Ѓакон Јани Мулев
Ако целта на нашиот живот е единството со Бога, тогаш гревот е промашување на таа цел, односно, ѕид, преграда која нè одделува и оддалечува од Бога, од изворот на животот. Нормално, враќањето кон Бога е со покајание и отфрлање на старите гревови, направени со дело, збор и помисла, и свртување кон нов, обновен, преобразен живот, живот со и за Христа. Кога станува збор за гревот и покајанието, во Црквата не важи правилото „кај плукам – не лижам“, или, пак, секуларната принципиелност. Побитно ни е спасението на нашата душа, отколку запазувањето на овие бесмислени и непишани „правила на однесување“, кои за жал, во безбожниот период длабоко се вкорениле во менталитетот на нашиот народ. Ако цел живот грешиме во некој грев, тогаш цел живот и да се каеме за него. И да паѓаме цел живот, повторно, цел живот треба да стануваме и да одиме напред. Зарем не ги переме редовно нашите алишта кои редовно и ги валкаме? Исто е и со душата.
Има безброј примери во искуството на Црквата, на личности кои грешеле секој ден, но и секој ден се каеле. Во еден таков пример, опишан во книгата „Евергетинос“, се зборува за еден човек кој имал навика да паѓа во блуд секој ден. Но по секој извршен грев тој одел во црква, паѓал на колена пред Христос, и се каел. И Бог му простувал. Наредниот ден пак истото, и така секој ден, во текот на повеќе години. И еднаш, по извршениот грев дошол во црква, се покајал, и се упокоил. Бог го примил неговото покајание, и тој си ја спасил душата, според зборовите Христови: „Како ќе затекнам, така и ќе судам“. Но, токму затоа, за да не го одолговлечуваме денот на нашето покајание, Бог го сокрил од нас денот и часот на нашата смрт, за да бидеме постојано будни и подготвени за разделба со телото и за застанување пред Бога во денот на Судот. Наше е да се подготвуваме, и да се надеваме на милоста Божја.
Исто така гревот е и болест, но и причина за многу психосоматски заболувања и пореметувања, факт што отсекогаш бил познат во православната теологија, а до кој научниците од областа на медицината и психијатријата дури сега дојдоа. Од оваа најголема болест ќе се исцелиме преку духовните подвизи, а особено преку исповедта и Светата Причест. Самиот поим исцелување значи да го направиме цело она што било распарчено, раскинато. Во случајов, гревот ја распарчува и разделува нашата личност, па покајанието и Причестувањето ги соединуваат распарчените делови од нашата личност, нè враќаат во нормална состојба, нè исцелуваат, нè прават цели и целосни.