Преподобен Ефрем Катунакиски

Loading

Старец Ефрем Катунакиски е роден во 1912 година во Амбелохори во Тива, од татко Јоанис Папаникитас и мајка Викторија. Старецот беше крстен со името Евангелос. Заврши Гимназија, но благодатта Божја ги затвори во Евангел световните порти на возобновата. Во Тива, каде што се беше преселило неговото семејство, Евангелос ги запозна неговите старци – Ефрем и Никифор.

Животот на Евангелос беше калуѓерски. Се подвизуваше духовно со Исусовата молитва, со метании, постот и главно со послушноста. Мајка му се удостои да добие известување од преподобен Ефрем Сириски дека желбата на нејзиниот син, да стане монах, е волја Божја и дека Евангелос ќе стане монах.

На 14 септември 1933 Евангелос го напушти светот и дојде во пустината на Света Гора во Катунаки, во исихастирионот на Преподобен Ефрем Сириски и положи метанија во братството на старците Ефрем и Никифор. После искушеништвото стана монах со мала схима, со име Лонгин, а во 1935 година доби велика схима од старецот Никифор и го доби името Ефрем. Следната година стана јеромонах.

Отец Ефрем се удостои и го запозна корифејот на исихастичкиот живот, видовитиот, прозорливиот и свет старец Јосиф Исихаст (1898-1959) и се поврза духовно со него, со благослов на неговиот старец Никифор. Старец Јосиф според редот се имаше научено на неопрелестен духовен живот од познатите исихасти, монахот Калиник и јеромонахот Даниил. Следствено отец Ефрем нѐ поучува на упорно барање на духовен живот и наоѓање на неопрелестен духовен раководител, кој ќе биде строг во исповедањето на православната вера. Неопрелестениот духовник ги гледа демонските грбови и со соодветни духовни лекарства ги раководи неговите духовни чеда во рајот.

Блажениот старец Ефрем го разликуваше автентичното послушание од нездравото кога го советуваше општежителниот монах да му биде послушен на неговиот старец, но не како животно, туку од љубов и ревност Божја.

Светиот старец Јосиф Исихаст му даде едно правило за исихастички живот на отец Ефрем, за да ја негува молитвата „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, да стражари над чувствата и го водеше кон очистување на срцето и кон божествено просветление.

Старец Ефрем со благослов на старецот Јосиф се насладуваше на „Добротољубието на светите исихасти“ и го примаше учењето на трезвените отци за неговата борба. Не читаше ниту психијатриски книги, ниту „културни“ читанки за салонско покажување, ниту се плашеше дека световните кругови ќе го наречат „фундаменталист“.

Инаку, и блажениот старец Пајсиј ги сметаше овие книги за бесмислени, кои ни го крадат скапоценото време и кои во зимските студени ноќи го загреваа неговиот оџак.

Во 1973 година се упокои јеромонахот Никифор, старецот на отец Ефрем. После 1980 старецот имаше собрано братство и ја запазуваше заповедта на старецот Јосиф да го добие братството по смртта на старец Никифор. Потоа, отец Ефрем откако стигна до очистување, дури потоа самиот стана старец.

Старец Ефрем имаше голема духовна борба со непријателот на духовниот живот – суетата. Неговите жртви беа за Христа, а не за пофалби од луѓето.

Литургијата за отец Ефрем беше потресен настан. Му се имаше доверено на еден негов духовен пријател, јеромонах, дека уште од првата Литургија која ја отслужил, сетилно ја гледал благодатта Божја како ги претвора даровите. По осветувањето на чесните дарови, го гледаше самиот Христос на дискосот и беше невозможно да ги задржи неговите солзи, кога доаѓаше на ред раздробувањето на Телото Христово. Течеа солзи врз антиминсот во текот на Литургијата и околу себе гледаше ангели како му сослужуваат.

Старец Ефрем беше украсен со дар на прозорливост и ја гледаше духовната состојба на секој клирик или монах и му даваше соодветни духовни лекови за напредок во духовниот живот.

Благодатта Божја го имаше украсено старец Ефрем и со дар на предвидливост, па затоа и гледаше состојби кои доаѓаат (како земјотресот во Солун во 1977 година), и често пати ги повикуваше верниците па и малите деца со имињата, кои после многу години ги добиваа при нивното монашење. Еднаш еден студент му испрати писмо на блажениот старец, но без детален опис, а кога доби одговор од старецот, во него беше детално опишана неговата духовна состојба, дури и амбиентот каде што престојуваше студентот, без никој да му го има кажано тоа.

Отец Ефрем имаше доживеано состојби, кои само православните христијани може да ги доживеат, далеку од папските и протестантските прелести.

Еднаш еден игумен, двајца теолози и еден студент разговараа со отец Ефрем, и побараа да им го објасни благоуханието (пријатниот мирис) на светите мошти. Старецот ја наведна главата во пределот на срцето и се молеше. Целото место се исполни со благоухание и отец Ефрем им рече дека, бидејќи не можел да им одговори самиот, затоа го помолил Бога да им одговори на соговорниците.

Старец Ефрем ги чувствуваше гревовите како смрдеа. Еднаш некој епископ, преку трето лице, го праша старецот за екуменизмот. Старецот се помоли, за да добие известување од Бога, и тогаш се рашири една смрдеа на кисело, солено и горчливо, која го исполни со ужас.

Завештанието на блажениот отец Ефрем за единството на Православните беше јасно: „Расколот лесно станува, единството е тешко“.

Отец Ефрем се покажа со благодатта Божја како практичен раководител во неговото пастирство во бракот и во семејството, бидејќи им помогна на многу млади да стапат во брак без да ги принудува на тоа, но и неговите писма кои се сочувани, сочинуваат духовно завештание и „школо за родители“ без психолошки и философски теории за семејствата кои духовно се подвизуваат.

Во 1996 отец Ефрем имаше мозочен удар и остана неподвижен. Воопшто не негодуваше, туку Го славословеше Бога. Ни го остави неговиот пример за соочување со болестите.

На 14/27 февруари 1998 отец Ефрем Катунакиски, светогорската легенда, ја предаде неговата осветена душа во рацете на неговиот Создател, кому му служеше уште од детството.

Во ноември 2019 година Цариградскиот Патријарх г. Вартоломеј објави дека старец Ефрем наскоро ќе биде канонизиран, заедно со уште пет други нови светители.

По неговите свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.

(Дел од неговите свети мошти се чуваат во манастирот „Свети Јован Бигорски“.)

Повеќе за овој нов светител може да прочитате во книгата „Старец Ефрем Катунакиски“, издание на Повардарската епархија.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *