(Од беседата XXXIII и XLIV)
Како кога некој човек кој е богат и од благороден род, ќе го напушти расчистениот и уреден пат и ќе се пренасочи во пусти и тешко минливи места, и ќе падне во рацете на разбојници, кои откако ќе го фатат, ќе му ја соблечат убавата облека која ја носел и ќе го облечат во окрвавени партали и нечистотија од секој вид и потоа, ќе го остават покрај себе, терајќи го да се собира со нив, да јаде и да се опива и да прави срамни дела, па и да биде разбојник како нив, а тој би наоѓал задоволство во прекумерено јадење до кое би доаѓал, во пијанство и нечисти дела, а со текот на времето, навикнувајќи се на нивните разбојнички обичаи, засекогаш ќе остане кај нив, заборавајќи го своето потекло, и претходниот благороден и честит живот, од таа причина што во него потполно изладила раната љубов кон чесните и благородни обичаи и таквиот начин на живот – на ист и уште полош начин страда и христијанинот кој, напуштајќи го патот по кој одат христијаните, скршнува кон ѓаволското беспатие, каде што тој работи по пример, оставајќи го искрениот и трудољубив живот, во кој се издржувал од својата работа и бил задоволен со малку, го засака животот со световните утехи, и поради тоа почна да оди во неправда, со навреди и одземања, а потоа доаѓа и до нечисти и срамни блудни дела. Нели е очигледно дека таквиот наишол на рацете на демоните и дека тие му ја симнале благодатта на Светото Крштение?
Очигледен доказ е фактот што од него е симната благодатта на Светото Крштение кое претставува негово сопствено признавање дека никако не сака да ја пресече и да ја отсече срамната страст своја и да се воздржи, та да не ја задоволува таа страст ги срамните дела. И колку има меѓу нас такви несреќници, кои се толку несреќни, што не се свесни и не ја чувствуваат својата бедна положба? Меѓутоа, гледаме дека некои меѓу нив достигнуваат до такво безумие, што се осудуваат да се причестуваат со пречистото Тело и бесценетата Крв Христова. Каква бесрамност и себезаборав! Тешко на свештеникот кој на такви им дава од Светите Тајни, тешко и на оној кој се причестува во таква состојба. Тешко на овој што се причестува, затоа што причестувајќи се по срамните дела, кои не се очистени со покајание и епитимија, тој сè повеќе и повеќе паѓа под власта на ѓаволот, за на крајот тие потполно да завладеат со него; и Бог таквиот сосема го напушта заради неговиот срам и нечистотија, а особено поради неговата дрскост и бесрамност, како што Светото Евангелие сведочи за Јуда, дека штом вкуси од лебот кој му го дал Господ Исус Христос на Тајната Вечера, истиот тој момент „по залакот, сатаната влезе во него“ (Јован 13,27). Тешко на оној свештеник кој таквиот ќе го причести, бидејќи со Причест се удостојуваат недостојните со пречистото Тело и чесната Крв на Христа Спасителот и се подава на оној кој не е достоен, ниту да го премине прагот на Божјиот храм, на оној со кој на секој христијанин му е забрането да јаде обична храна, како што востановил светиот апостол Павле, говорејќи: „Да не се дружите со оној, кој нарекувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач, со таков дури и да не јадете (1.Кор. 5,11). Гледаш ли дека на христијаните таквиот човек навистина не им е ниту брат, туку само така се нарекува.
Оној кој на таквиот му дава од Тајната со право подлежи на осуда, и поради тоа што на тој начин, човекот кој греши поради оддалечување од вистинските помисли, и поради лекомислена немарност – го прави апсолутен непријател на Бога. Свештеникот или духовниот отец не смее на таквиот да му даде од Тајната, туку е должен да го прати на покајание со кротки зборови, спомнувајќи му ги оние адски маки кои неизбежно треба да ги имаат и да ги искусат грешниците; должен е да го вразуми и да го води како што се води слепец, и на него да се сожали како некој кој не е при здрав разум и кој страда од искушенија и насилство од ѓаволот, и да се помоли на Господа да ја отвори неговата душа и да му помогне барем малку да дојдат на себе и да ја спознаат својата нечесност, и повторно, преку покајание, да се врати меѓу верните, бидејќи во оваа состојба тој е неверен и нечестив. Кога тој би имал трепетен однос и вера во Христа и кога тој со цело срце да исповеда дека Христос е Бог Кој „не сака безаконие“, во Кого „безбожниците нема да излезат пред очите Твои“ (Псал. 5,4-5), би се исплашил и би внимавал да не се причестува со пречистите Негови Тајни со толку лекомисленост, та поради тоа невидливо да не го стигне мечот ангелски.
Има многу такви во светот, кои поради срам од луѓето, за да не излезе на видело дека се недостојни, дрско пристапуваат кон Пречистите Тајни, иако се свесни дека се недостојни; и ако некој почне да ги одвраќа од таквата дрскост, на тоа би се лутеле и би го опсипувале со погрдни зборови, како на тежок човек, не доаѓајќи на себе, не срамејќи се и не станувајќи свесни за своето злоумие, туку на секој можен начин им се противат на оние кои им бранат да пристапат кон Светата Причест, бидејќи таквите по секоја цена сакаат да се причестат, или, подобро речено, сакаат да се стремат кон конечна погибел, во безнадежност и отфрленост од Бога. Таквите би требало да го послушаат оној кој им го забранува недостојното причестување и да му заблагодарат, бидејќи тој ги избавува од најголемите неволји, но оние кои недостојно се причестуваат виновни се кон Крвта на Христа Господа, односно ќе бидат осудени заедно со Јуда и со оние кои Господа Го распнаа. А што би можело да биде полошо и помакотрпно од тоа да потпаднеш под иста осуда, под која ќе потпаднат оние кои Го распнале Господа?
Би требало поради ваквите грешници сите браќа да се соберат заедно и со солзи да Го молат Бога, Он да ги предаде на сатаната на мачење на телото, за да се спаси Духот во Денот Господов, како што ни порачува свети Павле (1.Кор. 5,5). Предавање на телото на мачење на сатаната меѓу другото значи и тоа дека грешникот ќе биде казнет со разни телесни немоќи, страдања, рани и неизлечливи болести, за да достигне целомудреност, за да дојде на себе и да се покае, бидејќи на тоа е принуден со телесните страдања, така да она што не сакал да го направи кога бил здрав, ќе биде принуден да го направи поради болеста и мачењето на телото. Бидејќи Бог, кога душата ќе згреши, го казнува телото, за душата да дојде на себе и за да се покае и спаси. А кога таквиот, ќе се покае, ќе се исправи и ќе се причести со Светите тајни, светињата на Божјото причестување во него ќе настапи со голема сила и власт, ќе се скрши гревот во неговата душа и ќе се очисти од гревовната склоност и желба. Бидејќи како што огнот и водата не можат да се наоѓаат во ист сад, така во еден и ист христијанин не можат заедно да живеат и пречистото Тело Христово, и тежината на гревот.
Ако оној кој го сака гревот и недостојно се причестува со пречистите Тајни на Телото и Крвта на Спасителот, не биде веднаш подложен на мачење заради вразумување, секако тој нема да ги избегне вечните маки таму каде што црвот не спие и огнот не се гаси. Значи, ако таквиот не се плаши од вечниот оган и неиздржливите маки заедно со ѓаволот во вечни векови, нека се причестува без страв. Ако пак се плаши, за него е подобро да се воздржува извесно време од причестувањето со пречистите Тајни, да се покае, да плаче пред Бога, да се потруди според своите можности да ја измени својата волја и да ја пресече својата лоша гревовна навика, и тогаш да се причести, без опасност за својата душа; и ќе биде прогонет од него сатаната, кој, живеејќи во него, насилно го поттикнувал на разврат и секаква нечистотија. Бидејќи оној кој ги сака срамните и гнасни дела, не ги сака сам од себе, туку под дејство на сатаната, кој најпрвен го прелажува, отворајќи му ја само вратата на сладострасните желби, за тој само да ја стави својата глава, односно да постави само темел на гревот; но покасно малку по малку, со зацврстување на гревовните навики, сатаната целиот влегува во него, завладува со сите сили на душата, живее во неговото срце и со свое делување ја распалува во него љубовта кон срамните дела, за тој да им се предаде на задоволството и насладите. Ова треба да го има на ум секој кој, по големото човекољубие Божјо, со дејство на посетата Божја, добива извесен одмор од сатанските гревовни склоности, за да си дојде на себе и да прибегне кон Христос, Кој е Единствен силен да ги исфрли демоните, и секоја душевна и телесна болест да ја исцели.
Треба да знаеме дека постојат пет групи на луѓе на кои Светите Отци им забрануваат да пристапуваат кон Светата Причест: првата група се огласените, како сè уште некрстени; втората – крстени, но кои ги засакале срамните дела, како отстапници од светото живеење, поради кои биле крстени, во кои спаѓаат: блудниците, убијците, ненаситните, крадците, оговарачите, горделивите, завидливите, злопамтивите, кои пребивајќи во ваква состојба, не чувствуваат дека се непријатели Божји и кои затоа се наоѓаат во бедна положба, поради која не жалат, не плачат поради своите гревови и не се каат; третата – демоноопседнатите, доколку хулат и ја исмеваат оваа Света Тајна; четвртата – оние кои се освестиле и се покајале, ги прекинале своите гревовни дела и се исповедале, но ја носат епитимијата која им е изречена, да бидат надвор од Црквата на одредено време; и петта група се оние, кај кои плодот на покајанието сè уште не е созреан, односно оние кои сè уште не решиле да Му го посветат на Бога целиот свој живот и останатото време да го живеат во Христа, со живот чист и беспрекорен. Овие пет групи очигледно се недостојни за Светата Причест. Достоен да се причести со пречистите Тајни е оној кој е чист и кој нема во себе грев за којшто говоревме. Но кога некој од овие достојниве ќе оскверни со било каква нечистотија, како човек, тогаш, се разбира, и тој нема достојно да се причести, доколку не се испере со покајание од она со што се осквернил. Согласно на тоа, јаде и пие недостојно и оној кој, иако бил достоен, но недостојно пристапил кон Светите Тајни. Господ да ни даде да бидеме достојни и достојно да се причестуваме со пречистите Тајни, во Исуса Христа нашиот Господ, на Кого нека Му е слава во бесконечните векови. Амин.
Оние кои со пречистите Тајни се причестуваат достојно и недостојно
4. Наместо трпеза преполна со секакви јадења, држи се единствено до Лебот на животот, кој на сетилата им се гледа како леб, а духовно е Тело Христово. Ова е Лебот кој слегува од небото и му дава живот на светот, Лебот од кој оној кој што го јаде не само што се храни, туку и се оживотворува и како да воскреснува од мртвите. Овој леб нека ти биде и храна и наслада, со која не ќе можеш да се наситиш и која не ќе можеш да ја потрошиш. Виното, кое во оваа Тајна навистина е Крв Божја, нека ти биде неизречива светлина, неопислива сладост, неминлива радост. Ако достојно пиеш од ова вино, нема да ожедниш засекогаш, само пиј со душевни чувства и мирно расположение на твоите душевни сили. И добро придржувај се до смислата на она што се говори. Ако со небесниот леб и вино, односно Телото и Крвта Христови, се причестуваш со чувство и свест што всушност се тие, знај дека дека се причестуваш достојно; ако не се причестуваш на овој начин, тогаш јадеш и пиеш недостојно. Причестувајќи се со чисто срце и со вера, се покажуваш достоен за таинствената Трпеза; ако не се удостојуваш со ова, немаш соединување со Христа.
На кој начин се доаѓа до тоа, некој преку Светото Причестување да се соединува со Бога, а некој да не се соединува?
5. Оние кои недостојно се причестуваат со Светите Тајни нека не мислат дека преку нив така едноставно се соединуваат со Бога; бидејќи тоа со нив не се случува и тоа не може да биде сè додека тие се такви. Само оние кои преку причестувањето со Божественото Тело Господово се удостојуваат да гледаат со окото на умот (духот) да чувствуваат со умното (духовно) сетило, со умствените (духовни) усни да вкусат од невидливото, недопирливо и невкусливо Божество – само таквите знаат дека Господ е добар. Тие не вкусуваат само од сетилниот леб и не пијат само од сетилното вино, на сетилен начин, туку во исто време духовно го јадат и пијат Бога, со двојни сетила – душа и тело: тие вкусуваат од телото сетилно, од Бога, пак, (мисловно) духовно и на тој начин телесно и духовно се соединуваат со Христа, Кој е двоен по природа, Бог и човек, и стануваат сотелесници Негови и заедничари на Неговата слава и Божество. Токму на овој начин се соединуваат со Бога оние кои достојно се причестуваат – оние кои вкусуваат од Лебот и пијат од Чашата со познание и созерцување на силата од оваа Тајна и со душевно чувство. А оние кои недостојно се причестуваат остануваат празни од благодатта на Светиот Дух, и го хранат само своето тело, а не и својата душа.
Каква е разликата меѓу оние кои се причестуваат достојно и оние кои се причестуваат недостојно?
6. Но, возљубени, немој да негодуваш, слушајќи ја вистината која ти ја откривам; бидејќи ова е вистината. Значи, ако веруваш и исповедаш дека Лебот на животот е Тело Христово и дека дарува вечен живот на оние што од него јадат и дека Неговата Крв, на оние коишто од неа пијат, им е Извор на вода што тече во вечен живот, кажи ми, те молам, поради што тогаш причестувајќи се со овие Свети Тајни, не примаш во душата своја ништо посебно, во споредба со она што си го имал пред Причестувањето; туку и ако чувствуваш и некоја мала радост додека се причестуваш, по некое време повторно стануваш ист онаков, каков што си бил и пред тоа, и воопшто не чувствуваш во себе некаков прилив на живот или светлина. За оние кои не се издигнале над сетилното, овој Леб е обичен леб, иако во таинствена смисла тој е – неопфатна и непристапна светлост, како што е и виното во таинствена смисла светлост, живот, оган, жива вода. Значи, кога вкусуваш од овој Божји леб и пиеш од ова вино на радоста, а сепак не чувствуваш дека си почнал да живееш бесмртен живот, примајќи во себе светлоносна и огнена сила, како што Пророкот Исаија во устата ставил јаглен, и дека си ја примил крвта Господова, како вода жива и радостотворна, ако не чувствуваш во себе дека си примил нешто од она за кое што сега говорев, мислиш ли дека си се здобил со вечен живот, дека си пристапил во недостапната светлина Божја, дека си станал заедничар со неизгасливата светлина? Не, брате мој, не; ништо слично со тебе не се случило бидејќи во себе не чувствуваш ништо од кажаното. Туку онаа светлина се излива на тебе, а ти си слеп и остануваш неосветлен; и оној оган излева на тебе топлина, а ти остануваш студен; и оној живот влегол во тебе, а ти не чувствуваш, и пребиваш во мртвило; и живата вода протекла во твојата душа, како низ речно корито, но не се задржала во тебе не наоѓајќи во тебе достојно сместувалиште за да остане во тебе. Со тоа, ако на овој начин се причестуваш со пречистите Тајни, а да не чувствуваш благодат во својата душа, значи дека се причестуваш само на видлив начин, додека во себе ништо не примаш. Бидејќи оние кои достојно пристапуваат кон овие Тајни и правилно се подготвуваат за во нив да го примат Синот Божји – овој Леб на животот кој слегува од небото, Он до нив се допира на видлив начин, и со нив се соединува несмешано, давајќи им на сетилен начин да го чувствуваат Неговото благодатно присуство.
Според тоа, ако се причестуваш со Светите Тајни, така како што ти кажав, целиот твој живот ќе биде едно непрестајно празнување, една бескрајна пасха, премин од видливото кон невидливото, таму каде што ќе исчезнат сите форми, сенки и символи на празнувањето присутни во овој живот, и каде што оние кои се вечно чисти ќе имаат вечно насладување со најчистата Жртва, Господ Христос, во Бога Отца и единосушниот Дух, секогаш созерцувајќи Го и бивајќи видени од Него, пребивајќи и царувајќи заедно со Него, од што нема ништо повозвишено и поблажено во Царството Негово. Нему Му припаѓа секаква слава, чест и поклонение, сега секогаш и во сите векови. Амин.