Архимандрит Георгиј Капсанис
(Беседа на старецот на трпеза во манастирот во 1989 година.)
Како и сите Господови празници, така и денешниот празник има карактер Тријадолошки, Христолошки, антрополошки и се однесува на целото создание.
Тријадолошки, бидејќи многу јасно се покажа Света Троица, т.е. трите лица, толку јасно како што никаде не се имаа појавено, и Го познаа сите кои беа таму и Му послужија – главно Чесниот Претеча – Троичниот Бог. А преку нив и сите ние. Бидејќи тие ни предадоа, а ние како да сме биле сведоци очевидци, веруваме во она што тогаш се објави и се откри. Затоа и пеевме денес „Денес се случи објавување на Троица во Јордан“, но и во Јордан и во нас.
Има христолошки карактер, бидејќи оној кој е главно лице во таинството е Владиката Христос, Којшто уште еднаш го покажува Неговото крајно смирение и крајното послушание кон Бога Отецот. И кога се роди во пештерата, и сега кога се крштева, и на Крстот, и секогаш ова беа двете добродетели на Христос, коишто станаа причина на нашето спасение. Како што Адам падна преку гордоста и преку непослушанието, така и новиот Адам (Христос) можеше да го поправи човечкиот род само преку смирението и послушанието. И така ни остави и „нам пример, за да ги следиме Неговите траги“.
Но, ова е празник кој го допира и човекот, бидејќи, сѐ што се случува со Троичната соработка во Христа, го допира човекот. Слегува гол во водата, за да го земе оголениот од благодатта Божја човек и да го воскресне и да го облече во нова одежда на нетленоста. Значи, заради нас и заради нашето спасение. Како што исповедаме во Символот на верата, дека сѐ што стана од Господ, стана „заради нас и заради нашето спасение“.
И не го допира само човекот, туку и целото создание, целата творба. Бидејќи Господ слезе во Јордан, но слегувајќи во водата на Јордан ја донесе и благодатта која го следеше и ги освети водите, елементите на природата, на целата природа. „Ја ослободи нашата природа од клетвата на родителите“ (Молитва на Великиот водосвет, од свети Софрониј Ерусалимски). Така и на целото Божјо создание се излеа благодатта и духовниот благослов, и ѝ се даде на природата сила, колку што се повторува таинството, да стане знак на присуството Божјо. Бидејќи секој пат кога се извршува светото Крштение во нашата црква и водата се осветува за да се крсти еден човек, еден огласен, оваа вода го содржи благословот од Јордан. Таа е истата вода која ја освети Господ во реката Јордан. И бидејќи ја има оваа благодат на крстениот Господ, затоа го осветува и крштеваниот христијанин и го обновува, така што да чекори во нов живот во Бога.
Значи, ѝ благодариме на Света Троица и на Воплотениот и Крстениот Господ, Којшто во таквите натприродни, надумни, преславни таинства го устрои нашето спасение. И ние денес со вера се поклонуваме на ова таинство на светото Крштение и на Троичното Богојавление (Теофанија) и го молиме да ни помогне да останеме секогаш со смирение и послушание во светата Негова Црква, така што и ние да можеме да ги почувствуваме овие таинства, да ги живееме овие таинства, да ги гледаме со нашите духовни очи, но и да се осветуваме, не заборавајќи го она што го нагласив пред малку, дека сето тоа стана заради нас и заради нашето спасение.
И тешко нас, ако Бог направи такви чудесни настани заради нашето спасение, а ние остануваме надвор од спасението. Затоа и секој празник, како што и претходно ѝ нагласив на вашата љубов, треба да е за нас едно потресно доживување и истовремено едно скалило, едно наше издигнување кон Бога, така што и целта на празниците да се исполни и ние да се усовршиме во Христа и да пораснеме, според светиот Максим Исповедник.
Благодатта на крстениот Господ да биде со вас во сите денови од нашиот живот.
(Од книгата на старец Георгиј Капсанис „Беседи на неподвижните Господови и Богородични празници“ од 1981-1991, прво издание, на манастирот Григоријат, Света Гора, 2015 година)
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев