Чудата на свети Нектариј Егински – I дел

Loading

Исцелување од тешка болест

 

Моите родители потекнуваат од Егина. Се викаат И. и М. Л., од семејството Ф. Нивната почит кон свети Нектариј ни ја пренесоа и на нас. Кога моето детенце имаше 4 години дојдовме на Егина за да се поклониме. Тоа имаше здравствени проблеми заради тешката бременост која ја имав. Со текот на времето ги изгуби потполно сетилата. Му направивме електроенкефалографија и не покажуваше ништо.

Кога дојдовме на Егина и отидовме кај Светителот да се поклониме, „мамо“, ми вели, „не треба така да се поклонуваме“. Тоа клекна на колена, ја наведна главата до земја и потоа ја целиваше светата глава. Оттогаш до денес кога веќе има осум години не се разболе вторпат. Голема е благодатта на светителот!

Исто така, сопругот на една сопруга страдаше 25 години од егзем. Ги помина сите лекари без да најде лек. Му се имаше раширено на рацете, лицето, главата, насекаде. Лошо изгледаше. Веднаш штом дозна дека се вратив од Грција, дојде во Политија каде што живеам, за да дознае нешто за светителот. Го помоли со вера. Враќајќи се во нејзиниот дом, дојде еден лекар кај нејзиниот маж и тој се излечи. Се зачудивме. Како тоа, толку години не се најде таков лекар? Тоа го сфативме како одговор на молитвата на мојата пријателка. (22.02.1968 год., К. П. Австралија)

 

***

 

Мноштво добри дела

 

Жителите на Родос, познати по своите добри дела кон свети Нектариј, во 1968 собраа масло и го испратија во манастирот. Помеѓу другото ì напишаа на игуманијата:

Почитувана Старицо Евники,

Ви испраќаме десет канти масло. Ви ги испраќаме имињата на жените кои со толку добра волја го принесоа. Го имавме одамна собрано, но заради болестите и други работи не се потрудивме да го испратиме (…)

Кога слушна капетанот на бродот за кого се испраќа маслото, не сакаше да ни земе пари. Доаѓа со бродот МИРАНДА.

(28.02.1968) С.Г. – Родос.

 

***

 

Добивање на дете

 

Ви испраќам сума од 11.000 драхми, колку што собрав од моите приходи, за новата црква на светителот. Ги таксав кога бев болна и светителот ми помогна. Ви приложувам и едно јавно чудо на светителот. Една девојка се омажи со многу маки. Не можеше да забремени. Имаше направено операција од бениген тумур. Постојано имаше пречки. Се беше разочарала. Еден ден дојде кај мене дома и ми ја раскажа нејзината болка. Ì реков: „Не грижи се. Верувај му на свети Нектариј. Ќе те прекрстам со масло од кај него“. Ја прекрстив кај стомакот. Кога ја видов повторно, по неколку денови, таа дотрча, ме прегрна и ми рече: „Откако ме прекрсти со маслото, истата вечер го видов светителот во сон и ми рече: ,Не плаши се, ќе ти помогнам да добиеш дете‘“. Пред еден месец роди девојче.

(11.04.1968) Л. К. – Агринио

 

***

Се преселив во Хановер. Косата целосно ми испопаѓа од главата сè до темето. Мојата глава на средината стана како портокал, мазна. Отидов кај тројца лекари, но ништо. Во фабриката во која работам, една девојка ми даде масло од светителот. Го намачкав местото каде што ми испопаѓа косата и се случи чудо. Речиси се покри со коса целото место каде што беше испопаѓала. Му благодарам и го славам светиот Нектариј.

(08.04.1968) Н. Н. – Германија

 

***

Човек пред смрт – се спасил!

Жител сум на Јужна Африка. Родно место ми е Ираклио на Крит а мојот сопруг од Ретимно. Мојот сопруг страдаше од воспаление на вените во напредна фаза и беше закажана операција заради напреднатата состојба и на двете нозе.

Во декември 1965 год. му се појави сериозна болест на белите дробови. Можеби причина за болеста беше неговата работа (хемичар).

Оттогаш беше постојано под надзор на врвни лекари. Имаше редовни советувања, заради сериозноста и реткоста на состојбата, без да можат да ја подобрат или дефинираат состојбата. Редовно земаше кислород и осум видови на апчиња кои ги пиеше четири пати во денот.

Поради лошата циркулација на крвта беше нападнато и неговото срце. На 1 октомври 1967, ден недела, почна да плука крв. Го повикавме семејниот лекар и тој нареди да го пренесеме на клиника.

Болките станаа неподносливи, особено во ребрата и плукањето крв не престануваше. Во клиниката го чекавме докторот Ботулас (кардиолог – патолог). Веднаш го снимаше срцето, направи интензивни дишни испитувања и рече дека боледува од затнување на белите дробови и дека неговата состојба е критична.

Три дена постојано го следеше овој лекар – професор. Во ден четврток, замина за Дурбан на Лекарски семинар кој траеше 7 денови. Следеа посети од професорот Фулер, специјалист хирург – кардиолог, експерт за торакални болести. Следеа испитувања на крвта во Државната лабораторија и кај приватни микробиолози.

Со голема борба поминаа единаесет денови, кога се врати докторот Ботулас и го прегледа. Мала надеж за живот. На 12 октомври испушти претсмртна воздишка. Мртовечка боја на лицето и на рацете. Не се потресов ни најмалку пред таа трагична глетка. Ме поддржа некоја божествена сила. Од комодата ги зедов двете шишенца со свето масло и две икончиња, од Пресвета Богородица Тиноска, и од свети Нектариј. Му ги намачкав усните, додека устата му беше отворена. Го прекрстив и истовремено со солзи се помолив. Дојде лекарот, го прегледа и ме погледна натажено.

Имав повикано и свештеник да го причести. Попладнето докторот Ботулас буквално ми рече: „Госпоѓо Ѕ., жалам многу, но вашиот сопруг ќе живее уште половина час. Би биле среќни ако поживее најмногу три часа“.

Тогаш му реков: „Кажете ми, на крај, лекаре. Што има? Рак, внатрешно крварење, леукемија, туберкулоза?“ И тој ми одговори: „Сето тоа. Срцето му е проширено и не може пак да се собере. Белите дробови и двата му се скапани. Само чудо може да го спаси“.

Тогаш му реков: „Верувате ли и вие, лекаре, во чуда?“ И тој ми одговори: „Се разбира. Сите научници веруваме во чуда. Кога ние и науката со сите нејзини расположиви средства не можеме да го спасиме, тогаш го оставаме на Божествената Сила“.

Помина половина час и три часа и цела вечер со моите срдечни молитви. Утрото, какво чудо, мажот ми ги отвори очите и го изеде неговиот појадок.

Мојот маж е внук на монахињата Марија, која беше зографиња во времето на свети Нектариј, во неговиот манастир. Сите носиме беџови со неговиот лик. Од 12 октомври, кога ќе биде пренесен во Главната Болница во Јоханесбург, за да биде прегледуван и од други лекари, ги зедов со себе сите рентген снимки и лекарски мислења. Исто така и препорачаното писмо на докторот Ботула до неговите колеги, кое од љубопитност го прочитав. Пишуваше да се направи бавна подготовка. Тука умрените ги ставаат во фрижидери, сè до денот на погребувањето. Ја разбирате мојата тага во секој миг, секој ден. Но не ја изгубив мојата надеж. Некоја сила ме туркаше да се молам со побожност и вера.

Поминаа така две недели во болница. Во третата недела некој колега на мојот маж ми донесе книга за свети Нектариј. Ја прочитав со солзи ноќта и во текот на денот му ги прераскажав чудата на мојот маж, кој очигледно ме следеше и ме разбираше.

Во третиот ден по ред од раскажувањето, ми рече да му ја донесам книгата за да ја прочита. Буквално се изгубив. Неговата состојба темелно се измени веднаш откако ми рече дека таксал злато за свети Нектариј. Му реков дека и јас имам таксано исто.

Од наредниот ден професори лекари, болничари и други беа многу растрчани. Дневно се правеа по пет снимања на рентген. Следеа советувања. СЕ ПОЈАВИЈА НОВИ БЕЛИ ДРОБОВИ! Дишењето полека му се подобруваше. Примаше помалку кислород.

На 9 ноември, денот кога се празнува светителот, во моментот кога се враќав од црква кон болницата, ми рекоа лекарите дека за десет дена ќе излезе здрав. Така и стана.

Еден од лекарите, по потекло евреин, го праша мажот ми, покажувајќи кон беџот што го носеше на пижамата: „Што е ова?“ Мажот ми му објасни дека тоа е еден голем грчки лекар, кој се вика свети Нектариј и дека тој му го вратил здравјето. Потоа извади една икона од светителот со владички одежди, му ја покажа, се прекрсти на православен начин и ја целиваше. Евреинот, откако го ислуша со внимание, ја наведна главата и замина безгласен.

Мажот ми не се сеќаваше ништо, ни како се разболе, ниту на болницата. Се сеќаваше само од денот кога почна да ја чита книгата.

Веќе почна да работи на истата работа од 29 јануари.

Ве молиме да ни испратите икона од светителот, за да ја ставиме во црква за целивање. Овде христијаните не го знаат светителот. На неговиот празник на Божествена Литургија имаше само 5-6 жени.

Ви испраќам 1000 драхми во грчки пари. Благодатта на светителот да нè удостои да дојдеме побрзо за да се поклониме и да ги исполниме останатите наши ветени нешта. (16.05.1968) Г. П. – Јоханесбург.

 

Превод од новогрчки јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Θαυμαστά σημεία του αγίου

Νεκταρίου Πενταπόλεως

του εν Αιγίνη, Ι. Μ. Αγ. Τριάδος –

Αγίου Νεκταρίου, Αιγίνης, 2008.

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *