(16/29 август)
Свети Константин е роден во 1654 (или 1655) година во Влашко (Валахија). Воспитан од својот чичко Константин Кантакузин, добил одлично образование. На 29 октомври 1688 на собранието на болјарите тој бил избран за кнез на Валахија, која ја управувал кротко и трпеливо во текот на 25 години, во сѐ постапувајќи во духот на Евангелието. Благодарение на искусните дипломатски сојузи му успеало, без оглед на турските противења, да ја издигне својата земја на степен на голема држава. Светиот кнез Константин изградил мноштво цркви и манастири во Валахија, градел школи, инвестирал во образованието на народот, неговите изобилни милосрдија се распространувале и на целиот православен свет, особено на Света Гора Атонска. Земјата која има такви водачи, не треба да се грижи за својата иднина!
Во 1703 година, кога кнезот бил болен, го повикале кај султанот во Адријанопол поради тоа што Валахија не е способна да ги плаќа постојано растечките даноци. Искористувајќи го неговото отсуство, неговиот најблизок соработник, командантот на влашката армија Тома Кантакузин, преминал на служба кај русите. Таа постапка длабоко го повредила кнезот и го приближила неговиот крај. Лажно обвинет за тајни контакти со Австрија, Русија и Венеција и за тоа, дека присвоил во полза на своето семејство земја во Трансилванија, тој бил уапсен на Велика Среда 1714 година, по наредба на султанот Ахмед III, кој копнеел да го грабне неговото богатство. Но, на големо изненадување, луѓето на султанот во дворецот на Константин нашле само малку сребро. Откако се збогувал со најблиските и поставил свој наследник, светиот Контантин, кој тогаш имал 60 години, рекол: „Ако ова искушение ми е испратено од Бога поради моите гревови, тогаш нека биде Неговата волја. Ако е ова израз на злобата на луѓето, кои го посакуваат мојот крај, тогаш Бог нека им прости на моите непријатели…“
Го довеле во Константинопол со своето семејство и неговиот верен советник Јанаке Векереску. Четири месеци тие трпеле измачувања и лош однос. Откако го ставиле кнезот на мачење врз тркало, му ставиле на главата вжештен венец, потоа му заковале клинци во рацете и нозете. Судијата им предложил на затворените спокоен живот доколку преминат во ислам, но Константин и неговите синови (Константин – 31, Штефан – 29, Раду – 24 и Матеј – 12) останале непоколебливи во исповедањето на вистинската вера и објавиле дека се подготвени да умрат за Христа.
На празникот Успение на Пресвета Богородица, нив, буквално како последни злосторници, ги извеле од затворот кон местото за казнување во близина на дворецот – боси и облечени само во една кошула. Таму веќе бил султанот, неговиот везир и пратениците од великите европски држави. Пред поворката одел најмладиот син на кнезот, Матеј, кој имал дванаесет години. Осудените ги поставиле на колена во еден ред, и кнезот Константин рекол: „Деца мои, бидете храбри! Изгубивме сѐ во овој свет. Да ги спасиме барем нашите души, измивајќи ги гревовите со крвта… Спомнете си за сѐ што претрпе Христос заради нас. Вашата славна вера нека не биде поколебана во овој час“. Главите на трите постари синови и на кнезовиот советник паднале, но кога дошол ред на Матеј, детето го опфатил страв – и тој ветил дека ќе стане муслиман. Неговиот татко во тој миг покажал храброст со овие зборови: „Подобро е да умреш илјада пати, отколку да ја предадеш нашата вера, која никој не може да ни ја одземе“. Тогаш момчето повторно се укрепило и кротко ја наведнало главата пред мечот на џелатот, велејќи: „Сакам да умрам како христијанин“.
Телата на шесте маченици биле фрлени во водите на Босфорот, а нивните глави ги наденале на копјата на влезот од дворецот на султанот. По три дена биле фрлени во морето, но по заповед на патријархот, христијаните ги нашле и ги положиле на островот Халки. Сопругата на маченикот Марика и другите членови на семејството, кои биле во затвор, ја избегнале смртта благодарение на огромниот откуп, собран од христијаните. Откако се вратиле во татковината после сите митарства, кнегињата во 1720 година успеала да ги пренесе во Букурешт скапоцените мошти на сопругот и децата. Тие биле положени во црквата на свети Ѓорѓи Новиот, која ја изградил кнезот.
Благодарение на него Букурешт е издигнат како главен град, изградени се и обновени многу цркви со „бранковеански стил“, отворени се четири печатници и многу други просветителски подвизи.
Нивниот свет спомен се слави на 16/29 август.
По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин!
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев