ЗАМКИТЕ НА ИНДИВИДУАЛИЗМОТ И РАЦИОНАЛИЗМОТ

Loading

Епископ д-р Игнатиј Мидиќ

 

Многубројни се причините кои обично се спомнуваат кога се говори за војна и непријателство меѓу луѓето и државите. Нив најчесто ги гледаме во националните, политичките, економските и религиозните разлики на спротивставените страни. Со цел да се надмине кризата, современата цивилизација тежнее токму кон бришење на тие разлики воведувајќи единствени економски, политички и општествени системи. Со еден збор современиот свет тежнее кон интеграција на општествени заедници на сите нивоа, до заговарање на единствена држава и религија, со цел да се надмине непријателството меѓу луѓето. Колку ова било успешно, или поточно неуспешно, покажува распадот на сите сојузи, наспроти сите напори, и сè подостапното раслојување на луѓето на сите нивоа, кое води во сè поотворени конфликти и сè покрвави војни. Ваквата стварност нè тера, сакале ние или не, повторно да ја испитаме дијагнозата на причинителот на сè почестите и сè покрвавите конфликти меѓу луѓето, за да можеме да преземеме и правилна терапија, додека имаме уште време и можност за тоа. Значи, дали причината за непријателство меѓу народите е во нивните разлики: во  различните политички и општествени, или пак религиозни системи, или во нешто друго?

 

Омраза во името на Бога

 

Евидентно е дека православното христијанство не учествувало многу во создавањето и развојот на современата цивилизација. Тоа е за жал оттаму, што православната црква во овој период, кога е и градена современата цивилизација, малку се грижи за историјата. Определбата за Царството Небесно, како суштина на христијанскиот живот, од многумина се сфаќало како бегање од светот. Заради тоа Црквата на Исток не придонела многу во создавање на бројните проблеми, кои ги создала современата цивилизација, но исто така нема ни многу удел во големи откритија кои, во многу, ја преобразиле историјата, а за доброто на целиот свет. Меѓутоа, тоа не значи дека таа не се служи со сите овие достигнувања, како и дека сите проблеми кои го оптоваруваат современиот свет, не се и нејзини проблеми. Достигнувањата на модерниот свет се наследени, како од Запад, така и од Исток. Имено, индивидуализмот и рационализмот, а врз основа на тоа и убедувањето за самодоволноста на еден човек и народ во однос на друг, се сè поприсутни и навлегуваат во сите сфери на животот: како во општествениот, така и во црковниот, и во традиционално православните земји. Поновите, и најновите крвави конфликти на Балканот, и во Европа, па и пошироко, се доволен доказ за тоа. Во Православната црква, а врз основа на современиот модел на живеење и односите кон она што нè опкружува, сè почесто и самото црковно предание се користи заради дистанцирање од другите, како на општ план Исток-Запад, така и внатре во Црквата помеѓу нејзините членови. Црковниот идентитет денес и на Запад и на Исток, не ретко се одредува, не на основа на заедништво и љубов кон другите, туку на дистанцирање од нив и не дај Боже, омраза кон другите, заради Бога и во името на Бога.

 

Современата цивилизација, или таканаречениот нов век, како што многумина тврдат, изобилува со конфликти кои се, без преседан, најкрвавите во историјата и по бројот на жртви и уништување, и по монструозноста на злосторствата. Како по правило тие избувнуваа во иста држава (револуција), или помеѓу државите со ист општествен и економски систем, па дури и со иста религија. Тоа дека коренот на конфликтите не е само во различноста на нациите и политичките системи, макар што го има и таму, ниту, пак, во стремежот за ослободување, туку изгледа дека во коренот на современата цивилизација е поставено нешто, што неизбежно води во конфликти. На ова укажува уште и фактот дека најновите конфликти во поновата историја на човештвото, како што се Првата и Втората светска војна, своите почетоци ги имаа во Западна Европа која е и лулка на современата цивилизација, на државите, кои се изградени по примерот на европската цивилизација, како што се: Америка, Русија, Јапонија и др. Во што е проблемот на современата цивилизација, и каде се изворите на сите тие конфликти? Пред да се свртиме кон овој проблем, а заради полесно идентификување на овој проблем во современото општество, потребно е да се спомне еден факт кој е многу битен, а кој, како по правило, често го занемаруваме како спореден.

 

Опасна поделеност

 

Индивидуализмот во начинот на живот, проследен од рационализмот, опасно го дели единствениот и неделлив Божји свет, дури до уништување. Светските војни, па и најновите конфликти на Балканот, и воопшто во светот, ни ја подотворија вратата да можеме да предизвикаме катастрофа која може да ни се случи ако сериозно не се замислиме над својот, современ, начин на живот. А него го карактеризира опасна поделеност, како во светот во целина, така и во сферата на црковниот живот. И што е уште потрагично, кај многумина постои стремеж, и на Исток и на Запад, поделеноста да се втемели како единствена вистина за постоењето и свесно да се тежнее таа да биде прогласена за најголема доблест.

