Свети Григориј Двоеслов (Собеседник), папа Римски (540-604)

Loading

Свети Григориј е роден во Рим околу 540 година. Само папата Лав I и тој носат почесна титула „Велики“. Потекнувал од познато и богато семејство. Татко му Гордијан бил сенатор. Откако добил многу добро – за тоа време – образование, уште многу млад бил назначен за префект на Рим. Се одликувал со голема побожност. По смртта на татка си тој го искористил наследениот имот за помагање на бедните и за градење на шест манастири на родителскиот имот во Сицилија. Ја напуштил световната служба и се населил да живее во 575 година како скромен монах во преуредениот родителски дворец во манастир на „Свети Андреј“ во Рим. Во 577 година бил ракоположен за ѓакон-регионариј. Во 579 год. бил испратен од папата Пелагиј II како апокрисијариј или папски нунциј при дворот на императорот Тибериј II во Константинопол. Откако ја исполнил достојно својата мисија, во 585 год. тој се вратил повторно во манастирот „Свети Андреј“ и наскоро бил избран за негов игумен. Во истото време бил советник на папата. По смртта на папата Пелагиј II во 590 год. свети Григориј, наспроти искреното противење, бил избран по еднодушната желба на клирот, сенатот и народот за негов наследник. Во исклучително тешко време тој стапил на папскиот престол. Во Италија населението било заплашено од природни несреќи – поплави, чума и глад; лонгобардите палеле и убивале; миланската црковна провинција сè уште била во схизма во врска со спорот за „трите глави“. Свети Григориј посветил многу внимание и грижа во сите насоки – ги реорганизирал земјопоседите на Римската црква, употребувајќи ги големите приходи за помагање на оние кои имале потреба; склучил мирен договор со Лонгобардите, кои му се заканувале на Рим во 592-593 год; се грижел за создавање на добри односи со Франција и западноготското кралство во Шпанија; ставил крај на миланската схизма; организирал мисија, испраќајќи го Августин, игуменот на манастирот „Свети Андреј“, со 40 монаси во Англија за христијанизирање на англосаксонците. Во својот живот и во односите кон другите свети Григориј покажувал исклучително голема скромност. Тој се изјаснил, како и неговиот претходник, против тоа, неговиот современик на Цариградскиот престол, свети Јован Посник, да прифати да се нарекува себеси „вселенски патријарх[1]“. За себе тој ја отфрлал соодветната титула „универзален папа“, а се именувал како „слуга на Божјите слуги“. Заради неговите големи заслуги кон Црквата, особено заради покрстувањето на англосаксонците, свети Григориј е наречен „Велики“. Се упокоил на 12 март 604 година.

Неговите свети мошти се откриени во Баварија, во кулата на манастирот Андекс, каде што бил најден сребрен реликвијариј со неговите мошти. Тие се чувале во кулата заедно со други сребрени реликвијари во кои се наоѓале моштите на свети Бенедикт Нурзиски (480-547), преп. Схоластика Нурзиска (480-535) и Лав IX, папа Римски (1002-1054). Отворањето на моштите на свети Григориј се случило во 826 година во Рим со дозвола на императорот Лудовк Благочестивиот. Во XVI век дел од главата на свети Григориј се наоѓа во Келн. Во манастирот Андекс (Andehse) можеби се појавиле порано, при крајот на 10 или 12 век. Овој манастир е древно познато поклоничко место поради присуството на многу и значајни мошти и реликвии, како што се: делови од Крстот Господов, Трновиот венец на Спасителот, појасот на Марија Магдалина, дел од облеката на свети ап. Петар и од свети Николај Чудотворец. Во 1715 год. во неа имало 277 реликвии, но по секуларизацијата останале само 40.

 

Дела

 

Делата на свети Григориј ја искажуваат неговата архипастирска дејност и неговите грижи кон доверената му паства. Затоа тие имаат претежно душепастирски и практичен карактер.

1. „Пастирско правило“ (содржи четири дела со совети и поуки за пастирите);

2. „Објаснување на книгата Јов или наравоучение“ (алегорично толкување на книгата Јов во 35 книги);

3. „Беседи за Евангелијата“ (40 куси беседи и 22 подолги проповеди во две книги;

4. „Разговори (собеседувања) за животот и чудесата на италијанските отци“ во четири книги. Заради ова дело, напишано во дијалошка форма, свети Григориј е наречен Двоеслов (од грчкиот збор Дијалогос – собеседник, соговорник).

