Божјата Промисла за нашите потреби
Бог е грижлив домаќин. Он во Своите раце ги чува сите големи и богати животни блага, и само Него треба да Го молиме за истите. Пустиножителот Марко обично говорел: Кој не се потпира на Бога во добивањето на од Него дадените привремени богатства, тогаш тој уште помалку може да се надева да го добие од Бог, она што води во вечен живот, на пример, верата, надежта и љубовта. „Не грижете се со душата своја, што ќе јадете и што ќе пиете, ни со телото свое, во што ќе се облечете. Не е ли душата поважна од храната и телото од облеката?“ (Мат. 6, 25). Кога Он ни дарувал живот (без наши заслуги, кога уште не постоевме), којшто е поскапоцен од храната, и тело кое е поважно од облеката, тогаш без сомнеж ќе ни го даде и сето она што придонесува за зачувување на животот и потребите на телото. Нема да нè одбие во сето тоа, бидејќи Самиот посакал, по Својата огромна добрина, да ни дарува живот. И ако нам како дар со задоволство ни го дал она што е за нас најважно, тогаш можеби и сака да ни го даде и ни го праќа и она што е помалку важно. Но ќе ни го прати под услов и ние да не останеме празни: бидејќи Он нè создал и повикал на земјата, за да ја обработуваме и одржуваме во ред (1. Мој. 2, 15), а не попусто, за да се надеваме на Него Едниот, Семоќниот и Седарежливиот, а не самите на себе. Јов молејќи се за храна на гавранот, а не мислејќи на себеси, говореше: Кој му ја приготвува храната на гавранот кога пиленцата негови, скитајќи без храна, викаат кон Бога? (Јов 38, 41).
Учењето на Исус Христос

И самиот Исус Христос, земајќи ги птиците за пример, нè учи и говори: „Погледнете ги птиците небески: тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни“ (Мат. 6, 26). Истиот Небесен Учител вели: „Не се продаваат ли две врапчиња за еден динар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња“ (Мат. 10, 29-31). Тој прв пример против нашето маловерие го претставуваат животните, кои се хранат без никаква грижа за себеси – та од нив да се научиме да ја спознаеме семожноста на Божјата Промисла, во Која единствено и можеме да најдеме смирение и душевен мир.
Друг пример ни се полските кринови. Господ Исус Христос укажувајќи ни ја Божјата Промисла за малите птици и косата на главата говори: „Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив“ (Мат. 6, 28-29). И оттаму Христос изведува заклучок: „Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла. Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни!?“ (Мат. 6, 30).
На тоа нашиот Спасител и Господ ја додава и третата поука за бесмисленоста на нашата грижа, говорејќи: „А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?“ (Мат. 6, 27). Секоја наша грижа за самите себеси која не е соединета со довербата во Бога е залудна, за што и Господ говори: „Мисли ли некој од вас дека, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст? И така, кога ни најмалото нешто не можете, зошто се грижите за друго?“ (Лука 12, 25-26). Суетен е, празен и бескорисен вашиот труд, ако Бог не го поддржи и благослови. На секој свој почеток и дело положи ја својата доверба на Бога, и Он (без твој труд) сè ќе уреди онака како што е најдобро по својата неискажлива милост: „Он ја отвора Својата рака и заситува сè што е живо со својата добрина“ (Псал. 144, 16).
Зошто меѓу нас има многу сиромашни?
Значи, ако Господ се грижи за задоволување на животните потреби на сите воопшто: „Тој создал и мало и големо, за сите подеднакво промислува (Прем. Солом. 6,7), тогаш зошто има толку голем број на сиромашни луѓе? Чудна е браќа Божјата Промисла за сиромашните. Вистината за тоа ја кажал светиот Златоуст, дека немаат само сиромашните потреба од богатите, туку и богатите имаат уште поголема потреба за сиромашните. Сето добро и на Бога угодно што постоело и што постои во светот уредено е со грижата и работата на сиромашните, но трудољубиви и богобојазливи луѓе. Бидејќи биле лишени од задоволства и пари, тие се труделе со потта на своето лице, продавајќи им ја својата работа на богатите. Тие не го заборавале Бог, се молеле на својот Творец и Промислител, Кој им бил Покровител во нивната сиромаштија. Многу свети Божји угодници, живеејќи во крајна сиромаштија, Го сакале Бога повеќе од секој богаташ и имале за себе најголема Божја Промисла. Немајќи ништо, но како да поседуваат сè, тие слободно, во голема душевна радост ја принесувале молитвата: „Отче наш, Кој си, на небесата…“, имајќи ги во устите и срцата зборовите на Псалмопејачот: „Стави го на Господа своето бреме и Он ќе те укрепи“.
Божјата грижа за оние кои Му се предале со сето свое срце
Навистина, нашиот Отец небесен има толку голема Промисла и грижа за луѓето, кои Му го предале своето срце, така што кога се лишени од човечка помош, Он им испраќа Своја небесна помош. На пример, таква небесна помош Бог му испратил на пророкот Илија. Како прво, Он им наредил на гавраните да му носат храна; и гавраните му носеле леб и месо секое утро и секоја вечер, а вода пиел од потокот. Како второ, кога тој поток пресушил Бог му наредил на Илија да оди во селото Сарепта Сидонска кај некоја сиромашна вдовица да се храни. Сиот имот на таа вдовица се состоел од малку брашно во буре и од мала количина на масло, ама по Божја Промисла за време на престојот на пророкот во куќата ниту брашното во бурето се потрошило, ниту количината на масло се намалувала. Трето, кога Илија во сон ја олеснувал својата сиромаштија, му се јавил Ангел Господов од небото, го разбудил допирајќи го и велејќи му: стани, јади и пиј. Илија се разбудил и го видел следното: покрај неговата перница имало печен леб и бокал вода. Го изел целиот леб, се напил вода и повторно заспал. Божјиот Ангел истото тоа го повторил и по вторпат. Таква иста преславна благодат Седарежливиот Бог им јавувал и на многу други Свои Угодници, кога им било потребно.
Нашето маловерие
Многу често добиваме од Бога благодат во своите потреби, често сретнуваме големо маловерие кај многумина што се плашат да не бидат лишени од неопходното за одржување на пристојниот земски живот. И ние денес зборуваме заедно со Јудеите: „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?“ (Псал. 77, 19), и со апостолите Филип и Андреј: „Не ќе им биде доволно леб за двесте динарии, па да добие секој од нив по малку“, пет јачменови лебови и две риби – „што е тоа за толку души?“ (Јован 6, 7-9). О, колку маловерни луѓе сме ние! Отецот наш Небесен знае, дека сето тоа ни е неопходно, зарем благодатта Божја денес е помала во споредба со минатото?
Примери од црковната историја
На свети Павле, првиот пустиножител, гавран во текот на 60 години му носел половина леб, ама кога кај него дошол свети Антониј Велики, гавранот донел цел леб. Јован – пустиножителот 14 години, во кои никој од луѓето не го видел, се хранел со млеко од женка на елен. Многу од пустиножителите имале храна и облека од дрво од урма: тоа им служело и за шиење и за печење на леб. Во 653-то лето по Христа Јудок, синот на британскиот цар, одрекувајќи се од царскиот престол се замонашил и станал пустиник. Тој на островот направил црква и изградил манастир. Исто така бил и дарежлив кон сиромашните. Се случило во манастирот да остане леб само за браќата кои работеле, но тој наредил лебот да се подели на четири дела и првиот дел да се даде на сиромавиот. Сиромавиот променувајќи ја својата облека доаѓал четири пати во денот да проси милостина, и ги добил сите четири дела, така што не останало ништо за браќата. Потоа еден од нив почнал да се бунтува и да го опоменува игуменот за неговата преголема дарежливост. Јудок тешејќи го му рекол дека треба да очекуваат помош од Бог. По неколку часа до манастирот пристигнале четири брода полни со прехрамбени продукти со кои во изобилие се нахраниле изгладнетите браќа. Вистината ја кажал Августин: „Мислиш ли дека оној кој го храни Христос (односно сиромашните), нема и самиот тој да биде нахранет од страна на Христос?“. Домарот на некој манастир отпуштил двајца браќа поради некоја манастирска работа. Кога се стемнило, патниците исцрпени од макотрпната работа, преморени од глад и тажни, почнале да воздивнуваат поради тоа што ќе дојдат во сиромашно село и дека таму нема да имаат никакви познаници, односно нема ниту да се одморат ниту пак да се закрепат со храна. Некој странец ги пресретнал и ги прашал за причината на нивната тага и кога му ја кажале својата неволја, тој им рекол: „Вие оставивте сè заради Бог со најголема доверба во Него, а сега тагувате како да сте лишени од секоја надеж: Бог ги храни животните, зарем ќе ги остави синовите гладни?“ Велејќи го тоа станал невидлив. Кога пристигнале во градот и се помолиле во црква, градоначалникот ги повикал кај него на вечера, меѓутоа некој друг жител на тој град ги замолил да отидат во неговата куќа, трет пак приоѓајќи и гледајќи ги како дискутираат, го решил спорот велејќи им дека првиот човек како почитуван од сите има предност, со таа одлука сите биле задоволни, отишле кај него дома и тој ги нагостил во изобилие. Меѓутоа, ваквите и некои други слични примери не го искоренуваат нашето маловерие; без разлика што Бог ни праќа сè, ние се ужаснуваме од немаштијата, тагуваме кога немаме сè и премногу.
Зборуваат луѓето за некој сиромав, кој погледнувајќи во својата торба видел дека таа е полна со корки леб, кои ги беше собрал од многуте дарежливи луѓе и рекол: сега сум јас богат. На тој сиромав човек многу личиме и ние самите: ние се надеваме на Бог дури тогаш кога нашата трпеза е полна со многу добра кои ќе ни бидат доволни за многу години.
Поучниот пример на свети Јован Милостив
Таков не бил и свети Јован, патријархот александриски. Претрпувајќи големи загуби – кога морската бура уништила 13 црковни бродови со пченица, на секој брод имало по педесет илјади мери – ја положил сета своја доверба во Едниот Бог и во него ја нашол најголемата радост. Таква загуба претрпеле истовремено речиси половина од граѓаните на Александрија, и затоа сите спасени патници се собрале во Александрија, како во тивко пристаниште. Свети Јован на сите веднаш им испратил писмо, за утеха, во кое пишувало: „Господ дал, Господ и зел, како му било угодно на Бог, така и се случило; нека биде благословено Името Господово!“ (Јов 1, 21). „Истрпете деца, и од ништо не плашете се!“ Утредента кај него се собрале голем број на граѓани заради утеха во несреќата. Но тој поита пред нив, земајќи ја вината врз себе и велејќи: „Бог ме сочува од голем грев, не се случи тоа та вознесувајќи се со умот да не се возгордеам и да имам за себе високо мислење, дека давам многу милостина на сиромашните и дека сум дарежлив. Заради тоа Отецот праведно го казни својот сакан и суетен син, за да не се возгордее. Бог милостиво нè предупредува, нанесувајќи ни неколку рани, за брзо да му се обратиме. Ама Он е Тој ист Бог, Кој беше и во времето на Јов, толку Семоќен и толку милосрден. Он нема да нè остави“. Со тие зборови патријархот ги развесели оние кои беа дошле да бараат утеха. Набрзо Господ Бог двократно ја надополни Јовановата загуба, а тој им даваше на сиромашните најобилна милостина. Да се сомневаш или да бидеш малодушен во врска со слични ситуации значи исто како и да тврдиш дека: Бог е себичен, или заборава, но таквите расудувања припаѓаат на нечесните, безбожниците, од нив треба да се оддалечуваме.
Надевањето во Бога на пустиножителот Аматиј
Аматиј пустиножителот, свет маж, во свое време бил живо огледало. Во него биле должни да се огледаат, сите оние кои Божјата Промисла ја сфаќаат неправилно или ја отфрлаат или хулат на неа. Аматиј, трудејќи се триесет години во манастир, се оддалечил во пустина, каде што на каменот, којшто го избрал, живеел во голема воздржаност. Еден од браќата во манастирот секој трет ден му носел парче леб и чаша вода – тоа била единствената негова храна. Таквата воздржаност не му била угодна на ѓаволот: и слетал гавран, ја превртел со нозете чашата со вода, а парчето леб го зел во клунот и одлетал. Така подвижникот бил лишен од тридневната храна. Како на тоа гледал добродетелниот маж? Можеби го колнел гавранот, или хулел на Божјата волја, или почнал да ги порекнува замките на злите духови? – ништо од тоа не сторил. Ние така постапуваме во слични ситуации, а тој подигајќи ги рацете и издигнувајќи го умот кон небото, извикал: „Ти благодарам, Господи Боже мој, што ти беше угодно да ме оставиш во нешто подолг пост по Твојата света волја. Знам дека во иднина тоа ќе ми биде од голема полза, бидејќи во светот ништо не се случува без Твојата Промисла, без Која ниеден лист не паѓа од дрвото“. А ние грешните мислиме, дека горењето на куќата во пожар, потопувањето на бродовите, одземањето на имотот, личните навреди се случуваат кога Божјата Промисла спие или не гледа, – со еден збор не веруваме во Божјата Промисла. Тоа дури и идолопоклонците подобро го сфатиле од нас, бидејќи здраворазумните меѓу нив расудувале дека ништо во светот не се случува според човечката волја, ниту по слепа случајност. Навистина сè доаѓа од Бога, според Неговата праведна Промисла. Поради што тогаш ние негодуваме и често дури и се бунтуваме?
Безбројните сведоштва за Божјата помош
На размислување за Божјата Промисла нè наведуваат и многубројните примери. Еден богобојазлив маж, поминувајќи девет милји од градот, но не стигнувајќи до одредиштето, измачен од топлината, гладен и жеден, со лелекање легнал под некоја круша. Лежејќи почнал да кажува молитви и тогаш на врвот од дрвото здогледал еден плод. Во тоа време покрај дрвото поминувал некој странец, приближувајќи му се на патникот и дознавајќи ја причината за неговата изнемоштеност, од глад и жед, извадил чист леб и еден дел му го дал на изнемоштениот заради поткрепување на неговата сила. Тоа е вистина и илјадници слични примери постојат, и ние самите сме имале можност да ги видиме. Без оглед на тоа, ние сосема малку се надеваме на Божјата Промисла! Доколку нашите садови, сандаци, и житници не се наполнети до врв со секакви добра, ние паѓаме со духот. Но кога ни е стомакот полн, паричникот полн со пари, тогаш имаме надеж. О, колку сме слепи! Вистинско надевање во Бога е она, кога наоѓајќи се во тешки услови, најголема потреба и сиромаштија, не паѓаме со духот, туку со трпение ги победуваме сите наши незгоди. Бидејќи колку повеќе страдања ќе поднесеме, толку поголема слава и венец ни се подготвуваат. Блажениот Јероним поучувајќи за тоа рекол: „Човекот нека биде она што треба да биде, и во тој миг сè ќе му испрати Оној, Кој создал сè“. Праведно воскликнува блажениот Августин: „О, Боже мој! Ти толку се грижиш за секој човек, како да го имаш само него, така се грижиш за сите, како за секој човек поединечно“. Светиот Григориј вели: „Бог се грижи за секого како за сите, и за сите промислува како за еден“. Така и за тебе, читателу, се грижи Божјата Промисла, како да нема за што друго да се грижи. Многубројноста на народот, за когошто се грижи Бог, не ја мачи Божјата Промисла, ниту ја оптоварува: За Бога грижата за еден човек е таква каква што е грижата за илјадници луѓе. Како што во минатото се грижел за Ное и членовите на неговото семејство или за Адам во рајот, така Бог и денес подеднакво се грижи за сите.
Превод од српски јазик:
Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија
Наслов на изворникот:
Свети Јован Тобољски, Божији Промисао