Славниот подвижник, преподобниот Герасим се родил во Ликија. Уште во младоста обземен од божествени мисли, се оградил себеси со стравот Божји, и примил свештен монашки чин. Најнапред отишол во внатрешноста на пустината Тиваида, во Египет, и таму богоугодно живеел некое време во духовни подвизи. Потоа се вратил во својата татковина Ликија, па отишол во Палестина при крајот на владеењето на царот Теодосиј Помладиот, за да се поклони на Светите Места, и таму се населил во Јорданската пустина, која како светла ѕвезда блескала со светлоста на своите добродетели. Тука покрај Јордан подоцна изградил и манастир.

Во деновите на неговиот престој во Палестина, а за време на царувањето на Маркијан и Пулхерија, во Халкидон се одржа Четвртиот вселенски собор на светите Отци против безбожниот патријарх на Александрија Диоскор и архимандритот Евтихиј, кои учеа, дека во Господа Исуса Христа има една природа, поради што светите Отци ги проколнаа. По овој Собор станаа некои еретици напаѓајќи го овој Собор, божем тој ги отфрлил догматите на вистинската вера, а го обновил несториевото учење. Таков бил некој монах по име Теодосиј, приврзаник на ереста на Евтихиј, со маѓепсничко расположение. Тој допатувал во Ерусалим, и ја испаничил цела Палестина. Тој завел многумина, не само прости, туку и свети луѓе. Тој и царицата Евдокија, вдовицата, сопруга на поранешниот цар Теодосиј Помладиот, ја придобил кон својата непобожност. И со нејзина помош и со помош на други палестински монаси кои ги беше завел, го симнал од престолот патријархот ерусалимски блажениот Јувеналиј (422-458), и самиот тој го грабнал престолот. На некои, на кои им било преку глава од ова безредие, создадено од страна на лажниот патријарх Теодосиј, се повлекле во внатрешноста на пустината. Тоа го сторил преподобниот Ефтимиј Велики (387-472, се празнува на 20 јануари), а по него и останатите свети Отци.
Во тоа време од еретичката измама бил зафатен и преподобниот Герасим, но брзо се поправил. За тоа Кирил Скитополски пишува во житието на Евтимиј Велики вака: имаше тогаш во пустината Јорданска еден отшелник, по име Герасим, кој неодамна беше дошол од Ликија. Тој ги помина сите подвизи на монашкиот живот, и јуначки војуваше против нечистите духови. И тој, кој ги победуваше и прогонуваше невидливите ѓаволи, беше заплеткан и заведен од видливите ѓаволи – еретиците, и падна во евтихиевата ерес. А кога слушна за преподобниот Евтимиј, за чии добродетели се слушаше на сите страни, Герасим отиде кај него. Преподобниот Евтимиј тогаш се наоѓаше во пустината, наречена Рува. И тоа беше од голема полза за Герасим. Зашто поминувајќи долго време со преподобниот Евтимиј тој се хранеше со спасоносните зборови од медоточивиот негов јазик и со поуките за вистинската вера, па така ја отфрли ереста и се обрати кон вистинската (православната) вера. И силно се каеше поради својата претходна измама.
Потоа пресветиот Јувеналиј повторно го зазеде својот престол, бидејќи благочестивиот цар Маркијан испратил да го фатат лажниот патријарх Теодосиј, за да го предаде на суд поради неговите дела. Но тој, откако го дозна тоа, побегна на Синајската гора, и се сокри. И повторно заблеска правоверието во Ерусалим и во цела Палестина. И многумина кои беа заведени од ереста, повторно се обратија кон вистинската вера. И царицата Евдокија, кога го увиде својот грев против верата, усрдно се покаја, и повторно се присоедини кон Православната Црква.
Манастирот на преподобниот Герасим беше оддалечен од светиот град Ерусалим триесет и пет стадии, а од реката Јордан една стадија. Во манастирот преподобниот Герасим примаше само почетници, а на поискусните отци им даваше отшелнички ќелии во пустината. И такви пустиножители под него не беа помалку од седумдесет. Ним преподобниот Герасим им беше напишал ваков устав за живеење: пет дена во седмицата секој сам да поминува во својата пустинска ќелија, да се занимава со рачна работа, да јаде по малку сув леб, вода и урми; не било дозволено да палат оган во ќелиите, ниту да јадат никакво варено јадење во текот на тие пет дена; во сабота и недела сите доаѓале во манастирот, и се собирале во црква на божествена Литургија, и се причестувале со пречистите и животворни Тајни Христови; потоа имале заедничка трпеза, со варена храна и со малку вино во слава Божја. Тогаш секој монах го носел и ставал пред нозете на игуменот сето она што го изработил во претходните пет дена. А во недела попладне повторно секој заминувал во својата пустинска ќелија, носејќи со себе малку леб, урми и вода, и палмови гранчиња за плетење кошници. Нивното нестекнување и сиромаштија било такво, што секој од нив имал по една стара облека, со која го покривал телото, и рогозина на која се одморал, и глинена стомна за вода. А од отецот имале заповед, кога заминуваат од ќелијата, да ја оставаат вратата отворена, така што секој да може, ако сака, слободно да влезе и да земе што сака од тие бедни работи. И било убаво да се види како живеат апостолски: тие имале едно срце и една душа, и ниеден од нив ништо не нарекувал свое, туку сè им било заедничко.
Се зборува и тоа, дека некои од тие пустински отци еднаш дошле кај преподобниот Герасим и го молеле да им дозволи во своите ќелии понекогаш да запалат свеќа за да читаат, и понекогаш да запалат оган за да стоплат вода заради потребите. Светителот им одговорил: ако сакате да имате во пустината оган, тогаш дојдете во манастирот и живејте со почетниците, бидејќи додека сум жив, јас нема да им дозволам на пустиножителите да палат оган.
Слушајќи за таквиот строг живот на подвижниците, кои беа под светиот Герасим, верните од градот Ерихон одлучиле, секоја сабота и недела да одат во манастирот на преподобниот Герасим и да носат сè што му треба на манастирот: храна, вино и сè друго.
Самиот преподобен Герасим бил таков подвижник, таков испосник, што во Великиот пост сè до Велигден ништо не јадел, освен што со светата Причест го крепел своето тело и душа.
Кај овој преподобен наставник бил монах и блажениот Киријак Отшелник (се слави на 29 септември). За ова во неговото житие се кажува следново: Преподобниот Евтимиј љубезно го прими Киријак, предвидувајќи дека на него ќе почиваат Божјите дарови. И наскоро со свои раце го облече во схима и го испрати на Јордан кај светиот Герасим, бидејќи великиот Теоктист беше заминал кај Господа. А свети Герасим, кога виде дека Киријак е млад, му нареди да живее во манастирското општежитие и да ги помине послушанијата. Киријак, подготвен на сите послушанија, се трудеше везден во манастирската служба, а цела ноќ стоеше на молитва, спиејќи по малку. А неговиот пост беше ваков: секој втор ден јадеше леб и вода. Кога го виде таквото воздржување во неговите млади години, преподобниот Герасим се восхитуваше, и го засака. А светиот Герасим имаше обичај светата Четириесетница да ја поминува во најдалечната пустина, наречена Рува, во која и преподобниот Евтимиј некогаш живеел. Сакајќи го блажениот Киријак, поради неговото големо воздржување, светиот Герасим го земал со себе. И таму Киријак секоја недела се причестувал со светите Тајни од рацете на Герасим. И остануваа во пустинско безмолвие до Цветници. И тогаш се враќаа во манастирот со голема духовна полза во својата душа. По некое време почина преподобниот отец наш Евтимиј. За ова преставување пред Господа преподобниот Герасим дозна седејќи во својата ќелија, бидејќи ги виде ангелите Божји како со радост ја носат на небото душата на преподобниот Евтимиј. И како стана, го зеде Киријак и отиде во лаврата на Евтимиј, и го затекна веќе упокоен во Господа. И откако го погреба неговото чесно тело, тој со својот сакан ученик Киријак се врати во својата ќелија.
На овој голем Божји угодник неразумниот ѕвер му послужи како разумен човек. За ова блажените отци Јован Мосх и Софрониј во Лимонарот пишуваат вака: Дојдовме во лаврата на авва Герасим. Од Јордан беше одалечена една стадија. Тамошните монаси ни раскажаа за авва Герасим, дека еднаш во пустината на светиот Јордан го сретнал болен лав, и му ја покажал ногата во која имало забиено трн, поради што му била отечена ногата и била полна со гној. И гледал лавот во старецот со тажни очи, молејќи го, иако не со зборови, со својот смирен изглед, да го излечи. А старецот, гледајќи во каква неволја се наоѓа лавот, седнал, му ја зел ногата, го извадил трнот од неа, и излегол силен гној. Потоа добро ја исчистил раната, ја завиткал со крпа, и го пуштил лавот. А лавот, откако се излечил, не го напуштал старецот, туку како ученик одел секаде по него, така што старецот се восхитувал на благоразумноста на ѕверот. И оттогаш старецот го хранел, давајќи му некогаш леб, а некогаш леќа.
