Ирина Николаева
Честопати лекарите ништо не му кажуваат на пациентот за неговата состојба, одмавнувајќи со рака: „Ваша работа е да ги пиете таблетките, да одите на прегледи“. Затоа многумина не одат на лекар, туку едноставно одат на помазание секоја година, и Господ им дава уште една година за живеење. Го молат Него: „Господи, нека биде волјата Твоја: ако ме оставиш да живеам – добро, ако не – тогаш уште подобро за мене“. Правилно ли е ова или е покажување на гордост? Можеби, треба слепо да им се верува на лекарите? На ова и на други прашања одговара доцентот на катедрата за пропедевтика (вовед во некоја наука, област) при Санкт-петербуршкиот државен медицински универзитет, што го носи името на академикот Иван Павлов, магистер на медицински науки и член на Друштвото на православни лекари на Санкт-Петербург, Татјана Василевна Виноградова.
На болниот задолжително треба да му се објасни, што се случува во неговиот организам, да го направиме свој сојузник, па тогаш и процесот на оздравување ќе биде побрз. А да се лекуваме е неопходно, за да живееме и да имаме сила да работиме во слава Божја. Лекарите и лекарствата се од Господ испратени. Да седиш и да размислуваш: „Еве имам уште една година, а можеби и немам“, – е неправилно.
Исто така сакам да ги предупредам тие кои заздравуваат, дека, кога ќе бидат отпуштени од болница, мислат, дека за нив веќе ништо не е страшно. Но здравјето треба да се одржува, да се прават анализи, да се примаат лекарства. А тие кои не обрнуваат внимание и велат: „Зошто? Мене сега ништо не ме вознемирува“, повторно завршуваат во болница. … во најдобар случај.
Да се надеваме на Бога е неопходно, но Бог ни помага во болеста преку лекарите, лекарот е инструмент во рацете Божји. Затоа, да се отфрла лекарската помош – е гордост. Исто како и во познатата анегдота. Еден човек почнал да се дави и да Го моли Бога за помош. Одеднаш здогледал како плови еден чамец, а луѓето што биле во чамецот мафтале со рацате, викајќи го. – „Не“, – извикал давеникот, – „мене Господ ќе ми помогне“. Наскоро покрај него допловил сплав. Луѓето на сплавот сакале да го спасат кутриот човек, но тој, давејќи се, одбил: „Мене Господ ќе ми помогне“. Веќе вкочанет, давеникот почувствувал како под неговата рака допловил еден трупец. Но тој го оттурнал, прошепотувајќи: „Мене Господ ќе ми помогне“. Така и потонал. На оној свет застанал пред Господа, велејќи Му: „Јас толку се надевав на Тебе, Господи, а Ти не ми помогна“. На ова Господ одговорил: „Колку чамци, сплавови и греди требаше да испратам по тебе!“
Затоа кога побожен човек оди на операција, тој се моли: „Господи, раководи со рацете на овој хирург“. И имиња за спомнување на литургија треба да се даваат и за пациентот и за хирургот, кој ќе оперира.
Секој член на Друштвото на православни лекари е професионален лекар, со христијанска вероисповед. Тој му помага на болниот и телесно, и духовно и не дозволува лечење, кое погубно влијае на душата. Нели и Црквата наложува забрани, на пример, за пресадување на мозок, абортуси, хипноза, екстрасензорика, кодирање…
Лекувањето се завршува хармонично со тоа што пациентот започнува да води црковен начин на живот. Тој се исповедува за целиот свој живот, се причестува со Светите Христови Таинства, прима миропомазание, добива духовно раководство.
Пред револуцијата имало закон: лекарот го прашувал пациентот, кога тој последен пат се причестил. Ако тоа било одамна, тогаш го советувале болниот: „Одете да се исповедате, да се причестите, па потоа дојдете“. Ние така и правиме. И зачудувачки е тоа што најчесто пациентите повеќе не се ни враќаат. Затоа што, душата, повредена од гревовите, кои водат кон болни промени во организмот, на пример, кон хипертонични болести (пореметување на крвниот притисок)… се очистуваат за време на исповедта и причестувањето, и крвниот притисок се нормализира.
Овде станува збор за православни пациенти, кои мораат самите да се потрудат заради свое спасение, а не да се надеваат само на лекарите и на молитвите на свештениците. Еве што за ова раскажува старецот Пајсиј Светогорец: „Еднаш кај мене дојде еден натажен татко, чиј син беше болен од леукемија, и ме замоли да се помолам. Јас му реков: ,Јас ќе направам нешто, но и ти мораш да помогнеш. Се разбира ти си неискусен во духовното, но барем престани да пушиш‘. Тој го прифати мојот совет и заминувајќи ми се заблагодари. Здравјето на детето се подобруваше од ден на ден. Таткото го виде чудото, но со текот на времето заборави и повторно почна да пуши. Болеста на детето се врати. Таткото повторно дојде. Јас го прашав, зошто тој го оставил својот духовен подвиг, и го предупредив, дека недоволни се молитвите на друг човек. Бог сака, и ние самите да пројавиме грижа и да се молиме“.
А неверниците попусто е да ги праќаш во црква, нив можеш само тивко, незабележливо да ги приближуваш кон Бога. Инаку се навредуваат, си заминуваат, клеветат, се озлобуваат. А тоа прави само штета.
Што се однесува до психолозите… меѓу нив има многу сатанисти. Разработени се многу методи, кои длабоко навлегуваат во психата, во свеста на човекот, и тој едноставно станува жртва, од која извлекуваат пари. Според моето мислење, сите психолози треба да се православни, тогаш тие нема да ì нанесат штета на човечката душа.
Се разбира, народната медицина и домашните методи на лекување имаат право на постоење. Но сè мора да биде во границите на разумното. Ако се удриш, тогаш истриј го болното место или стави му облога – и доволно е. А ако е нешто сериозно – тогаш треба да се прегледа.
Рускиот народ има една поговорка: „На Бога надевај се, а самиот ти не греши“. Навистина, за оздравување е неопходно и едното и другото. Ако човекот има вистинска вера и неговата молба за исцелување е крик на душата, тогаш Господ може да направи чудо наспроти сите закони на медицината. И обратно, се случува, и најнапредните методи на лекување да се покажат бесполезни. Значи, таква е волјата Господова за тој човек. Православниот лекар го разбира тоа, иако до крај се бори за животот на пациентот…
Превод од руски јазик:
Миле Иваноски, апсолвент на руски јазик
Налов на изворникот:
Ирина НИКОЛАЕВА,
БОГУ МОЛИСЬ, НО И САМ БОРИСЬ,
Газета „Тихоновский Благовест“,
№ 9 (57), 2008