Игнатиј, Богоносец,
до Црквата на Бог Отец и возљубениот Исус Христос, помилувана со секаков благодатен дар (χαρίσματι), исполнета со вера и љубов, нелишена од ниеден благодатен дар, богодолична и светоносна (αγιοφόρω), која е во Смирна во Азија, – (ì посакувам) во беспрекорен дух и во Божјото слово многу да се радува.
I. 1. Го славам Исуса Христа Бога, Кој така ве омудрил. Сфатив дека сте совршени во вашата непоколеблива вера, како приковани за крстот на Господа Исуса Христа и со тело и со дух, и утврдени во љубовта со крвта Христова, исполнети со доверба (πεπληροφοημενους) во нашиот Господ (Гал. 2, 19), Кој навистина е од родот Давидов по тело, Синот Божји, по Божја волја и сила роден вистински од Дева, крстениот од Јован, за да ја исполни секоја правда (Рим. 1, 3; Лука 1, 35; Мат. 3, 15); 2. вистински прикован (на крстот) заради нас по тело во времето на Понтиј Пилат и Ирод четворовласникот, од чиј плод сме ние, од богоблаженото Негово страдање; та со воскресението „да го воздигне знакот“ (συσημον – знамението) во вековите за своите свети и верни, без разлика дали се помеѓу јудејците, или помеѓу незнабошците, во едното тело на Својата Црква (Иса. 5, 26; Ефес. 2, 16; 1, 22; Кол. 1, 18; 3, 15).
II. 1. Зашто сето тоа го претрпел заради нас – за да се спасиме; и вистински пострадал, како што и вистински Себеси (εαυτον) се воскреснал (1. Сол. 4, 14). Не како што говорат некои неверници дека Он пострадал привидно (το δοκειν – докетски) – самите тие се привидни (το δοκειν), па како што мислат, така и ќе им биде, ним кои се бестелесни и демонски[1] (Јак. 3, 15).
III. 1. Зашто јас Него (Христа) и по воскресението го познавам во тело и верувам во Него како таков. 2. И кога им пријде на учениците што беа со Петар, им рече: „Допрете се до Мене и видете дека не сум бестелесен демон“ (Лука 24, 36-39; Јован 20, 20. 27). И веднаш го допреа и поверуваа, соединувајќи се (κραθεντες) со телото Негово и со духот.[2] Затоа (потоа) и смртта ја презирале се нашле над смртта. 3. Секако, по воскресението Он со нив заедно јадел и пиел како телесен, иако духовно е соединет со Отецот (Јован 10, 30; 21, 5. 12; Дела 10, 41).
IV. 1. А ова ви го порачувам, возљубени, знаејќи дека и вие мислите така. Но ве молам за претпазливост од ѕверовите во човечки лик, кои не само што не треба да се примаат (кај себе), туку, ако е можно, да не се ни сретнувате (со нив), туку само молете се за нив, за случајно некако да се покајат, што е тешко. А за тоа власт има Исус Христос – вистинскиот наш живот (2. Јов.10; Мат. 9, 6; Филип. 1, 21).
2. Зашто ако (сè) тоа го направил нашиот Господ (само) привидно, тогаш и јас сум окован привидно! И зошто самиот себеси се предадов на смрт, во огин, пред меч, пред ѕверови?! Но, блиску до мечот – блиску (сум) до Бога; помеѓу ѕверови – помеѓу Бога, само (нека е) во име на Исуса Христа! Сè трпам за да страдам заедно со Него, а ме укрепува Он, Кој постанал совршен Човек (Рим. 8, 17; Филип. 4, 13).
V. 1. Некои не познавајќи Го се одрекуваат од Него, поточно речено: од Него се одречени оние, што повеќе се застапници (συνηγοροι – адвокати) на смртта отколку на вистината. 2. Нив не ги убедиле ниту пророштвата, ниту Мојсеевиот Закон, ниту пак, Евангелието до сега, ни страдањата (за Христа) на секого од нас поединечно. Зашто тие и за нас истото го мислат (привидно). Зашто, што би ми користело ако некој ме фали, а мојот Господ го хули, не признавајќи го за телоносец (σαρκοφορον)? Оној што тоа не го признава (т.е. овоплотениот Христос), сосема Го порекнува, станувајќи и самиот смртоносец (1. Јов. 4, 2-3). 3. А нивните имиња немам намера ни да ги напишам, зашто се невернички. Уште повеќе, нека немам потреба ни да ги спомнувам, додека не се покајат со страдањето (Христово), кое е нашето воскресение.
VI. 1. Никој да не се лаже: и наднебесните битија, и славата на ангелите и началствата видливи и невидливи, ако не поверуваат во крвта Христова, и на нив ќе им се суди (1. Кор. 15, 33; Кол. 1, 16. 20). „Кој може да прими, нека прими!“ Никој да не се гордее со местото (положбата), зашто сè е – вера и љубов, од кои нема ништо поважно (Мат. 19, 12; Гал. 5, 6).
2. Добро запознајте ги оние што поинаку поучуваат (τους ετεροδοξουντας) за благодатта на Исуса Христа која дошла врз нас, (да видите) како тие се спротивни на верата (τη γνωμη – волјата, мислата) Божја. На нив не им е грижа за љубовта, ниту за вдовицата, ни за сирачето, ни за оние во неволја, ни за врзаниот или одврзаниот, ниту за гладниот или жедниот (Јак. 1, 27).
VII. 1. Од Евхаристијата (Литургијата) и молитвата тие се оддалечуваат, зашто не признаваат дека Евхаристијата е тело на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кое пострадало заради нашите гревови, кое Отецот го воскреснал со (Својата) добрина (Евр. 10, 25; Јован 6, 51-56). Значи, тие кои противречат на Божјиот дар – умираат дискутирајќи (συζητουντες). А би им било подобро да имаат љубов, за да воскреснат (Гал. 1, 1; Јован 4, 10). 2. Затоа е добро да се оддалечувате од таквите, и ниту насамо, ниту, пак, заедно (на собир) за нив да не зборувате, туку да внимавате на пророците и посебно на Евангелието, во кое ни е објавено страдањето и совршено исполнето воскресението. А поделбите избегнувајте ги како почеток на (сите) зла (Рим. 16, 17; Тит 3, 10; 2. Јов. 10).
VIII. 1. Сите следете го епископот, како Исус Христос Отецот, и свештенството како апостолите, а ѓаконите почитувајте ги како Божја заповед. Никој без епископот да не работи ништо што се однесува на Црквата. За сигурна да се смета онаа Евхаристија (Литургија) што е под епископ (што ја извршува епископ), или ако тој некому дозволи. 2. Таму каде што ќе се појави епископот, таму нека има и мноштво народ (το πλητος) – сите верни), како што таму каде што е Исус Христос, таму е и соборната (η καθολικη – католичката) Црква. Не е дозволено без епископ и да се крштева, ниту агапите (вечерите на љубовта) да се извршуваат, туку само тоа што тој ќе одобри, тоа е и на Бога угодно – та сè што правите, да ви биде сигурно и правилно.[3] (Јуда 12).
IX. 1. Паметно е понатаму да се трезниме и додека, сè уште имаме време, да се покаеме пред Бога (Дела 26, 20). Добро е да се знае за Бога и за епископот. Оној што го почитува епископот, него и Бог го почитува; оној што (во Црквата) таи нешто од епископот – му служи на ѓаволот.
2. Нека сè ви изобилува во благодатта, затоа што сте достојни. Во сè ме успокоивте, и вас (нека ве успокои) Исус Христос. Ме засакавте и отсутен и присутен. Бог нека ве награди, поради Кого ако поднесувате сè – ќе Го задобиете.
X. 1. Филон и Реа Агатопус (Доброногиот), кои ме следеа заради Божјото слово, направивте добро што ги примивте како ѓакони на Христа Бога, коишто и Му благодарат на Господа за вас, затоа што ги угостивте во секој поглед. (Навистина) ништо нема да ви пропадне.
2. Жртва и (залог) за вас (αντιψυχον υμων) се мојот дух и моите окови, кои вие не ги презревте, ниту, пак, од нив се засрамивте. Нема ни од вас да се засрами совршената вера – Исус Христос (2. Тим. 1, 16; Евр. 12, 2).
XI. 1. Вашата молитва отиде на Црквата во Антиохија во Сирија, од каде што врзан со богодолични окови сите ги поздравувам, иако не сум достоен да бидам оттаму, затоа што сум последен помеѓу нив (1. Кор. 15, 9). Но по волјата (Божја) сум удостоен, не од совеста, туку од Божјата благодат, за која молам да ми се подари совршена, по вашата молитва Бога да Го достигнам (задобијам).
2. А делото за да ви биде совршено и на земјата и на небото, (ви) доликува во Божја чест вашата Црква да избере богопратеник (θεοπρεσβευτην), та тој, откако ќе отиде во Сирија, да им изрази радост (честитање) што (сега) имаат мир и што си ја повратиле својата величина (μεγεθος – углед) и затоа што им е воспоставено нивното тело (το σωματειν – црковна заедница). 3. Значи, ми се чини дека работата е достојна да се испрати некој од вашите со писмо, да земе (таму) удел во прославувањето (на Бога) за ведрината (ευδιαν – спокојството) која по Бога им настапила и што (тамошната Црква) веќе стекнала мирно) пристаниште, по вашата молитва. Бидејќи сте совршени, совршено и мислите. Зашто кога сакате да правите добро, Бог е готов тоа и да ви го дарува (Филип. 3, 15).
XII. 1. Ве поздравува љубовта на браќата што се во Троада, од каде и што ви пишувам преку Вур, кој заедно со Ефесјаните, браќата ваши, го испративте со мене, којшто во сè ме успокои. А би требало сите да се угледаат на него, зашто е образец на ѓаконството (служењето) Божјо. Нека благодатта (Божја) го награди за сè. 2. Го поздравувам (вашиот) богодостоен епископ и богоприличното свештенство и сослужителите (συνδουλους) мои ѓаконите, и сите посебно и сите заедно, во името на Исуса Христа и Неговото тело и крвта, и страдањата и воскресението, и телесното и духовното Божјо единство и вашето. Благодат на вас, милост, мир и трпение засекогаш (Кол. 4, 7; Ефес. 4, 3-6; 2. Јов. 3).
XIII. 1. Ги поздравувам домовите на моите браќа заедно со жените и децата, и девствениците наречени вдовици. Бидете здрави во силата на Духот (Свет). Ве поздравува и Филон, кој е со мене. 2. Го поздравувам домот на Тавија, на која молитвено ì посакувам да се утврдува во верата и љубовта, и телесно и духовно. Ја поздравувам Алка, возљубеното ми име,[4] и Дафнос неспоредливиот, и Евтекно, и сите посебно.
Бидете здрави во Божјата благодат.
[1] Ова и други места (на пр. Тралијанците X, 1) се вперени против таканаречените докети, еретиците евионити-гностици, коишто учеле дека Христос привидно се овоплотил и дека привидно (докетски – наизглед) страдал. Против нив пишувал и свети ап. Јован (1. Јов. 4, 2-3). Свети Игнатиј овде ја исмејува нивната демонска „бестелесност“, затоа што христијанскиот богочовечки реализам, благодарение на Христовото овоплотување (вотеловување, Јован 1, 14), ги потврдува телото и материјата, не помалку од душата и духот.
[2] Овие две реченици се наоѓаат во таканареченото Евангелие според Евреите (апокриф), но од првин кружеле како устен Христов збор, таканаречен λογια Господов (како што на пр. има во Дела 20, 35).
[3] Ова е едно од клучните места на ранохристијанската еклисиологија (наука и пракса на Црквата Христова). Од ова црковно учење и пракса, настанале светите канони и понатамошната епископоцентрична организација на Православната Католичка црква низ вековите. Овој пасус е класичен израз на православната соборност во Христа: без епископ и верници, како што ни без Христа, нема Црковна полнота, нема Литургија, нема спасение.
[4] Истиот поздрав за истата христијанка како во Посл. до Поликарп VIII, 3. Не е извесно дали тоа е истата личност со Алка, сестрата на Никита, таткото на Ирод тужителот, кој се спомнува педесетина години подоцна, во Страдањето на Поликарп VIII, 2 и XVII, 2.