5. „Беседи на книгата на пророк Језекиил“ – на број 22 во две книги;

6. Писма – на број 854 во 14 книги. Сите потекнуваат од времето на неговото папско служење;

7. Се смета дека свети Григориј ја составил велокопосната Литургија со претходно осветени дарови.

Посебно големи грижи свети Григориј пројавувал за издигнување на потребното духовно ниво на богослужењето. Основал школа за псалти, та на тој начин да се создаде подобро пеење во Западната црква.

 

Нему му се припишуваат следниве чинопоследованија:

А). „Книга на таинствата“, и б). „Антифоник“. Веројатно тие не му припаѓаат нему, туку на папата Григориј II (715-731). Нему му се припишуваат и осум религиозни химни, кои се спомнуваат во химните на свети Григориј Медиолански.

Делата: 1). „Толкување на Првата книга Царства“; 2). „Толкување на Песна над песните“; 3). „Толкување на седумте покајнички псалми“, припишувани му се на свети Григориј, но веројатно не му припаѓаат нему.

 

Учење

 

Свети Григориј не ја поседувал големата ученост и длабочината и широчината на мислата што ја имале свети Амвросиј, блажени Јероним и блажени Августин. Кон догматските прашања не покажувал голем интерес. Затоа и неговото значење и улога за разоткривање и објаснување на основните вистини на верата не се големи. Неговите заслуги се претежно во областа на пастирското душегрижништво.

1. Христоцентричниот поглед на свети Григориј е потполно во духот на богооткриеното и општоцрковно учење. Исус Христос, Deus homo или homo Deus, е вистински Бог и вистински човек, т.е. Богочовек. Божествената и човечката природа се соединети во едно Лице. „Семоќниот Син, истакнува свети Григориј, вели дека „за оној (суден) ден никој не го знае ни денот ни часот, ниту небесните ангели, ниту Синот, туку само Отецот“ (Марко 13, 32), и објаснува: „Оној Кој се воплоти и стана заради нас совршен човек, Еднородниот Син, го знаел несомнено во Својата човечка природа денот и часот на судот, бидејќи Он ги знаел сепак не според силата на човечката природа. Следствено, она што Он во неа не го знаел, тоа го знаел не преку неа, зашто човекот што стана Бог го знаел денот и часот на судот преку силата на Својата божественост“.

2. Надвор од Црквата нема спасение, исто како што при сесветскиот потоп се спасиле само оние, кои биле во Ноевиот кораб. Исус Христос при слегувањето во адот ги искупил само оние, кои верувале во Неговото доаѓање и ги пазеле Неговите заповеди во текот на земскиот живот. За спасение се потребни како вера, така и добри дела.

3. Светото Крштение очистува од сите гревови. Крштението од страна на еретици е навалидно.

4. Треба да се почитуваат не само светителите, туку и нивните мошти и икони.

5. Свети Григориј прв на Запад зборува за очистителниот оган во чистилиштето, повикувајќи се на Мат. 12 гл.

Треба да се истакне дека свети Григориј си поставил за задача не само да учи, да биде учител на верата или да создава свој догматски систем, колку низ пастирската дејност и душегрижништво да ги лекува раните на своето време и да ги спасува исплашените од нив. Во тоа се состои неговото величие.


[1] Во писмото до александрискиот епископ Евлогиј вели: „Зошто се нарекуваме епископи ние, кои  му го должиме своето достоинство на смирението на нашиот Искупител, всушност ја следиме гордоста на Неговиот непријател?“; „…таа титула им беше предложена на моите претходници, но никој од нив не посака да ја прими, за да можат, уважувајќи ја честа на сите свештеници, да ја запазат својата чест во очите на Семоќниот“; „…да се прими таа титула, значи да се наруши достоинството на сите патријарси; и ако се случи тоа, оној кој се нарекува вселенски, да западне во некоја ерес, тогаш нема веќе да има епископ, кој ì останал верен на вистината“; „јас зборувам без ни најмало колебање, дека оној кој се нарекува себеси Вселенски епикоп, или ја посакува таа титула, по својата гордост е претходник на антихристот, зашто претендира на истиот начин да биде над другите…“ (папа Григориј Двоеслов, Послание 33).

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *