Чудото на светиот архангел Михаил во Дохијар

Чудото во Дохијар. Фреска од Лесново

Loading

Во Бугарија живеел еден великан Дохијар. Сакајќи да стане монах тој зел многу злато и отишол на Света Гора Атонска да најде прикладно место и да подигне манастир. Што намерил, тоа и направил. На морското крајбрежје нашол прекрасно место, подигнал црква и ја посветил на свети Николај Чудотворец. Покрај црквата подигнал ќелии за монаси и сите ги заградил со ѕид. Потоа се замонашил. Откако ги потрошил сите пари, увидел дека црквата не е доволно украсена, ама тој немал повеќе средства. Целата своја надеж ја положил на Бога со увереност дека Бог ќе му помогне. Неговите вера и надеж не биле попусти. Спроти Света Гора се наоѓа островот наречен Луг. На овој остров се наоѓал камен столб и на него идол, а на идолот стоел натпис: „Секој кој ќе ме удри по врвот, ќе најде многу злато“. Сакајќи да најдат злато, многумина доаѓале и го удирале идолот по главата, ама злато не наоѓале. Ова злато го нашло едно момче – овчарче. Еден ден кога заоѓало сонцето тоа почнало да ја копа земјата онаму каде што завршувала сенката на идолот и нашло еден камен и под него многу злато. Каменот бил тежок и тоа не можело да го тргне само и да ги собере сите златници кои биле под него. Низ отворот што бил под каменот можело да извлече само неколку златници. Размислувајќи што да стори, нему му дошла мисла да отиде на Атос и да извести некој од светогорските игумени за пронаоѓањето на златото. Божјата промисла го упатила кон игуменот на новиот манастир, кој по името на својот ктитор бил наречен Дохијар. Кога овчарчето му соопштило на игуменот што нашло и му ги покажало златниците, игуменот веднаш одредил тројца монаси да отидат со момчето на островот и да ги пренесат сите златници во манастирот. Монасите отишле на островот, го тргнале каменот и го собрале златото. На едниот од нив му се јавила лоша помисла и им предложил на останатите двајца да го присвојат златото и со него да си подигнат манастир, а момчето да го фрлат во морето. Едниот од нив веднаш се согласил, но третиот се спротивставил. Но плашејќи се дека овие двајца ќе го убијат и него, ветил дека никому ништо нема да каже за ова дело. Злосторниците заедно со момчето седнале во чамецот и отпловиле кон морето. Кога се оддалечиле од брегот, му врзале на момчето камен околу вратот и го фрлиле во морето, не обрнувајќи внимание на неговите молби и солзи. Тоа се случило навечер. Тие мислеле дека никој не го видел нивното злосторство, но го видел Господ кој сè гледа и му заповедал на свети Архангел Михаил да го извади момчето од дното на морето, да го однесе и остави во олтарот на црквата од манастирот Дохијар. Светиот Архангел за миг ја извршил наредбата. Поминала ноќта и дошло утрото. Пред почетокот на утрената монахот еклисијарх ја отворил црквата, влегол и почнал да го подготвува она што е потребно за богослужба. Одеднаш слушнал некакво офкање од олтарот. Тоа го исплашило и тој истрчал кај игуменот и му раскажал што слушнал. Игуменот не му поверувал, туку го укорил заради маловерие и го испратил назад. Еклисијархот се вратил и само што влегол во средниот дел од храмот, повторно слушнал офкање во олтарот. Тој повторно истрчал кај игуменот. Тогаш и игуменот пошол со него и на негово големо чудење го нашле момчето во близина на светиот престол, како лежи со камен околу вратот, а морска вода се цедела од неговата облека. „Што е со тебе чедо?“ – го прашал игуменот. Момчето, како да се разбудило од сон, раскажало што му направиле монасите. Но кога паднало на дното од морето му се јавиле двајца луѓе, светли како сонце. Едниот од нив му рекол на другиот: „Архангеле Михаиле, однеси го ова дете во манастирот Дохијар“. Потоа јас не знам ништо повеќе што се случило со мене, ни како сум пренесен тука.

Откако го слушнал ова, игуменот Го прославил Бога и одлучил да ги изобличи убијците. Тој наредил утрената да се служи во притворот, а самиот тој да остане да ги чека несреќните користољупци. Кога тие пристигнале, игуменот ги запрашал: „Што треба да значи тоа, вчера отидовте по златото четворица, а сега се враќате тројца? Каде е детето?“ Убијците гневно одговориле дека и него и нив ги излажало она лукаво момче; не им покажало никакво злато, туку побегнало од нив. Игуменот, правејќи се дека ништо не знае, на тоа одговорил: „Што да правиме, нека биде волјата Божја“. По овие зборови тој тргнал во црквата заедно со убијците и ги внесол во олтарот до момчето кое стоело таму. Тогаш игуменот ги запрашал: „А кој е овој?“ Избезумени од ужас тие стоеле како статуи, не можејќи да изустат ни збор. Гледајќи дека Бог го открил нивното злосторство, тие признале сè, па дури и тоа каде го оставиле златото, кое потоа било донесено во манастирот.

Ова чудо се прочуло низ цела Света Гора и монаси од сите страни притекнувале во манастирот Дохијар да Го прослават Бога и Неговиот голем служител, свети Архангел Михаил. На заедничкото собрание на монасите одлучено е црквата да биде преименувана во храм на свети Архангел Михаил, а во чест на свети Николај да се подигне друга црква. Убијците биле одлачени и истерани од манастирот (Четиј минеј, 6. септември).

Превод: Свештеник Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *