Сведоштво на госпоѓата Ана Караиску-Стика од Верија: „Триесет години сум мажена и живеев 26 години со мојата свекрва во иста куќа. Поминав многу тешко, бидејќи последните пет години беше парализирана. Работев, и кога се враќав од работа дома ја наоѓав свекрва ми извалкана и куќата цела засмрдена.

На почетокот заради смрдеата на куќата не сакав никој да ми доаѓа. Од моментот кога со помош на мојот духовник не го гледав тоа како непријатност, туку како благослов, престана да ми смрди куќата. Си врзав во умот дека Му служам на Самиот Христос. Еднаш кога имав помисли и роптав, тогаш пак ја почувствував истата непријатна смрдеа.
Една вечер бев сама дома и бабата во нејзината соба. Отидов да ја видам што прави и тогаш видов дека таа беше фекализирала сè – чаршафите, ќебињата, тепихот. Иако по правило требаше да смрди, јас почувствував благоухание кое никогаш нема да го заборавам, и еден мир во мене извесно време, сè додека не ја исчистив бабата. Од тој ден кога го почувствував тоа благоухание па сè до смртта на бабата, секој пат кога требаше да ја чистам или да ја бањам, чувствував во мене мир, спокој и ништо не ми смрдеше“.
Превод од новогрчки јазик:
Ѓакон Јани Мулев
Наслов на изворникот:
Ασκητές μέσα στον κόσμο Α΄,
Άγιον Όρος, 2008