Разлика помеѓу Божјите и човечките казни

Loading

„Кој синот свој го сака, често го казнува – та на крајот да му се радува“, учи старозаветниот мудрец (Мудр. Сир. 30, 1). Луѓето употребуваат казни за да ги вразумат децата и оние кои го прекршуваат законот. На тој начин, казните немаат одмаздољубив карактер, туку педагошки: да поправат. Слично прави и Бог со луѓето. Но сепак постои голема разлика помеѓу едните и другите казни. Во суштина, Бог никого не казнува, па затоа не би требало ни да зборуваме за Неговите казни. Тој само му допушта на човекот, како на разумно и слободно создание, да прави зло и да страда од него, да го жнее она што ќе го посее, да падне во бездната на патот кој сам си го одбрал, во очекување човекот сам да си ја види својата грешка и опасноста која му се заканува. Ако човекот не ја увиди таа опасност, Бог се труди да му ги отвори очите; ако злото кое го прави толку го опило, што тој како пијан се клати и се приближува кон амбисот на провалијата, Бог настојува на разни начини и со разни средства да го разбуди и освести. Со еден збор, прави сè за да го спаси, не нарушувајќи ја неговата слобода, која од почетокот му ја подарил. Ако му се заканува и со казни, не го прави тоа од желба за одмазда, туку само му ги предочува последиците од неговото напуштање на заедницата со небесниот Отец и здружувањето со злото. Со тоа нема ништо да Му наштети на Бога, туку на себе. Злото кое ќе го снајде на крајот не дошло како Божја казна, туку е последица на неговото одвојување и оддалечување од Бога, изворот на секое добро, и плод на другарувањето со злото. Такво е и вековното верување на нашиот народ, изразено во онаа народна изрека „Кој со ѓаволот тикви сади, ѓаволот му очи вади“.

661. Бог никому не му се одмаздува. Според учењето на свети Јован Златоуст, Бог не им се одмаздува на оние кои грешат против Него, зашто никаква штета не можат да му сторат на Неговото битие, туку притоа Он ја има предвид нашата полза, за ние да не ја умножиме нашата расипаност, продолжувајќи да игнорираме и презираме. Како што човекот кој се оддалечува од светлината ни најмалку не ì наштетува на светлината, туку многу си штети на себе, потопувајќи се во мрак, така и оној кој се навикнал да го игнорира Бога не Му штети Нему ни најмалку, туку самиот на себе си причинува најголема штета. Затоа Бог ни се заканува со казни, и честопати ги допушта, не за да се одмаздува, туку за да нè привлече кон Себе; ни се заканува со пекол, за да не паднеме во него. Ако човек не го послуша Бога, самиот е виновен за своите страдања и својата погибел.

Исто, само со други зборови, учи и свети Иринеј Лионски: „Сите кои негуваат љубов кон Бога Он ги прима во општење, заедница. А заедницата со Бога е живот и светлина и насладување со сите богатства што Он ги има. А оние кои по своја волја отстапуваат од Него Он ги оддалечува од себе, што самите тие го избрале. Одвојувањето од Бога е смрт, и оддалечувањето од светлината е темнина, и отуѓувањето од Бога е лишување од сите богатства што Он ги има. Затоа оние кои со своето отпадништво го изгубиле сето тоа, како лишени од сите богатства, се наоѓаат во секакво мачење, не затоа што самиот Бог однапред ги подложил на казна, туку казната ги постигнува како последица на нивното лишување од сите богатства. А бидејќи Божјите богатства се вечни и без крај, затоа и лишувањето од нив е вечно и без крај“.

662. Бог му помага на човекот што тежнее кон Него. Великиот тајновидец Симеон Новиот Богослов тврди, врз основа на своето искуство: „Бог не им допушта на оние, кои со целото срце тежнеат кон Него, сосема да паднат од скалата на совршенството, туку гледајќи ги дека омлитавеле, им помага, подавајќи им ја раката на својата сила ги крева кон себе, им помага јавно и тајно, и знајно и незнајно, додека тие, поминувајќи ја целата скала, се приближуваат кон Него и целосно се соединуваат со Него, забораваат сè земско, заедно со Него пребиваат и живеат, во тело или надвор од телото, не знам, и се насладуваат со неискажаните богатства“.

 

Во Божјата прегратка

 

Што доживува човекот во Божјата прегратка открил преподобниот авва Исаија (+370): „Човекот во Божјата закрила е сличен на дете во прегратката на мајката. Како што тоа тогаш ги презира среброто и златото, играчките и сè што му нудат другите, и држејќи се згрчено за мајката останува во нејзината прегратка, така и човекот кој ја вкусил сладоста на божествената прегратка останува во неа, и на сè што му се нуди гледа со презир“.

Резиме

 

Главно на сè што си прочитал е: „Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“, советува старозаветниот мудрец Соломон (Проп. 12, 13-14). Тоа е и нашиот совет.

Извадок од: Најдобриот воспитувач, изд. на Повардарска епархија.

Превод: Ѓакон Јани Мулев

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *