Светиот и велик вселенски Собор, по благодатта Божја и по заповедта на најпобожните и христољубиви наши цареви Валентинијан и Маркијан Август, собран во Халкидон, митрополија на областа Витинија во маченичкиот храм на светата и добропобедна Ефимија, го одлучи долуизложеното:
„Нашиот Господ и Спасител Исус Христос, утврдувајќи ги учениците во познавањето на верата, им рекол: „Мир ви оставам вам, мирот свој ви го давам“ (Јован 14, 27), за никој да не му се противи на ближниот во догматите на благочестието (побожноста) туку на сите да им ја објават проповедта на Вистината. Но бидејќи Лукавиот не престанува со својата завист да му пакости на семето на побожноста и секогаш изискува нешто ново против Вистината, затоа Господ Кој секогаш промислува за човечкиот род, го подигнува овој побожен и во ревноста најверен цар, и тој ги свикал кај себе од секаде претстојателите на свештенството (епископите), по благодатта на Господ на сите, нашиот Христос, да ја оддалечи од овците Христови секоја зараза на лагата, и со својата вистина да им ги уништат (пресечат) никулците. Тоа и ние го сторивме и ги протеравме со општа одлука лажните догмати и ја обновивме (востановивме) непогрешливата вера на Отците, проповедајќи (објавувајќи) им го на сите Символот на (318) тристотини и осумнаесетнината, и ги проброивме кон нашите Отци оние кои го прифатија тоа изложување на благочестието (побожноста), кои потоа се собраа во великиот Константинополис (Цариград), сто и педесетмината (150) и самите ја потврдија таа вера. Така ние го сочувавме поредокот и сите примери (образци) на верата на порано одржаниот свет Собор во Ефес, на кој беа претставниците на најсветиот Келестин Римски и Кирил Александриски, блаженоспомнуваните. Востановуваме да заблеска (просветли) изложувањето на вистинската и непорочна вера на 318 Свети и Блажени Отци во Никеја собрани при благочестиво спомнуваниот Константин, поранешниот цар. Но да има сила и тоа што го востановиле 150 Свети Отци во Константинополис (Цариград) за победата против ересите кои тогаш се појавиле, и за утврдување на оваа наша католична и апостолска вера“.
(Следува Никеоцариградскиот Символ на верата)
„И така следејќи ги Светите Отци, сите едногласно поучуваме да ги исповедаме едниот и ист Син, Господ нашиот Исус Христос, Него истиот совршен по Божество и Него истиот совршен по човештво, и Него истиот по вистински Бог и вистински Човек, од разумна душа и тело, едносуштен на Отецот по божество, и Него истиот едносуштен нам по човештво, и во сè подобен (сличен) на нас освен во гревот, роден од вечноста од Отецот по Божество, и Него истиот во последните денови заради нас и заради нашето спасение од Дева Марија Богородица по човештво. Него едниот ист Христос, Синот, Господ, Еднороден, во две природи неслиено, неизменливо, неразделно, неразлучно познаен, така што со соединувањето не е нарушена разликата на природите, туку колку повеќе е сочувано својството на секоја природа и се соединува во едно Лице и една Ипостас – не во две лица на раздвоен или разделен, туку на Него истиот еден Син Еднороден, Бог Логос, Господ Исус Христос, како што на почетокот (објавија) пророците за Него, и како што нас самиот Господ Исус Христос нè научи и ни го предаде Символот на Отците.
Кога така со секоја грижливост и складност тоа го изложивме, Светиот и Вселенски Собор одлучи никому да не дозволува да произнесува друга вера или да пишува или составува или смислува да учи друго. А оние, пак, кои ќе се осмелат да составуваат друга вера или да проповедаат или учат да им предаваат друг Символ на оние кои сакаат да се обратат во познавање на Вистината од Елинство (многубоштво), или од Јудејство или од било каква ерес, на таквите, ако бидат епископи или клирици, нека им бидат туѓи на епископите од епископство и на клириците – од клирот, ако се монаси или лаици, тие нека бидат проклети (анатема).
(По читањето на одлуката сите најчесни епископи извикаа:
„Тоа е верата на Отците. Митрополитите веднаш нека потпишат; нека потпишат во присуство на самите чиновници, добрата одлука не подлежи на сомнеж. Тоа е верата апостолска. Со неа сите сме согласни. Сите така мислиме“.)
(Mansi, VII, 108-117; АСО, II, 1,2,126-130)
Превод:
Ѓакон Јани Мулев