Отците во лаврата имаа едно магаре, со кое од светиот Јордан носеа вода за потребите на браќата. И му нареди старецот на лавот да оди со магарето и да го пасе покрај реката Јордан. Но еден ден, пасејќи го магарето, лавот прилично се оддалечил од него, и заспал на сонцето. Во тоа време поминувал некој човек со камили, кој доаѓал од Арабија. Кога го здогледал магарето само, без чувар, го фатил и го понел со себе. Кога се разбудил лавот, го побарал магарето, но не го нашол. И дошол во лаврата кај старецот Герасим невесел и потиштен што го изгубил магарето. А старецот, мислејќи дека лавот го изел магарето, го прашал: Каде е магарето? А тој како човек стоел молчејќи и гледајќи во земја. Старецот повторно го прашал: Да не го изеде? Нека е благословен Господ, ти нема да си одиш одовде, туку ќе работиш сè што работеше магарето, служејќи за потребите на манастирот. И оттогаш, по наредба на старецот, на лавот му бил ставен кантилион, т.е. сад кој собирал четири мевови вода, и тој носел вода од Јордан во манастирот.
Еден ден кај старецот дошол еден војник заради молитва. Тој го видел лавот како носи вода, и кога ја дознал причината, се сожалил на него и им дал на отците три златника, да купат магаре за своите потреби, а лавот да го ослободат од таквата работа. И било купено друго магаре за потребите на манастирот, а лавот бил ослободен.
И поминало многу време, кога оној трговец од Арабија, кој го однел магарето, дошол во светиот град Ерусалим со камилите, за да ја продаде пченицата. И магарето го водел со себе. Кога трговецот го поминал Јордан, случајно го сретнал лавот, кој, кога го видел магарето со камилите, го познал, па ненадејно рикнал и се затрчал кон него. Трговецот и оние кои биле со него, кога го виделе лавот, се преплашиле и побегнале, а лавот со забите ја фатил уздата, како што правел и претходно, и го одвел магарето заедно со три камили натоварени со пченица, кои биле врзани една за друга. Рикајќи од силна радост што го нашол изгубеното магаре, лавот го довел кај старецот. А преподобниот старец, насмевнувајќи се тивко, им рекол на браќата: Ние за ништо го обвинивме лавот, мислејќи дека го изел магарето. И му дал старецот на лавот име Јордан. И оттогаш лавот често доаѓал кај старецот и добивал храна од него. И не се одвоил од лаврата повеќе од пет години.
А кога преподобниот авва Герасим се пресели кај Господ, и го погребаа отците, во 475 година, тогаш, по промисла Божја, лавот не беше во лаврата. Но по кратко време дојде и го бараше својот старец. А авва Саватиј, ученик на авва Герасим, гледајќи го лавот, му рече: Јордане, старецот нè остави нас сираци, и отиде кај Господа. Му нудеше храна, говорејќи: земи и јади. Но лавот не сакаше да јаде, но често погледнувајќи наваму-натаму и барајќи го својот старец, преподобниот Герасим, рикаше многу тажно. А авва Саватиј и останатите старци, галејќи го по грбот, велеа: отиде старецот кај Господа, оставајќи нè нас. Но говорејќи му така, не можеа да го смират неговото тажно рикање. И колку и да го тешеа со зборови, тој сè повеќе тажно и силно рикаше, и ја искажуваше својата жалост со лицето и очите, зашто не можеше да го види старецот. Тогаш авва Саватиј му рече: ако нам не ни веруваш, тогаш ајде со нас да ти покажеме каде почива старецот. И го одведе на гробот каде што беше погребен преподобниот Герасим. А гробот се наоѓаше на пет чекори од црквата. И стоејќи пред гробот на преподобниот Герасим, авва Саватиј му рече на лавот: еве овде почива нашиот старец. И клечејќи покрај гробот на старецот авва Саватиј плачеше. А лавот слушајќи го ова, и гледајќи го Саватија како плаче, и самиот ја удираше главата од земјата, силно рикајќи. Потоа откако рикна страшно, тој издивна покрај гробот на старецот. А ова се случи, не затоа што лавот имаше разумна душа, туку зашто Бог сакаше, светиот отец Герасим, кој Го прослави Него, да го прослави не само во животот, туку и по смртта и да ни покаже како ѕверовите му биле послушни на Адама во рајот, пред неговото паѓање и пред изгонувањето од рајот.
Од ова јасно се гледа дека преподобниот Герасим силно Му угодил на Бога, на Кого од младоста до староста Му служеше со целото свое срце, и премина кај Него во вечниот живот, каде што заедно со светиите, Го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, во вечните векови. Амин.