 

Постои една суштинска причина која го тера човекот да се оградува и дистанцира од другите, а со тоа во другиот да гледа и непријател, а тоа е смрт. Дури и кога не сме потполно свесни, нашата смртност и загрозеноста на нашето битие од смртта природно го води секое битие, а особено човекот, во изолација и создава страв од другиот, заради самоодржување. Кај човекот, бидејќи тој е единственото битие на земјата кое таа своја загрозеност од смртта ја гледа во перспективата на апсолутно непостоење, затоа што тој не ја доживува смртта како еден природен процес во низата на процеси, туку на неа гледа како на целосно неприроден и, во однос на постоењето и животот, кое го доживува како вечно траење, опасен зашто се заканува со ништожност, тој однос кон другите може да биде непријателски до крајни граници. Со еден збор, човекот е склон кон тоа, непријателството кон другите да го оправдува со тоа, дека на тој начин се штити самиот себеси, односно, поблаго речено, во дистанцирањето од другите да ја гледа единствената можност за својот просперитет. Оваа состојба во Црквата е позната како состојба на паднатиот свет, зашто суштината на гревот се состои во индивидуализмот и затворањето во себе, пред сè во однос на Бога, а потоа и во однос на сè она што нè опкружува. Затоа во христијанството љубовта како заедница со другите и со сè она што нè опкружува е онтолошка подлога на животот, а не просто една од многуте доблести. Меѓутоа, покрај оваа состојба која му се заканува на светот уште откако е тој создаден, а пред сè од гревот на првите луѓе, во светот се случило нешто дополнително и тоа, ни се чини, во современата цивилизација, а што непријателството меѓу луѓето го претвора во светски катастрофи од невидени размери. За што се работи?

 

Корените на современата цивилизација, која е родена во Западна Европа, се во индивидуализмот и во рационалистичкиот однос кон светот и животот. Почнувајќи од блажениот Августин (V век), кој го гледал човекот како индивидуа, која во самата себе има основа на својот идентитет, па преку Боециј, кој и го дефинираше човекот како natura individual supstantia rationabilis, се втемелила една нова онтологија апсолутно спротивна на христијанството, а сепак во христијанските култури – онтологија на индивидуализмот.

 

Значи, нешто што е иманентно на секое човечко општество откако светот постои, а тоа е индивидуализмот и тежнеењето за дистанцирање од другите, па и од самиот Бог, што го карактеризирало христијанството како грев и лажен живот, во современата цивилизација станало единствена вистина, вечна онтологија и единствена вистинска состојба на човекот и на секое битие. Човекот е дотолку поголем, во колку е понезависен од другите, што современата дефиниција на личноста всушност и говори кога кажува дека човекот е толку личност, колку што е свесен за самиот себе и за разликите во однос на другите и одвоеноста од другите.

 

Подоцна врз основа на ваквите сфаќања на човекот, а со посредство на Декартовата философија, е втемелен рационализмот како основа на целокупниот живот. Декартовата максима corgito ergo sum, „мислам, значи постојам“, укажува на тоа дека логиката е основа на постоењето, и тоа не само на оној кој мисли за себе, туку на сè што нè опкружува.

 

ЦРКВАТА И УЧИЛИШТЕТО

 

Ваквото сфаќање не било само периферно мислење на поедини луѓе. Станало систем на животот, кој се разгранил насекаде и ги опфатил сите сфери на битисувањето. Како доказ на ова е развојот на схоластиката во средниот век, која имала за цел оспособување на човечкиот ум правилно да функционира, а потоа преку појавата на енциклопедистите и воспоставување на училишта за широките народни маси, и обучување на луѓето врз основа на својот ум да одредуваат што е вистина, и што е добро, а што зло. Тој начин на живот станал единствен можен и единствен вистинит. Дотолку повеќе што врз негова основа се одредувало дали постои Бог, или не. Создадениот свет е прогласен за единствено постоечки и на тој начин дефинитивно одвоен од Бога. Во таа одвоеност е, дотолку повеќе, и неговото вистинско постоење.

 

Врз основа на вакви претпоставки, малку по малку, целиот живот почнал да се раслојува на составни делови и како таков да се мери со логика. Светот стана објект на нашето умно истражување. Вистината и постоењето на светот се збир на многу индивидуи кои не се поврзани меѓу себе органски и затоа трагедијата на еден не претставува трагедија за друг и обратно: постоењето на еден не претставува нужно постоење на другите. Светот е логички систем. Во него треба само да се продре и да се ѕирне. Кога ќе го направиме тоа, тогаш целокупниот свет ни служи нам и ние можеме да го менуваме, со оглед на своите логични барања и потреби. Ако нешто не можеме логички да го разбереме, тоа не значи дека тоа ја надминува логиката, туку дека тоа ќе го сфатиме кога ќе постигнеме повисок степен на сфаќање на логиката. Токму она што со логиката не може никако да се опфати и да се контролира, како што е Бог и човековата слобода, се прогласува за непотребно и непостоечко, односно ирационално. Така сè што не можело да се објасни и опфати со умот станало сомнително и, ако не опасно по живот, тогаш сигурно непотребно. Ако на ова се додаде дека човекот сфаќајќи се себеси како индивидуа, всушност тежнее да се осигура себеси во однос на другите и да се заштити себеси во однос на другите, што сега е крајна цел на секоја единка и на нејзината среќа, од тоа следи дека тој затоа го користи својот ум барајќи логични објаснувања за сè што го опкружува, за да го искористи што поадекватно за постигнување на оваа цел. Затоа во современиот свет науката и техниката се синоними за една и иста реалност и не можат една без друга. Сè она што е немерливо со логиката и човечкиот ум и со инструменти, кои исто така се конструирани врз основа на логиката, не е наука, додека техниката единствено се оправдува… Знаењето се мери единствено со употребна вредност. Ако нашето знаење не може да се употреби во некаква цел, значи ако не може да се искористи, е еднакво на незнаење. Во ваквата цивилизација училиштето станало сè. Станало црква во која се обоготворил човечкиот ум. Црквата, ако не сакала да исчезне, требало и самата да се претвори во училиште.

 

СРЕЌА ПРОТИВ ДРУГ

 

Од сето ова произлегло дека човекот е доволен на самиот себе, и дека самиот себе, а на основа на својот ум, си ја изградува среќата. Другиот човек, како и сè што го опкружува, е тука за да се оствари таа среќа преку него. Доколку тој би одбил да го направи тоа, а врз основа на својот ум и своите сфаќања (зашто на крајот и тој завршил некое училиште!) сакајќи да не биде средство на другиот заради остварување на туѓа среќа, туку другите да бидат средство за остварување на неговата среќа, другиот неминовно станува непријател. Со цел да се дојде до задоволување на побарувањата на индивидуата, се создаваат групи на истомисленици околу прашањето што е тоа среќа, и колку се побројни во однос на другите партии, нивната визија за животот преовладува и  станува модел врз чија основа светот се уредува. Партиите се појавуваат на изборите за власт со своите модели за среќен живот ветувајќи им среќа на поединците. Колку е ова на прв поглед убаво и заводливо, зашто навидум нуди среќа и слобода за секого и можност, секој поединец да го уредува светот по своја замисла и еден ден, ако има среќа, да го уреди целиот свет врз основа на својата шема и така да стане апсолутно среќен, покажува стремеж на сите и насекаде на Земјата, независно од своето географско и културно поднебје, да го достигне овој начин  на живеење. И сето тоа би било убаво да не се ресурсите и изворите на богатства, кои неминовно одат со поимот среќа на современата индивидуа, заеднички и, за несреќа, ограничени. Затоа овој вид на среќа на еден човек или на една држава, неминовно подразбира несреќа, или, со други зборови, помалку среќа, на другиот. Национализмот исто така е продукт на векот на просветителството и индивидуализмот и не е нималку случајно тоа, што се појавува во XIX век, и да служи како поттик во повеќето конфликти, кои се случиле во поново време, во Европа и пошироко.

 

Ваквиот начин на живот неизбежно води до непријателства меѓу луѓето и државите што, одвреме навреме, доведува до ескалација на непријателства од пошироки размери, како што се светските војни, а во последно време, и до големи еколошки проблеми кои се закануваат да прераснат во светска катастрофа. Ваквата состојба, некои луѓе ги тера на размислување и сомнеж за совршеноста на современата цивилизација, како и за причините за војните во XX век и сè она што се случувало и се случува во овој век. (XX век од рационалистите и енциклопедистите е прогласен за век на рајот на Земјата, во кој сите ќе бидат образовани, и со самото тоа ќе исчезне и секое зло и затоа е дотолку почудно за светот што најкрвавите војни се случуваат токму во овој век.) Но, уште се многумина оние кои за таквите конфликти ги обвинуваат оние народи кои, по нив, се на низок степен на образование и развој, а ако е тоа неубедливо, тогаш за тоа се виновни погрешните лидери кои ги водат тие народи, што укажува на тоа, дека тие ни малку не се сомневаат во совршеноста на моделот на живеење во современиот свет.

 

Превод од српски јазик:

Трајче Јанев

Наслов на изворникот:

еп. д-р Игнатије Мидић,

Замке индивидуализма и рационализма

Православна светлина бр. 14

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *