуваат децата, за да можат родителите на тој начин да се освестат, да се покајат и да дојдат до Бога.

Но има и болести кои Бог ги допушта за наше освестување, еден вид мачеништво. Ако човек трпи тешка болест и притоа не паѓа во очај, туку сè уште има сила да се моли и на Бога да Му благодари, тогаш таквата болест ќе му биде за спасение – како претрпено мачеништво.

Во евангелието чувме дека болниот „бил донесен од ближните“, што значи дека блиските на болните се должни да го приведат таквиот кон Вистинскиот Лекар на душите и телата – Христос, да се молат за него, но најмногу за спасението на неговата душа, па потоа за исцеление од болеста.

Старецот Никон Светогорец сведочи за еден интересен настан што се случил пред неколку децении во Грција. Во еден манастир каде што имало чудотворна икона од Пресвета Богородица дошла некоја мајка и со солзи и ридања се молела за исцеление на нејзиното синче, кое тогаш имало десетина години, а боледувало од рак. Бог ги послушал молитвите на оваа несреќна мајка, и навистина детето целосно оздравело. Но што се случило потоа? Кога детето пораснало и имало околу 20 години, еден ден, со пиштол ја застрелало својата девојка, па таткото, па и неговата мајка која толку плачела и се молела за негово исцеление, и на крајот се самоубил и тој самиот. Некој ќе рече, зарем не било подобро тоа дете да умре уште порано, кога се молела мајка му, отколку вака, заради него да настрадаат толку луѓе? И тогаш да умрело, луѓето ќе го обвинувале Бог, дека Он е виновен за смртта на детето, затоа што тие не ги гледаат настаните толку далеку, како што Бог ги знае и нашите срца, и нашите мисли, и нашата иднина.

Но, дали овој случај значи дека ние не треба да се молиме за ближните? Не, воопшто. Не значи дека секој што ќе се исцели од некоја болест, автоматски ќе стане убиец. Кога се молиме за ближниот, најпрво да се молиме за неговото покајание, Бог да го привлече кон себе, да му даде покајание и простување на гревовите, па дури потоа за исцеление од болеста. Ако му се простат гревовите, и ако човекот го насочи својот живот кон заедница со Бога, тогаш и да не се исцели од телесната болест, пак ќе си ја спаси душата, и ќе добие од Бога маченички венец заради неговото трпение. Затоа современите светители и духовници велат: „Ракот го наполни рајот“. Но не сите што боледуваат од рак се спасуваат, туку само оние кои болеста ги насочила кон Бога, кои се покајале и Му благодареле на Бога.

Бог да ни даде освестување и покајание, за да се исцелиме од најголемата болест – гревот, а дури потоа трпение или исцеление во душевните и телесните болести и страдања. Амин.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *